Денешна дата
24/10/2017

Македонијо, ти велам “довидување” барем на три месеци

Ако според Светска банка, во Македонија (читај “Груевистан”), се отселени околу 600,000 луѓе, тогаш зошто Бог ме казнил и се’уште ме оставил да гнијам тука и да се занимавам со крволочните властодршци? И онака, иде лето. Ќе треба да си го резервирам денскиот период за пред телевизор гледајки ги нашите политичари кои што велат – “Македонија вработува”! И во право се. Македонија вработува но во Германија.
Само момент. Како тоа!?
Македонија вработува во Германија!? Чудно?
Не, не е чудно. Преку агенција. Германија и Америка вработуваат. И даваат пари, не се секирајте. Не, не се 200 евра. Варира сумата. Тука земаш 5 евра дневно. Тоа е помалку од 40 денари од час. А во туѓина, минимална саатница ти е 7 евра. Прекувремено ако останеш, ќе ти доплатат, не се секирај. Не ти бараат партиска книшка и не ти даваат пенкало за да гласаш на избори и да има отисок од 10 луѓе од твојата фамилија. Притоа, те третираат како човек.
Ќе заборавиш на владините програми и телевизии. Нема да слушаш за Марцедеси од 600,000 евра, за загаден воздух, тепање во Собрание и двојазични пари. Ќе одмориш барем малку од Македонијава. (повторно читај “Груевистан”)
3 месеци рај. Кај нас ќе се валкаш во фекалии, ќе дишеш загаден воздух, ќе бидеш директен сведок на сообраќајна некултура и ќе работиш од утро до мрак за да си купиш цигари и по некое парче леб. Чисто да не заборавиш каков вкус има лебот.
Всушност, не е ни сигурно дали ќе работиш.
Темата не е за локалните избори или за политика. Но политиката е виновна за тоа што младите ја одржуваат комуникацијата со своите родители на Скајп.
Се надевам дека знаете дека крвопијците да не го валкаа нашето убаво Скопје во барок, можеби и ќе работевме за поголема плата.
Но, поголемата плата е во Америка, Германија. Исто така островите во Грција (читај нашиот јужен сосед зашто нели, патриотизмот пред се’), се полни со “наши” луѓе. Се шегувам за патриотизмот. Иако си македонец, те третираат како човек. Не можеме да се пофалиме дека тука не’ третираат исто. Можеби некој во Грција ќе ти рече дека Македонија е Грција и тебе ти е гајле. Ти не се секираш зашто истата таа Грција ти дава пари, а Македонија на граница ти вели – “Што бараше во Грција три месеци? Да не работеше? Треба да ти ги земеме парите зашто панормското тркало мора некако да се направи”.
За американците да не зборувам. Немаат слушнато за Македонија. Иако Владо Јовановски кажа дека македонците се 33 пати запишани во Библијата.
Хаос!
Но хаос е и твојата партиципација на факултет. 200 евра чини твојата партиципација. Можеби и 400. Зависи. Со дополнителни трошоци – (непотребната ИКСА, книги и уплатници)  400 евра не ти бегаат. И ти земаш плата од 200 евра во Македонија. Ако воопшто и работиш. Ако работиш, браво. Ако не, спасот ти е во туѓина.
Причините се разни за чекирање карта за во странство.
Не знам дали знаете, но има и онакви кои што купуваат карта во еден правец и не се враќаат. Работат три месеци и се борат со сите сили да останат таму. Некои се мажат/женат, некои добиваат гарантни писма а некои се одлучуваат за најлошата и најмакотрпната варијанта – бегање од полиција и барање начин за да останеш.
Ако те фатат, црн печат и 5 години забранет влез во ЕУ. И подобро тој ризик отколку да се вратиш во државава и да видиш дека се’ уште не сме мрднале со прст. Гледаш дека народот се’ уште мисли дека за половина час ќе настапи Ана Костовска со “Анушка” на “Југовизија 1987ма”. А во туѓина е 21 век, 2017та.
Премногу ја проширив темата но поентата е кажана.
Само сакав да поентирам на друг начин.
Накратко, доцниме со времето. Немаме пари. Немаме квалитетен живот. Немаме квалитетна работа и немаме култура.
Но некој не се секира за тоа. Живее од денес за утре.
Нему му се допаѓа споменикот “Воин на коњ” кој чини повеќе од  8 милиони евра.
Но нема пари.
Нека се моли пред “Ацета”. Можеби ќе му фрли некој денар.

П.С: Ако му фрли некој денар, нека ги вложи во авионска карта. Го молам.

Никола Рашо Радулов
Втора година, студии по новинарство

Оставете коментар

Коментар(и)