Денешна дата
24/11/2017

Полни клупи – празни ранци, еден учебник на 5 ученици

Основното училиште ,,Димитар Поп Георгиев Беровски” од Скопје чека на зборот даден од Министерството за образование и наука додека другарчињата се снаоѓаат меѓу себе.

,,Чекаме од министерството. Нѝ дадоа збор. Некој од колегите видел информација на интернет дека до 15-ти ќе стигнат, но дали овој или другиот 15-ти сè уште не знаеме. Мал број на учебници се дојдени, само оние кои се обновуваат, од природните науки, математиките и работните тетратки се стигнати .  Другите ги немаме добиено. Во меѓувреме користиме стари, другарчињата се снаоѓаат меѓу себе се додека не добиеме нови и ги повлечеме старите – раскажува Рода Стојанова од училиштето.

За овој недостаток на учебници кои ја попречуваат наставата да се одржува со нормален тек реагираат родителите, но реагираат и училиштата.

,,Многу книги недостигаат. Немаме учебници за ликовно и физичко. Кој може, ги користи електронските верзии, а другите си ги користат децата заедно, раскажува Соња Богатиновска од Основното училиште ,,Партенија Зографски од Скопје.

Во Основното училиште ,,Климент Охридски” од Скопје фондот на учебници не е комплетиран и надлежните сметаат дека и во догледно време нема да биде.

,,Од Министерството за образование и наука ни велат дека сè уште не се испечатени. Не е голем бројот на учебници кои недостасуваат, но има многу оштетени кои се за замена. Поголемиот дел е пристигнат, учебникот по англиски јазик треба да го чекаме до наредниот месец. Наставниците копираат листови од своите учебници и им даваат на децата”- изјавува библиотекарката на училиштето.
И во Основното училиште ,,Кирил и Методиј” од Битола ги чекаат учебниците. Директорката Кристина Полизовска изјави дека употребуваат стари учебници се додека не добијат нови.

,,Кај нас недостасува учебник по Македонски и Англиски јазик. Учебникот по Општество сама го фотокопирав бидејќи сакам моето дете да има книга за учење” – раскажува родител на ученик од Основното училиште „Војдан Чернодрински“.

И во Тетово иста ситуација. „Повеќето од книгите недостасуваат, а некои се до толку оштетени што не може веќе да се користат..Дополнително ги купив сите кои ги немаше зошто не знам дали и кога ќе ги добијат. Доста веќе се прават експерименти со децата. Крајно е да се стави ред со тоа што сите деца ќе имаат бесплатни книги и школување. Во спротивно, ќе треба да се организираме и сите протестираме пред Министерството за образование“, вели родител на петтоодделенец од тетовско.

Во Министерството за образование и наука не даваат јасен одговор зошто и оваа учебна година почна со некомплетен фонд на учебници по повеќе предмети во основното образование.

,,Она што можам да кажам е дека, пред се, училиштата имаат обврска да ги чуваат учебниците. Ние правиме максимални напори да ги доставиме учебниците во училиштата и дистрибуцијата на оние учебници што недостасуваат е веќе во тек.”вели портпаролот Владимир Делов.

Сепак, и на родителите и на наставниците не им е јасно дали се работи за недоразбирање во нарачките за учебници или пак на недостиг на учебници поради оштетување на претходните. Или нешто трето е во прашање.

На веб страницата на Бирото за јавни набавки годинава нема тендер за учебници. Последните тендери за откуп на учебници се пуштени и реализирани за учебната 2016/2017 година. Поголемиот број тендери кои ги склучило Министерството во изминатите месеци се за реновирање на училишта.

Дел од книжарниците ги потврдуваат информациите од Бирото за јавни набавки. Па така, директорката Гордана Војневска, од издавачката куќа „КУЛТУРА А.Д.“ ги потврдува информациите од Бирото. Таа изјавува дека издавачката куќа оваа година, за разлика од лани, нема склучено договор за откуп на учебници. ,,Излезе тендер, се јавивме, но ништо не бидна од тоа. Не склучивме договор, лани да, годинава не.”

Од издавачката куќа „Табернакул“, пак, велат: ,,Ги разнесуваме по школи книгите со договорот од лани, немаме нов договор”.

Во „Просветно Дело“, во моментот немаше лице надлежно да одговори на нашето прашање.

Оставете коментар

Коментар(и)