Денешна дата
17/12/2017

Топ 10-те најбогати градоначалници тежат 13 милиони евра

автори:

Бјанка Станковиќ

Ангела Петровска

Ангела Рајчевска

 

На претстојните локални избори, во трката за први луѓе на општините, партиите ги предложија своите кандидати. Во 55 општини од вкупно 82, на листата на кандидати се најдоа имињата на досега добро познатите градоначалници. Само во останатите 27 општини има нови кандидати.

СКУП ги обработи податоците за имотната состојба на кандидатите кои повторно ќе се кандидираат за градоначалници во овие 55 општини. Информациите се пријавени на страната на Државната комисија за спречување корупција.

 

Најбогатиот градоначалник во Република Македонија е Ратко Димитровски, актуелен и  иден кандидат за градоначалник на Кочани вреден близу 4 милиони евра. Во јавноста е познат како сопственик и управител на печатницата ,,Европа 92” за чие отворање добил донација  од Фондацијата „Отворено општество“. Димитровски во Државната комисија за спречување корупција  покрај две куќи, земјоделско земјиште, пријавил и моторно возило Мерцедес А класа и Смарт, хартии од вредност како акции и обврзници.

За време на неговиот последен мандат, од 2013 до 2016 година, општината Кочани има

потрошено вкупно 3,728,904 денари за репрезентација.

Второто место на листата „10 најбогати градоначалници“ ја зазема Фатмир Изаири од Желино. Неговиот имот брои 18 имотни листови. Изаири во своја сопственост има куќа, две земјишта под објект, машини и друга опрема и моторно возило. Исто така, во сопственоста на Изаири се вклучени и ДОО-ЕЛ ,,Фапо ПФ“- Желино и Поликлиника ,,Флоренс“ – Желино. Од долгови има три кредита во вредност од околу 600 000 илјади евра.  На имот на брачен другар запишано е едно моторно возило, марка Пежо 106 и ПЗУ ,,Камфора“ – Аптека Желино.

За репрезентација оваа општина во период од 2013 до 2016 година има потрошено вкупно 1,183,951 денари.

Имотната листа на Енвер Пајазити, градоначалникот на Брвеница, вреди приближно 1.500.000 евра. Пајазити поседува деловен простор, земјиште, а од долгови има еден кредит и еден лизинг. Куќата за одмор на Попова Шапка и моторното возило Волкцфаген се во сопственост на неговите деца.

За репрезентација оваа општина во период од 2013 до 2016 година има потрошено вкупно 1,153,602 денари.

Невзат Бејта по трет пат годинава ќе ја бара довербата од граѓаните во општина Гостивар. На имотната листа, Бејта има стан и заеднички имот кои ги стекнал со наследство. Со договор за градба стекнал стан и деловен простор. Под личен имот пријавил и две моторни возила и девизна штедна книшка во вредност од 26 илјади евра. Во гостиварските настани во 9 јули 1997, Невзат Бејта беше политички затвореник. Во 2013 година против него беше поднесена тужба за клевета од од поранешниот прв човек на општината Руфи Османи.

1,143,442 евра евидентирани во имотната листа на градоначалникот на општина Вевчани, Цветомир Угриновски.  Покрај деловните простори, станови и орочение девизни депозити листата ја сочинуваат и богатиот возен парк од 5 моторни возила, помеѓу кои едно БМВ 530 Х дриве 2017 вредно 4.063.545 денари.

Угриновски ja поседува и фирмата „ВИА Инжинеринг“ ДОО увоз-извоз, фирма основана во 2000 година чија приоритетна дејност е изградба на станбени и нестанбени згради. Управител во фирмата е неговиот син, Милан Угриноски.  Во последните две години оваа фирма добила тендери од 750 000 евра.

За репрезентација општина Вевчани во период од 2013 до 2016 година има потрошено вкупно 32 644 евра.

Четири имотни листови без податоци за сопственост се наоѓаат на имотната листа на актуелниот градоначалникот  на општина Демир Капија, Трајче Димитриев. Две куќи во вредност од 26 милиони денари, удел од 30 милиони денари и кредит од близу 4 милиони денари ја заокружуваат неговата имотна состојба во износ од 972,358 евра. Димитриев има и своја фирма „Корал“.

За репрезентација оваа општина во период од 2013 до 2016 година има потрошено вкупно 3,350,780 денари.

Третата најмала општина во Република Македонија, Општина Пласница, за предводник го има седмиот најбогат градоначалник. Дваесет и шест имотни листови во лична сопственост се наоѓаат на имотната листа на градоначалникот на општината Пласница, Исмаил Јахоски. Истите имаат вредност од 794,614 евра.

Во претходното истражување за службените возила на општините и потрошувачката на гориво беше евидентирано дека фирмата која што е во сопственост на семејството на Јаховски, „Пуцко Петрол“ е носител на повеќе тендери за снабдување на гориво на голем број на институции и јавни установи.

Богатството на градоначалникот ниту малку не може да се спореди со состојбата на општината која подолго време тоне во долгови и невработеност.

За репрезентација оваа општина во период од 2014 до 2016 година има потрошено 76,000 денари.

Имотната листа на градоначалникот на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, е составена од 32 имотни листи. Составен од неколку куќи, земјишта и моторни возила, како и голем број на девизни штедни книшки имотот изнесува 792,234 евра. Оваа вредност е далеку од реална бидејќи во неа не се пресметани содружништвото во Мулти Медиа Нет доо Куманово 50%, Оптикал Нет Скопје 1/3 како и целокупниот имот на ,,Беверли 1” Крива Паланка за кои нема податоци за нивната вредност.

За репрезентација оваа општина во период од 2013 до 2016 година има потрошено вкупно 2,784,914 денари.

Покрај куќата вредна 12 милиони денари, на имотниот лист на градоначалникот на општина Ресен, Ѓоко Стрезовски, се наоѓаат уште три други куќи со вредност од 11 милиони денари. На листата пријавен е и пиштол „Бровинг“ стекнат со договор за подарок. Целокупниот имот на овој градоначалник изнесува 680,195 евра.

За репрезентација оваа општина во период од 2013 до 2016 година има потрошено вкупно 3,251,542 денари.

Куќа, земјиште, стан со гаража и помошни простории, две моторни возила БМВ 320 и Волксваген Голф е само дел од она што се наоѓа на листата на кандидатот за општина Пробиштип, Тони Тоневски. Тој има и три кредити во вредност од близу 120 илјади евра.

За репрезентација оваа општина во период од 2013 до 2016 година има потрошено вкупно 3,488,713 денари.

 

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.)

 

Оставете коментар

Коментар(и)