Денешна дата
17/12/2017

Изборна берза(4): ИНСОМНИА-ПОЛИТИЧКА НЕСОНИЦА

Кампањата и изборните резултати се најновите манифестации на политичко-партиски тероризам во Македонија.

Најпрвин со нелогичната постапка на ДУИ – против неконсензуален Претседател. Претходно, шест години со Владата на ВМРО-ДПМНЕ лукративно владееше, а Ахмети со Груевски не се договори за личност што би имала општограѓанска поддршка. Напротив, со својот национален занес, го покрена заспаниот македонски бес и хомогенизација. Така се одговори на ултиматумот, а со патриотски одѕив се стигна до цензусот и со минимална доверба да се избере Претседател. Сега е прашање како ДУИ ќе биде во Влада во која за тројца министри мандатарот мора да го чуе ставот на „шефот на државата“.

Потоа, во изборната кампања и на гласањата следуваше комплетна мобилизација на гласачкото тело кое е под партиска, судска, полициска, социјална и медиумска тортура, без право на сопствен видеокруг. Тоа е врвот на вмроизацијата на општеството во кое партијата станува движење, со неприкосновен лидер и сомнителна внатрешна демократија.

Шпицот на најновата политичка хипокризија е непризнавањето на изборните резултати. Со логика на карневалски настап, Заев и овој СДСМ ја претвораат Македонија во политичка „паланка“, без достоинство култивирано да се признае пораз и да се замисли за погрешно осмислена кампања, во која скандалот за обесчестениот Груевски го внесе во погрешно избран тајминг. Првпат. Претходно, Заев јавно изјавуваше дека партијата е подготвена за избори во секое време, без да условува со одржување попис и валиден избирачки список, или да се напушти гласањето на дијаспората чии избраници немаат легитимитет ни за локални советници. Претставниците на СДСМ ликуваат со консензуалната согласност околу измените на изборното законодавство, па го дадоа новиот претседател на ДИК. Токму нивниот Рилковски изјави дека спровеле регуларни избори, останувајќи индолентен кон автобусите од Пустец, гломазноста на избирачкиот список, двојните гласачи и легитимации, застрашувањата на социјално обесправените. Социјалдемократите не побараа полицијата подеднакво да интервенира, стручно и натпартиски. Јанкуловска беше агилна веднаш, по изјавата на лидерот на СДСМ, да соопшти дека изборите се најмирни, иако духот што излезе од шишето одамна е вознемирувачко. МВР успеа да го следи возилото на кумановскиот градоначалник што носел изборен материјал, но полицијата, распоредена околу гласачките места, не виде кога вмровските поданици, во коли, скриени по ќошиња, ги бележеа гласачите, како Евреите во нацистичкото време…

Социјалдемократите од новата генерација сè уште немаат храброст да раскинат со постранзициската катаклизма и да се извинат за својата погрешна политика на приватизација. Така ќе биде силен за да ја оспори и втората транзиција со вмровската елита и олигаргија, која бескрупулозно ги троши буџетите за интересите на својата елита и партиска каста.

СДСМ излезе без комплексна програма, со отсуството на привлечна понуда леплива за гласачите, за социјална рамнотежа и правда. Опозицијата се определи за промоција на долгорочна идеја за развластување на богатите со формирање средна класа за која, на пример, на Индонезија ѝтребаа петнаесет години. Таму, оваа општествена и социјална група од население се создаваше во време на економски препород, на пример, со стапка од 10 до 15% годишен пораст на БОП, со огромни суровински капацитети и богатства, бројна внатрешна потрошувачка популација, со невиден туристички потенцијал.

Скандинавски или скандалозни избори… Изборно фијаско… Слободно или диригирано гласање… Победи Македонија, изгуби Заев… Први во македонското првенство, но испаѓаме од европските лиги… Македонистот Иванов, пред граѓанинот Пендаровски… Претседател на сите граѓани, но не и на Албанците… Груевски поддржан од мултинационалните компании…

Сами изберете го насловот. Приказната заврши со несоница. По понеделничката обденица допрва почнува разврската на неделната треска.

Грешка е во Заев и вторпат. Наместо со оформена и со монолитна пратеничка група, во Парламентот да ја држи отворена аферата за корумпираноста на власта, се определи за моделите со посредство на меѓународната заедница. Таквиот протекторатски синдром сè повеќе станува иритирачки процес во една независна и суверена држава. Бојкотот на изборните резултати е фаталистички концепт со подеднаква тежина на руинирање на институциите, како што тоа го прави „режимот“. Храбриот лидер ја декуражи и својата партија, младите и нови кадри се потрошени без потреба, а одважниот и модерен Пендаровски, можеби, го изгубија за неповрат. Сега ќе се осоколат приврзаниците на Црвенковски и неговите партиски манекени. По екслидерот почнаа да тагуваат и провладините медиумски ѕвезди, а ВМРО-ДПМНЕ се обидува да си избере противник во опозицијата.

„Десно конзервативната Влада на Никола Груевски не покажа подготвеност да се придржува до основните демократски принципи при избори“. Кога овој цитат од Заев ќе го прочитате во германските медиуми, тогаш сликата за изборните резултати ги надминува македонските граници.

Владата ги контролира медиумите, правосудството и администрацијата, така што ѝ сепредвидувашејаснаизборнапобеда, пишуваат странските новинари. Домашните „опинион мејкери“ во јавниот сервис и олигархиските телевизии на власта го премолчеа последниот аудио-визуелен настап на Заев, како што ја сокрија и аферите со Македонска банка и каса-прими, но затоа со часови коментираа за нешто за што гледачите не видоа ни кој изјавил, ни што рекол, ни како го соопштил. Заев се наметна неговото име никогаш повеќе нема да се споменува во толкав обем на сите телевизии. Тоа ја упропасти вообичаената прослава на победата за ВМРО-ДПМНЕ, што само по себе создава сомнеж во нејзината веродостојност.

Оваа старо-нова Влада, со осмислена политика, успеа и во изборното предвечерје да навести нови странски инвеститори. Тоа што Црвенковски го пропушти со Ауди, Груевски, по две децении, „здушно“ го надоместува со Мерцедес и другите мултинационални брендови. Тие сега се гаранција за безбедноста на земјата, ќе бидат стожер на социјално-економската релаксација на општествените состојби, државотворен ПР за Македонија.

Но, дали Груевски има Пирова победа, кога и самономинираниот иден коалициски партнер (вицепремиер) Тачи изјавува дека нема да ги признае гласовите на ДУИ поради кражба и нерегуларни избори. Како идниот мандатар ќе составува Влада без интегративците, а што со нив? Албанските политички елити брзо ќе постигнат конзенсус за корпусот на свои приоритети: целосна двојазичност,уставни промени и избор на Претседател во Парламент со бандетерово правило, (не)формална федерализација на буџетот. Мандатарот доби мнозинство, и сега ќе се види како ќе се одбрани од уцените? Да не се повтори онаа несмасна порака на Глигоров во 1994 година, при неизвесниот втор претседателски мандат, кога првиот социјалдемократ извика: -Не оставајте ме сам! Дали повикот на Груевски да се премисли Заев е индикација за опасностите што го тревожат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ?!

Без СДСМ и поделено македонско ткиво, неизвесна е и судбината на референдум за името, без тоа нема решение за спорот со Атина, а далеку е НАТО во овие зовриени страсти за геополитичка рамнотежа или прераспределба на моќта.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

Лектор: Елена Цуцулоска

 

 

 

Оставете коментар

Коментар(и)

comovski@inbox7.mk
Фото: Кире Гелевски (Глобус)