Денешна дата
23/11/2017

БЕЗДОМНИТЕ КУЧИЊА ЖРТВИ НА БЕЗУМНИТЕ ЛУЃЕ – ИНСТИТУЦИИТЕ „МРТВИ“

Автори:  Евгенија Јанакиеска и Никола Рашо Радулов  

 

Во услови кога институциите не водат грижа за бездомните кучиња, целиот проблем е оставен во рацете на невладините организации за заштита на правата на животните.

Новинарката Мери Јордановска е една од првите активисти во Македонија, која се бори за подобар третман на институциите и луѓето кон животните.

 

Само граѓаните и оние кои не ги сакаат животните и оние кои премногу ги сакаат животните се обидуваат да алармираат дека проблем постои. Глувоста на институциите во овој дел е енормна.“, вели таа.

Покрај новинарството, Јордановска е активистка и во Асоцијација на активисти за правата на животните. Вели дека кај нас проблемот со бездомните животни треба да се третира како комунален проблем, а се третира како попатен проблем.

Третманот спрема кучињата и спрема другите домашни животни чија што судбина, наместо стопанот, домот им е улицата, а таму изгладнети и малтретирани, се одраз на севкупната општествена нехуманост и некултура.

 

ОПШТИНИТЕ НЕМААТ НИТУ ПАРИ, НИТУ СЛУХ ЗА ПРОБЛЕМОТ

 

По оваа прашање, Република Македонија меѓу европските земји е на дното. Законската регулатива е скромна, институциите се инертни. Невините суштества среќата единствено ја имаат кај грст посветени љубители на напуштените миленици и на неколку активни невладини организации.

Ние од Асоцијацијата се трудиме да ги храниме, да ги вакцинираме, да ги стерилизираме, но немаме доволно средства.“, вели Јордановска.

Отруеното куче Идриз

Но, не сите имаат хуман однос кон животните. Македонската стварност е масовни труења на бездомни животни од страна на поединци но и организирано од некои општини. Тепања и измачувања од секаков вид се секојдневна појава. Медиумите регистрираа дури и безумни силување на животни, испробување на електричен пендрек врз мирно куче од страна на полицаец, бесење на кучиња на дрва насред населено место.

Состојбата ескалираше со неодамнешното бесчувствително ладнокрвно убиството на кучето Идриз во скопски Буњаквец пред кафулето „Радио бар“. Станар од соседството, под изговор дека кучето Идриз нападнало член на неговото семејство, пред многу сведоци со удари од секира на сред улица и на сред бел ден го усмрти маалскиот миленик.

Граѓани излегоа на протестни собири пред домот на лицето кое го усмрти кучето. Под таквиот притисок на јавноста МВР поднесе кривична пријава за сторителот. Но досега нема никакви сознанија до каде е постапката, ниту за тој случај, ниту пак за некој сличен.

Институциите се инертни и поради тој факт тортурата врз уличните кучиња и врз другите домашни миленици чија судбина е улицата и натаму остануваат незаштитени и на удар на луѓе со нечовечност во нив.

„Не се посветува внимание, се додека не се случи нешто, како што беше случајот со Кичево, па домашни животни да нападнат дете, па да се покрене прашањето и за присуството на бездомните животни, а од друга страна општините добиваат премалку пари за да можат да се справат со проблемот. Тоа се околу 5.000 евра на годишно ниво, тоа ни од далеку не доволно за да може да се реагира соодветно на проблемот“, вели Јордановска. 

И од таму, смета таа “тие остануваат глуви на овој проблем, немаат доволно пари за да отворат стационари“.

Но, Јордановска вели дека општините немаат ни доволно слух за да се погрижат за стерилизација, да побараат средства од страна, од други извори, да побараат проекти, да остварат соработка со невладини организации.

 

ЗАГРИЖЕНОСТ ЗА ЖИВОТНИТЕ, НО И ЗА ДЕЦАТА

 

Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“, велат дека за разно случки како со Идриз ќе следуваат кривични пријави по повеќе основи. Казната може да биде и до од пет и повеќе години затвор.

Многу сопственици ги напуштаат своите кучиња. Смртно исплашени или ризично агресивни, уличните животни се оставени на милост и немилост. Животните неконтролирано се размножуваат, нивниот број на улиците во сите градови се зголемува од година во година. Проблемот се разгорува се повеќе, а надлежните институции само со пофалби за својата работа, а со изговори и со префрлување на надлежноста.

Најголемиот дел од граѓаните се сериозно загрижени за животните, а дел  пак стравуваат за себе и за своите деца. На фејсбук-групите каде членуваат љубители на животни и волонтери на активистичките здруженија секојдневно се објавуваат предупредувања за масовни труења низ општините на Република Македонија. Сведоштва за немилосрдно однесување на шинтерските служби и брутално однесување кон животни од страна на индивидуи кои поминуваат неказнето.

Состојбата со бездомните животни во земјава е надвор од контрола.

Спроведената анкета од страна на новинарскиот тим на СКУП покажа дека граѓаните имаат речиси слични размислувања. Според нив, мора да се најде начин состојбата да се промени. Најчестото можно решение се гледа во градењето на стационари. Анкетираните граѓани ги осудуваат насилните истапи на поединци и инертноста институциите. Некои од нив се плашат од кучињата, но и покрај тоа осудуваат секакво насилство врз нив.

ШТО СЕ СЛУЧУВА СО СТАЦИОНАРОТ „ВАРДАРИШТЕ“?

Ова е единствениот стационар на во републикава. Со необновени информации на сајтот и без електронска адреса. Активистите со паролата „Катанец за Вардариште“ со згрозеност раскажуваат за ситуацијата во стационарот и неколку пати во последните години излегуваа на протест против третманот на бездомните кучиња.

Но, во Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ од Скопје велат дека се е во ред. Во нивниот одговор на нашето барање по слободен пристап до информации, е наведено дека „Вардариште работи со соодветни простории за медицински третман и со кафези-боксови за сместување“. „Во целост ги има и се придржува до прописите уредени во Правилникот за технички услови за прифатилишта, обезбедуваат ветринарна услуга, и референтна ветеринарна организација за третман на бездомни животни – Ветеринарна болница ДОО Скопје, како и обучен персонал кој се грижи за уловените бездомни кучиња.“

Во одговорот стои дека „за еутаназија на бездомните животни  одлучува доктор по ветеринарна медицина согласно законските прописи, а по смртта, мртвите животни се отстрануваат согласно прописите-се закопуваат во специјално изградена гробна јама на санитарната депонија Дрисла.“

Но, Мери Јордановска од Асоцијација на активисти за правата на животните вели дека „Вардариште“ е една крајно нетранспарентна институција.

„Кога ќе го видите комбенцето од „Вардариште“ на коешто пишува „Хуман третман на кучиња бездомници“, вие имате чувство дека тоа е некое идилично место, со трева на која што кутриња трчаат. Но, таму кога ќе влезете тоа е стварно хорор“, вели таа.

Според Јордановска, Уште кога ќе влезете на вратата, стои забрането фотографирање, снимање.

„Една институција која треба да пружа хуман третман, не би требало да ми даде чувство кога ќе влезам таму како да сум влегла во УБК“, подвлекува таа.

Јордановска вели дека до пред извесно време „Вардариште“ не работеше за викендите, а преку недела работеше до 14 часот. На активистите не им било овозможено да влезат за да ги прошетаат кучињата и да ги нахранат.

„Ние таму гледавме уловени мајки со уште десет кутриња, коишто буквално умираат во еден кафез затворени и нив никој не ги гледа. Луѓето коишто работа таму мислам дека не се љубители на животни.“, смета Јордановска.

Активистката Венера Петковска вели дека кога се отворило „Вардариште“ надежите дека ќе се реши проблемот со бездомните животни биле големи. Љубителите на животни го замислувале како идила.

„Вардариште како фасилитет е многу добар, само што го водат неодговорни и неспособни луѓе. Се случило куче умира и ние да доаѓаме да помагаме. Го гледаме кучето, викаме по вработените, но тие не мрдаат. Нив не ги погодува моментот, дека куче умира.“, вели таа.

Вилдана Садикоска од здружението „Анималија“ од Охрид вели дека надлежните години наназад единствено нешто што прават е дислокација на кучињата.

„Си вршиме размена меѓу градовите, а здруженијата ќе се мислат што со тие кучиња. Јавна тајна е дека трујат, но, до сега не сме дошле до некакви докази. Периодот кога ова се прави, конкретно во Охрид е во летниот период, пред сезоната“, вели таа.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство ни одговорија дека за регистар на бездомни животни, чипирање како и вакцинирање се задолжени прифатилиштата односно општините. Понатаму, на прашањето која е нивната стратегија за справување со проблемот за бездомни животни во период од 2011 до 2016 година, ни одговорија дека моментално работат на стратегија за благосостојба на животните, вклучувајќи ги и бездомните животни, а на прашањето кои се нивните мерливи резултати од досегашните активности, ни одговорија дека се уште немаат никакви мерливи резултати.

Испративме барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до сите општини на територија на република Македонија. Речиси ниту една од македонските општини не презема никакви конкретни мерки за справување со овој проблем. Иако од Агенцијата за храна и ветеринарство, токму локалните самоуправи беа посочени како надлежни по ова прашање. Не добивме одговор до овој момент од сите општини, а од оние од кои добивме, ниту една нема регистар. Само еден дел од општините соработува со шинтерски служби, а најголемиот дел не преземаат никакви мерки, вакцинации на животни, чипирање или пак стационирање. Дел од нив одговорија дека моментално подготвуваат стратегија за во иднина.

 

 

 

 

 

 

 

 

Законот за благосостојба на животните:

– животните да бидат третирани како свесни суштества на начин кој е најсоодветен за нивните потреби согласно одредбите од овој закон и подзаконските прописи донесени врз основа на овој закон;

– лицата кои се одговорни за животните и ја штитат нивната благосостојба да обезбедат: – животните да не се изложени на глад и жед; – животните да се заштитени од неудобност и да се сместени во средина која е соодветна за нивниот вид; – животните да се заштитени од болка, повреда или болест; – на животните да им е овозможено нормално однесување и – животните да не се изложени на страв и вознемиреност.

– замена и намалување на користењето на животните во постапки и подобрување на условите за сместување нега и користење на животните во постапки;

– ефикасен надзор и контрола на спроведување на одредбите на овој закон;  

– поттикне ефективна соработка меѓу субјектите кои се засегнати во однос на заштитата и благосостојбата на животните.

– сопствениците не смеат да ги напуштат домашните миленици

абранети се следниве интервенции врз животните: хируршки интервенции за модифицирање на изгледот на животните,скратување на опашката и потсекување на ушите, девокализација, отсекување на канџи и обеззабување

– општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје, се надлежни да вршат собирање на бездомните кучиња, односно нерегистрирани кучиња и регистрирани кучиња доколку ги затекнат на јавни површини без присуство на сопственикот и привремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта.

– заловувањето на бездомните кучиња се врши од страна на квалификувани лица на начин кој нема да предизвика непотребна болка или страдање.

Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.

civica_mobilitas_logo

„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.

 

Оставете коментар

Коментар(и)