Денешна дата
14/11/2018

Груевски пред сериозни политички проблеми

Македонија се соочува со слични политички проблеми како во 1994 година кога ВМРО- ДПМНЕ одлучи да ги бојкотира изборите. Аналитичарите, сепак, сега велат дека контекстот и ситуацијата се поинакви отколку пред дваесет години

Македонија влегува во политичка криза. Ова е оценката на аналитичарите со кои разговаравме откако избирачкиот ден вчера резултираше со  повлекување на СДСМ и голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера, во моментот  кога  се затворија избирачките места во име на неговата партија и здружената опозиција соопшти дека  не го признаваат изборниот процес ниту за претседателските, ниту за парламентарните избори, бидејќи власта на чело со Никола Груевски не покажала минимум волја да спроведе фер и демократски избори.

Неколку часа подоцна речиси сите градови беа преплавени со вмровски знамиња и партиски обележја на ДУИ. Симпатизерите на владејачките партии гласно ја прославија  победата.

Според последните податоци од  Државната изборна комисија, ВМРО ДПМНЕ со своите коалициски партнери освоиле 61 пратеничко место, СДСМ со здружената опозиција 34 пратеника, ДУИ 19, ДПА 7 пратеника, а ГРОМ и НДП по едно пратеничко место.

Ѓорге Иванов пак, го почнува вториот претседателски мандат. Тој освои 55,25 отсто од гласовите, а кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски 41,17 отсто.

Пад на демократијата и поларизација

Анализирајќи го вчерашниот изборен ден, професорот Здравко Савески оценува дека на Македонија дефинитивно и се повторува 1994 година. Имено, пред точно дваесет години, ВМРО-ДПМНЕ одлучи да го бојкотира вториот круг на парламентарните и претседателските избори  поради, како што тврдеа  тогаш, сериозно нарушување на изборниот процес. До 1998 година, односно до следните избори, во парламентот немаше опозиција.

-Мислам дека сегашната, за разлика од власта во 1994, има помало разбирање за демократските стандарди. Мислам дека ќе одиме кон процес на политичка поларизација и дополнителен пад на демократските стандарди- оценува Савески.

Тој смета дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го одбие барањето на СДСМ за формирање на техничка влада што би ги спровела изборите, а и дека меѓународната заедница нема капацитет да изврши притисок.

Странците веќе не може да имаат толку големо влијание врз внатрешно политичките прашања како порано. Последниот ефект го имаа во 2013 година кога го натераа СДСМ да се врати во собранието. Нивната моќ на влијание  е намалена, но и нивната волја да влијаат врз демократските процени, вклучително и во земји-членки на ЕУ како Унгарија-смета Савески.

Аналитичарот Алберт Муслиу пак, смета дека нема да се повтори слична политичка состојба како пред  дваесет години оти, како што вели, политичарите не биле на тоа ниво.

Меѓународната заедница ќе им укаже на политичките елити дека мора да се најде некаков излез, а не да се води политика на исклучивост. Веќе одамна се споменува можноста за одземање на препораката за Македонија за зачленување во Европската Унија и ако оваа состојба потрае може да биде поттик за таков исход. Сепак, не сакам да верувам дека тоа ќе се случи– вели Муслиу.

Автентично толкување на Изборниот законик

Засега никој не сака да прогнозира конкретно што ќе се случува  туку оценките се оти сите опции се отворени. Едната од нив е да се распишат дополнителни избори за да се пополнат мандатите кои СДСМ би ги вратиле. Застапувачите на таа опција се повикуваат на членот  154 од Изборниот законик во кој се наведува дека  ако на листата на кандидати нема кандидати, се распишуваат дополнителни избори за избор на пратеници во изборната единица од која е избран пратеникот.

Професорката Татјана Каракамишева-Јовановска објаснува дека ако СДСМ одлучат да не ги признаат изборните резултати, треба да го почекаат моментот на верификацијата на нивните мандати кои можат да ги вратат, односно да дадат оставка.

По поднесените оставки, ако на листата на кандидати нема кандидати и ако се исцрпени основите за стекнување мандат на пратеник утврдени во членот 153 од Изборниот законик, се распишуваат дополнителни избори за избор на пратеници во изборната единица од која е избран пратеникот. Но, дополнителните избори не значат нефункционирање, односно блокирање на работата на останатиот дел од Собранието. Самиот факт што Собранието би имало 2/3 мнозинство од мандатите значи дека тоа може нормално да работи, нормално да одлучува и да функционира како стабилна институција– вели Каракамишева-Јовановска.

И според професорот Саво Климовски формално-правно собранието може да функционира и без пратениците што би ги вратиле мандатите.

Мислам дека нема обврска да се распишат дополнителни избори, но треба да се види политичкиот контекст и сериозно да се земат предвид образложенијата на оние што одлучиле да излезат од парламентот– вели Климовски.

Инаку, на подолг рок се споменува и можноста за одржување на повторни целосни предвремени парламентарни избори како обид за надминување на политичката криза.

Уредник: Тамара Чаусидис

Видео: Стево Пендаровски, кандидат за претседател на СДСМ оцени: „Ние немавме скандинавски избори“. СДСМ денес уште еднаш побара формирање техничка Влада.

ЕУ ќе ја чека оценката на ОБСЕ/ОДИХР за изборите

dimeska@inbox7.mk