Денешна дата
06/10/2022

Стојан Андов: Чести избори значат политичка нестабилност

Сега би рекол дека имаме иста, дури и полоша ситуација со медиумите од порано

Инбокс7:  Дали сметате дека Македонија станува заложник на политичките интереси на партиите во однос на брзината со која кај нас се организираат избори?

Андов:  Општо правило е и општа е оценката дека честите избори, кога всушност доаѓаат како резултат на скратување на мандатот на веќе избраните пратеници одразува знаци на нестабилност, политичка нестабилност во државата. Нестабилност која не дозволува во дадени услови, со даден состав на Собранието, да се остварува политиката која Владата ја спроведува во тој период. И затоа таа бара нов мандат. Тоа е недоверба на Владата во Собранието, тоа е правдање на Владата за неспроведување на нејзината политика и знак на неусогласеност на тековната политика со државните интереси. Тие проблеми на извесни отстапувања, на неможност на Владата да ги спроведува прокламираните политики во светот се решаваат со оставка на една Влада и избирање на друга Влада од истиот состав на Парламентот.

Инбокс7: Дали има едноставно простор, еве за претседателот на државата да се бира во Собранието и воедно за сосема нова функција потпретседател на државата?

Андов: Мислам дека треба добро да размислиме за дилемите кои се јавуваат во областа на некои наши решенија какви сме ги имале. Јас бев претседател и на Собранието и на Уставната комисија. Кога работевме на Уставот во 1991 година во фазата на разгледување на Уставот во Уставната Комисија ние бевме во дилема дали претседателот да се избира на општи избори или во Собранието.  Преовлада ставот дека претседателот треба да се избира во Собранието. Меѓутоа, тогаш имаше работна група, каде не беа сите членови на Владата, која ја формирал г-нот Глигоров. Таа работна група имаше задача да ги застапува неговите гледишта во расправата во Парламентот, во Комисијата, а и потоа. Со овој заклучок на Комисијата не се сложи говорникот во име на таа работна група што го застапуваше претседателот Глигоров. Се работеше за Фрчкоски. Тој дури си поднесе оставка. Јас имав многу сериозни разговори со Глигоров. Излезе дека тој сака изборот на претседателот да биде на општи избори. Му ги објаснував аргументите на другата страна, дека ние не правиме претседателски систем, дека нашиот претседател според Уставот нема извршни овластувања. Тој има право да предложи гувернер на Народна банка, да прогласува генерали, амбасадори..Според тоа, не е дефинирана неговата извршна функција. Може да се случи да дојде до конфликт, да има апетити да има извршна функција. Ние не сме имале досега претседател избран на општи избори кој во некој период од својот мандат не дошол во многу сериозен судир со Владата. Ниту пак постоеле инструменти тој судир да се разреши, да даде некој пат како да одат работите. Имаше сериозен судир меѓу Глигоров и Владата околу Законот за надворешни работи и уште неколку закони. Трајковски и Георгиевски по многу прашања се разидуваа, Црвенковски и Груевски, исто така, по многу прашања се разидуваа. Сега се согласуваат во овој период, Ѓорѓе Иванов и Владата, но, тоа е така, бидејќи претседателот нема друг став освен оној на Владата.  Тој не укажува, како што стои во уставните решенија, да надгледува и да гледа како оди целиот систем на државното уредување, демократските институции како делуваат итн. Мислам дека тогаш не се разбиравме. Глигоров веројатно имаше во предвид бидејќи тогаш во Собранието тој тешко помина. Во периодот на првото гласање моравме два пати да гласаме, на 19 јануари 1991 година. Тој иако беше единствен кандидат, не доби. На 27 јануари извршивме подготовки, гласавме и беше избран и тоа со убедливо мнозинство. Веројатно поради ова искуство кај него преовлада идејата за општи избори дека полесно ќе се добива. Имаше многу лични елементи околу неговиот став кој беше цврст. Тогаш реков ако предлагачот инсистира, оти предлагач на Уставот беше претседателот Глигоров, нека остане како што е , само додадов да се забележат овие работи. И денес мислам дека тогаш погрешивме и еден ден ќе мора да одиме на парламентарен систем, не на претседателски систем, ниту на вака поделен, на парламентарно-претседателски. Мислам дека на нас повеќе ни одговара чист парламентарен систем, каде претседателот на државата го избира Собранието, како што е во Австрија, Германија….

 

Инбокс7: Каква беше состојбата со слободата на изразување во ваше време?

Андов: Не можеме да се пофалиме дека кој знае како било со медиумите во Македонија и дека имале исти однос кон власта и опозицијата. Ние имавме два печатени медиуми долго време и радио-телевизија со три програми, се беше под капа на државата. Фактички немавме плурализам во медиумите. Но, од 1994 година почнаа да се појавуваат елементи на плурализам. Иако не беше многу по кејф на власта и тогаш, сепак не се спротивстави така организирано и грубо на критичните  настапи на медиумите како што сега се прави тоа. Сега би рекол дека имаме иста, дури и полоша ситуација со медиумите од порано. Иако ни тогаш не беше за пофалба. И тогаш имаше организирани напади на личности од опозицијата, организирани напади на партиите од опозицијата, организирана „харанга“. А сега, еве секој ден се случува тоа.

zafirova.zafirova@gmail.com