Денешна дата
21/09/2017

Четиринаесет организации ќе ја набљудуваат работата на општините

Четиринаесет граѓански организации денеска потпишаа договори за грантови во рамки на проект финансиран од Европската унија, преку кој ќе се утврдуваат стандарди за добро управување во локалните самоуправи врз основа на т.н сигма принципи за јавна администрација.

Проектот „Следење на принципите на јавната администрација во зачувување вредности на добро управување“ го спроведува Центарот за управување со промени, во партнерство со Асоцијацијата за менаџмент консалтинг МКА -2000 и Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија.

За спроведување на проектот Европската унија одвои 70.000 евра, односно по пет илјади евра за секој грантист.

Според координаторот на проектот Мартин Додевски, стандардите за добро управување во централната државна администрација утврдени СИГМА заедничката иницијатива на ЕК и ОЕЦД, ќе се прилагодуваат на потребите на локалните самоуправи.

– Низ низа настани и дебати ќе се потрудиме да ги утврдиме овие стандарди, да евалуираме колку локалните самоуправи ги исполнуваат овие најдобри пракси во добро управување и да предложиме да се унапредат областите за подобрување и да се подобрат согласно стандардите. Ќе бидат опфатени областите како се развиваат политиките и стратегиите на општините, како се управува со општинските финансии, како се обезедуваат услугите кон граѓаните, како треба да се објавуваат информации. Крајната цел е локалните услуги да дадат подобри услуги на граѓаните, изјави Додевски.

Како што потенцираше Неда Малеска од Центарот за управување со промени, по политичката криза во државата исклучително е важно повторно да се работи на реформите во јавната администрација, согласно барањата на ЕУ. Меѓу останатото, појасни, ќе се работи на подобрување на транспарентноста на локалната власт со подобри информации, и на вклученоста на граѓаните во носењето одлуки со што ќе бидат поодговорни за животот во заедницата, како и да се придонесе и за економскиот развој на општините.

Претставникот на СКУП, новинарот Зоран Иванов, пред учесниците во проектот укажа на значењето на поддршката од јавноста за ефектите од нивното работење. – Многу е важно ефектите од работата на граѓанските организации да допрат до што пошироката јавност, рече Иванов.

Со проектот, дополни, граѓанските организации треба да се оспособат да се вклучат во застапувањето на политиките и влијанието врз актерите кои носат одлуки за да можат ги реализираат и да ги идентификуваат пропустите при спроведувањето на моделот за добро управување од страна на ЕУ, поттикнување транспарентност, отчетност и сервисно ориентирана администрација.

Активностите ќе се спроведуваат во тек на следната година за што ќе се иницира соработка со Министерството за локална самоуправа со цел стандардите да станат пракса утврдена преку политиките на овој ресор.

Оставете коментар

Коментар(и)