Денешна дата
18/11/2019

Газда Нини, „рак-рана“ за македонското банкарство

По доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година, Македонска банка станува партиска банка и партијата си „игра пинг-понг“ со сопственоста на банката. ММФ во повеќе наврати бара затворање на банката

Контроверзна, криво поставена, ризична за банкарскиот систем… ова се атрибутите кои ја „красат“ некогаш третата по големина банка во земјава, Македонска банка. Произлезена од словенечка банка во 80-тите и 90-тите години, Македонска банка или македонската експозитура на познатата Љубљанска банка е најконтроверзна банка во земјава, бидејќи во неа се испреплетуваат интересите на различни политички и бизнис моќници од земјава и од регионот.

 

Кој е газда Нини?

Јовица Стефановиќ – газда Нини, роден е во селото Братоселце во околината на Бујановац, Јужна Србија(на 15 километри од македонската граница) во 1959 година. Со бизнис започнува да се занимава на 9-годишна возраст кога ги моли неговите соселани наместо на Ромите, кои тогаш ги откупувале овчите кожи, да му ги продаваат нему, а тој потоа ги препродавал.

jovica-stefanovic nini

Втора значајна бизнис пресвртница во неговиот живот е отворањето златарница во Ниш, на неполни 30 години. Набргу, по златарницата се запознава со Смиљко Костиќ, поранешен директор на „Дуванска Индустрија Ниш“ и градоначалник на Ниш. Користејќи го пријателството со Костиќ во 80-тите години, ја отвора и малата фирма „Нини“ и станува ексклузивен застапник на цигарите на Дуванска Индустрија Ниш. За време на апсењето на Смиљко Костиќ во 1998 години, газда Нини ја напушта Србија и се сели во Македонија, каде ја купува Јака 80 од Радовиш, Радобанка и Ветафарм трејд. Првите бизниси во фармацијата ги прави уште во 90-тите години кога за време на санкциите врз тогашна СР Југославија, тој шверцува лекови од Словенија и ги продава на српските аптеки.

Акционер е во многу македонски фирми, а успешно соработува и со функционери од ВМРО-ДПМНЕ и со функционери на СДСМ.

 

За банкарските експерти, оваа банка е трн во око уште од нејзиното основање. Димко Кокароски, член на Советот на Народна банка (НБРМ) од 1995 до 2002 година, заменик-министер за финансии од 2002 до 2004 година и професор по монетарна економија на Економскиот факултет во Прилеп, смета дека работењето на Македонска банка е опасност за целиот банкарски систем.

„Македонска банка имаше многу дефекти и беше ʾкриво насаденаʿ уште во почетокот. Основачки капитал имаше во словенечки толари, па се вршеа конверзии тука“, вели Кокароски.

Веднаш по основањето, тогашниот директор на банката Зоран Трпески успева да ја постави некако на нозе и да работи. Но, за кратко.

 

ВМРО-ДПМНЕ си „игра пинг-понг“ со Македонска банка

 

 

По доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, во 1998 година започнуваат нови перипетии околу сопственичката структура на Македонска банка. Тие го принудуваат тогашниот менаџмент да ги продава акциите, а на директорот Зоран Трпески му се одзема дозволата за извршување на оваа функција и од страна на Судот му се става забрана за располагање со акциите на Македонска банка.

Набргу потоа, во сопственичката структура на оваа банка се вгнездуваат партиските фирми на ВМРО-ДПМНЕ, како „Илинденка“, „Магналекта“ и печатницата „Гоце Делчев“. По притисокот на јавноста, но, пред сè, и притисокот од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), партиските фирми се принудени да ги продаваат акциите на видни членови на ВМРО-ДПМНЕ, како Ламбе Арнаудов, Војо Михајловски и неколку „оф шор“ компании кои во јавноста се претставуваа како блиски до ВМРО-ДПМНЕ, како „Евшвеј Инжињеринг“, „Собико Лимитид“, „Натурал планет“ и „Силвер Универс“.

Но и по оваа промена на сопственоста, постои притисок од ММФ да се реши ситуацијата со Македонска банка. Петар Гошев, поранешен гувернер на Народната банка, во чие време се затвори Македонска банка, вели дека Меѓународниот монетарен фонд постојано се интересирал за сопственоста на Македонска банка.

 

Petar Gosev

„Веднаш кога дојдов на позицијата гувернер на НБРМ, Меѓународниот монетарен фонд од мене побара да се затвори банката, но јас не се согласив веднаш да се затвори, бидејќи сите пари од Фондот за осигурување на депозити, не беа доволни да ги измират обврските на депонентите во Македонска банка“, вели Гошев.

Поради овој притисок од ВМРО-ДПМНЕ, одлучуваат да ја продадат Македонска банка на Јовица Стефановиќ (газда Нини).

 

 

 

Газда Нини – „гробар“ на две македонски банки

 

Газда Нини, првите акции од Македонска банка ги купува од декември 2003 година од неколку „оф шор“ компании кои се сметаат за блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Во блок-трансакција, на 18 декември 2003 година газда Нини се стекнува со 44% од акциите на Македонска банка, подоцна докупува уште 7% и станува мнозински акционер. Оваа банка и нејзиниот сопственик газда Нини биле „ноќна мора“ за тогашниот гувернер Петар Гошев.

Во Македонска банка имаше сè и сешто. Во неа имаше над 35 милиони евра ненаплатливи кредити. Давала многу лоши пласмани, можеме да претпоставиме зошто менаџментот и сопствениците на банката воделе сметка и имале друг профит од лошите пласмани“, вели Гошев.

Битката и надмудрувањата на Гошев со газда Нини траеле 2 години и три месеци, а банката цело време била под специјален надзор на Супервизорската контрола на НБРМ.

Гошев одлучува да ѝ ја одземе дозволата за работа на 16 октомври 2007 година. Во моментот на одземање на дозволата, газда Нини поседува околу 80% од акциите од Банката.

Сопственоста на газда Нини во Македонска банка и во Радобанка, се коси со член 13 од Законот за банки, каде се наведува дека лице кое не поседува репутација не може да биде акционер во банка.

За Кокароски, одлуката за затворање на банката е правилна.

Dimko Kokaroski

„Газда Нини направи многу гимнастики околу сопственоста на банката, со отворање повеќе фирми на иста адреса, со цел да го надмудри гувернерот Гошев, му измислуваа афери за купено земјиште во Гевгелија, но Гошев и Народна банка не беа наивни и останаа доследни докрај во спроведувањето на законот“, вели Димко Кокароски.

 

 

 

 

 

 

Иако не беа од иста партија, сепак, поддршка за затворањето на Македонска банка Гошев доби и од Трајко Славески.

trajko slaveski

„Македонска банка не беше затворена за да се заташкува нешто или, пак, да се прикрие нешто како што некои во јавноста се обидува да го претстават. Таа банка имаше проблеми околу сопственоста, со неа неколку години се занимаваше и гувернерот Петар Гошев и донесе таква одлука како што ја донесе и јас, како тогашен министер за финансии, ја поддржав таа одлука на Гошев“, вели Трајко Славески, министер за финансии од 2006 до 2009 година.

Покрај Македонска банка, две години порано во 2005 година, поради сопственост на 45% од акциите на Радобанка од страна на газда Нини, Банката беше затворена.

 

 

 

lefkov@yahoo.com