Денешна дата
25/06/2017

Презентирана матрицата за мониторинг на правосудството

автори: 

Марија Мишева

Евгенија Јанакиеска

 

Денеска беше одржана презентација на матрицата за мерење на перформансите на правосудството, како дел од проектот „Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија преку градење на капацитети за судии и мониторирање на судските реформи”, финансиран од Британската амбасада Скопје.

„Главна цел на овој пристап е преку истражување на перцепциите на целните групи да се оцени секоја од гореспоменатите области и нивните подобласти и да се добие една почетна слика за работата’’ изјави раководителот на програмата, Жарко Хаџи-Зафиров на тркалезната маса на која беше презентирана матрицата. На настанот присуствуваа претставници од невладиниот сектор, медиумите и академската заедница.

Ефикасноста, независноста и квалитетот на правосудството во земјава беа само дел од многуте области на матрицата кои беа презентирани од страна на Центарот за правни истражувања и анализи.

Методолшкиот  дизајн на мониторингот на перформансите во правосудството претендира да оствари сеопфатен увид на работата на правосудниот систем. Анализата се базира на податоци од истражување за перцепцијата за неговата работа, релевантни податоци со кои располага судскиот совет како и податоци од меѓународни извори. Ставовите и перцепциите на целните групи на медиумите, невладиниот сектор, академската заедница и академијата за судии и јавни обвинители ќе бидат истражени преку длабински интервјуа, но тие нема да даваат оценки за истите. Општата јавност е исклучена од овие истражувања поради специфичноста и стручноста на проблематиката.                                                                                                                                                        Националниот правен експерт Лидија Стојкова Зафировска во своето излегување истакна дека ова мерење нема да биде само моментална констатација на состојбите во правосудството туку и ќе претставува помошна алатка во идните истражувања спроведени од институциите и невладиниот сектор. Таргет групите се различни па затоа ова истражување ќе биде поедноставено и приемчиво за сите.

Досегашните впечатоци за соработката на институциите се поделени. Додека поголемиот број од нив се отворени за соработка, останатите ги држат своите врати затворени.        Сепак, тимот ќе продолжи со прибавување на потребните податоци, бидејќи нивната работа не завршува овде.                „Мониторингот ќе се спроведува еднаш до двапати годишно за да се воочи дали постојат објективни и реални реформи во правосудниот систем’’ – изјави експертот за методологија и статистика, Катерина Шапкова Коцевска.

Резултатите од ова истражување ќе бидат објавени наскоро, а дотогаш тимот ќе биде отворен за соработка со сите компетентни експерти.

Оставете коментар

Коментар(и)