Денешна дата
23/11/2017

Охрид се празни, туристите откажуваат резервации

Ангела Рајчевска

Страв и паника меѓу охриѓани по последната серија земјотреси регистрирани во последните 24 часа. Но и кај странските туристи кои ги откажуваат резервациите. Од туристичката агенција Фибула велат дека случувањата со земјотресите не ги одвртиле туристите да го посетат градот, односно, дека до моментов не била откажан ниту еден аранжман. Но, рестораните кои соработуваат со туристичките агенции велат дека во последниве неколку дена им се откажани резервациите со странски туристи поради неодредени причини.

“Се случуваат по 10 до 15 потреси во денот. Има по еден-два јаки земјотреси, другите се помали, што се реакција на големите потреси. Повеќето мои пријатели, што ги познавам, спиеја надвор, кој има шатор спие покрај езеро. Нормално, народот се плаши и си спие надвор, повеќето спиеја и во коли. На дел од нив им понудив засолниште во мојот дом, бидејќи ние сме оддалечени околу 25 километри од Охрид, кај нас се чувствуваат само поголемите потреси, и тоа во мал размер”, раскажува Тоше Сотироски, жител на охридското село Љубаништа.

Сите оние кои имаат потреба да преноќат некаде надвор, поради страв од повторување на земјотресите имаат можност да се сместат во Извидничкиот центар Охрид каде што се обезбедени шатори, подметачи и вреќи за спиење.

Линиите 192 и 195 се постојано отворени за повици и интервенции. “Затекнат сум од последните случувања кои што го затекнаа мојот град. Не паничам многу, само страв ми е реално и не знам до кога ќе трае ова. Мене не ми е нанесена поголема материјална штета. Но, на едни пријатели им се сруши едната страна од ѕидот на куќата”, ни изјави Даниел Јовески, жител на градот Охрид.

Од 18 јуни до денеска во Охридскиот регион се регистрирани над 1000 земјотреси. Најсилниот од нив изнесуваше 5,1 степени според Рихтеровата скала, кој предизвика вознемиреност кај жителите и туристите, а пријавени се и помали материјални штети.

Заменик градоначалникот на Општина Охрид, Ангел Јанев, посочува дека општината ги презема сите активности за да ја смири паниката која што владее помеѓу граѓаните на Охрид.

Штабот за управување со кризи очекува поддршка од регионалните единици за да може ефикасно да се соочи со ситуацијата. Општинската организација Црвен Крст од Охрид, која што е дел од Кризниот штаб на Охрид, исто така, презема најразлични активности со цел справување со ситуацијата и последиците од земјотресите. Претседателот на организацијата, г. Сашо Точков вели дека волонтерите на Црвен Крст се постојано на терен и се достапни во секој момент за да излезат во пресрет на граѓаните. Како дел од активностите е и брошурата за однесување при земјотрес која што неодамна ја објави оваа организација.

,,Поради се почестите земјотреси кои се случуваат во регионот на Охрид што предизвикува вознемиреност кај населението во ова подрачје Црвен Крст Охрид објави брошура за правила и препораки за однесување за време на земјотрес, после земјотрес но и мерки за претпазливост и подготова за земјотрес” – вели Точков.

Тој дополнува дека Црвениот крст, исто така, објавил и едукативнио видео за правилно однесување за време на земјотрес. Стручњаците апелираат граѓаните да останат смирени и да не паничат во случај на земјотрес, бидејќи при несоодветна реакција може да дојде до повреди и несакани последици. https://www.youtube.com/watch?v=LOvmYuDD2dY

Од општината изјавуваат дека до сега нема пријавено некоја поголема штета или пак жртви, меѓутоа паниката помеѓу жителите со секој нов потрес повторно се шири.

Оставете коментар

Коментар(и)