Денешна дата
23/11/2017

ТРАНСПАРЕНТНОСТ: ЦРНА И БЕЛА ЛИСТА НА ОПШТИНИТЕ

Автори: Ива Андреевска и Сандра Никчевска

Дванаесет од вкупно 82 општини во Република Македонија не одговориле на ниту едно прашање на Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија од почетокот на 2017 година. Во овој период новинарскиот тим на СКУП истражуваше на три теми поврзани со работата на локалната самуправа, и тоа: за трошоците за репрезентација, за можната злоупотреба на службените возила, како и за трошењето на бензини и сервисирање. Никаков одговор во однос на овие теми не е добиен од општина Карпош, Сарај, Демир Капија, Сопиште, Илинден, Зелениково, Дебарца, Струмица, Неготино, Студеничани, Теарце и Врапчише.
Само за една од трите истражувања одговор пратиле 10 општини, и тоа: Центар Жупа, Желино, Маврово Ростуша, Босилово, Конче, Кавадарци, Виница, Крушево, Кратово и Бутел.
Одговори за сите три прашања дадоа 25 општини додека само два одговори имаше од 35 општини.

 

ТЕШКО СЕ СТИГНУВА ДО ЗАКОНСКИ ГАРАНТИРАНИОТ ОДГОВОР

(кликнете на некоја општините за детали)

 

Бјанка Станковиќ и Ангела Рајчевска беа дел од истражувачкиот тим кои работеа на трите теми. Велат дека не е лесно да се дојде до информации од единиците на локалната самоуправа во Македонија.
„Од досегашното искуство што го имам со барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, имам впечаток дека дел од надлежните се уште не се запознаени во целост со законот.“, вели таа.
Затоа, додава Станковиќ, „и најчесто вработените во општините, задолжени за спроведување на овој процес се уплашени од жалбената постапка, која се користи кога на барањето нема да се добие одговор во законски предвидениот рок или пак нема да се достави конкретната информација.“
Се случувало да добиваат и телефонски повици со молби да ја прекинат жалбата, дури и навреди од првите луѓе на општините.
„Но, во локалните самоуправи во Македонија има и луѓе кои си ја знаат работата и се отворени за соработка.“
Рајчевска, пак, вели дека постапувањето по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е навистина голем предизвик, како и за луѓето вработени во администрацијата така и за новинарите и сите оние кои што се обидуваат да дојдат до информација од јавен карактер.
„Луѓето засегнати со законот се’ уште не се доволно запознаени со тоа како истиот функционира и како последица на тоа постојано се сретнуваме со потешкотии при добивање на одговорите.“
Една таква потешкотија Рајчевска вели дека сретнале во Општина Охрид, каде што постапувајќи според законот, се обиделе да извршат увид во бараната документација. „Првичниот одговор беше позитивен, со дозвола за увид, за веднаш откако ќе пристигнеме таму истиот да се оневозможи. Жалбата, како и во многу случаи претходно, ни помогна и овој случај.”

 

ИНФОРМАЦИИТЕ ЗА ТРОШЕЊЕТО ОПШТИНСКИ ПАРИ ГИ КРИЈАТ КАКО ЗМИЈА НОЗЕТЕ

 

Истражувачкиот тим на СКУП посети повеќе општини за трошоците за репрезентација. Од сите општини побара документи преку Законот за слободен пристап до информации. Од повеќето општини доби податоци за што се потрошени народните пари. Но, иако од сите беше побарано да ги достават фактурите за репрезентација, документи се добиени само од неколку помалку општини во Македонија.
Општината Ресен се повика на Законот за заштита на лични податоци сметајќи дека се работи за документи кои содржат личен подaток чие откривање би значело повреда на правото.
Од Свети Николе пак, одговорија дека документацијата за фактури и сметкопотврди се дава на увид само на релевантни институции, како што се министерство за финансии, финансиска полиција, судови, ревизори…
Со вакви и слични изговори од повеќето општиниски администрации не ги добивме бараните информации. Во Свети Николе и покрај жалбата до Комисијата за овој одговор, надлежните од општината стојат на ставот дека документите не се предвидени со законот.
Општините како Битола, Гази Баба и Виница, одговориja дека побараните информации не се информации од јавен карактер.
Од Битола не кажуваат на што потрошиле милионски суми. Од општината Охрид нема одговор со образложение дека браните информации се преобемни па не биле во можност истите да ги испратат по електронски пат па новинарскиот тим на СКУП беше принуден да заминие за Охрид на директен увид во податоците но и таму не наиода на кооперативност.
Од истражувачката сторија на СКУП за горивото на општините еве неколку примери:
Во Македонски Брод е поставивено прашања за трошењето на бензин за службените возила и за нивното сервисирање. Надлежните одговораат дека поради кривична постапка која што се води во моментот, не се во можност да ги испратат бараните информации бидејќи документите им се во полиција.

 

МАЛ Е БРОЈОТ НА ОПШТИНИТЕ СО ЉУБЕЗНА И АГИЛНА АДМИНИСТРАЦИЈА

 

Експертите велат дека ако новинарите се соочуваат со вакви пречки при нивната работа за добивање информации кои законски треба да бидат јавни, може да се замисли дали и колку граѓаните имаат шанси за да знаат како навистина се трошат нивните пари.

Андреј Пeтров

Иван Бојаџиски

Андреј Пeтров, поранешен градоначалник на општина Карпош, вели дека администрацијата е нетранспрентна зашто таков е стилот што го наметнува градоначалникот и дека особено кога се работи за општинските пари јавноста е исклучена од тој тип на информации.
Долгогодишниот новинар од Штип, Иван Бојаџиски, вели дека и покрај неговите повеќекратни обиди да добие информации за тоа како и колку пари се трошат за репрезентација преку Законот не успеал да добие никаков одговор дури и преку Законот за слободен пристап.

Дописникот за повеќе медиуми од Велес, Владимир Тевчев вели дека има голем број на граѓани, посебно меѓу повозрасните, кои не користат интернет и кои не се во тек со информациите кои се пласираат преку интернет страната на општината. Но, затоа се тука локалните медиуми, локалните телевизии, но за жал и тие главно молчат за почувствителните теми како што е трошењето на општинскиот буџет.

Владимир Тевчев

Елементарен впечаток и на тимот, и на акетираните граѓани е дека општинските администрации во Република Македонија се’ уште ниту од далеку не го заслужилe епитетот “сервис на граѓаните”.
На прашањата колку и како граѓаните се задоволни од работата на администрациите во општините, граѓаните генерално: општинските службеници се инертни, арогантни, нељубезни.
Д.А. граѓанин од општина Центар вели: “Не сум премногу задоволна, вработените се обично доста бавни во работењето и често доста некултурни. Секогаш треба да чекам минимум две до три недели за да добијам одговор на било какво барање или документ. Секогаш сум добивала одговори, но моите жалби за брзината на добивање на истите никогаш не биле возвратени. Одговорт поради задоцнетите одговори на моите барања, обично бил дека имале премногу работа, немаат доболно вработени и работат најдобро и најбрзо што можат.”

Општината е должна на граѓаните без надоместок да им обезбеди пристап до информации од јавен карактер во врска со својата работа и за услугите што таа ги врши, работата на советот, комисиите на советот и јавните служби коишто се основани од општината.

Н.М. граѓанин од општина Берово вели:“Генерално топло ладно, сум бил сведок на културен, но и на некулутурен однос од нивна страна. Но во глобала на крајот се било во ред. Досега на барањата ми било одговорено и немам поднесено жалба.”

Општината е должна да определи едно или повеќе службени лица коишто треба да се грижат за обезбедување на правото на граѓаните за пристап до информации, како и да даваат стручна помош на барателите во процесот на поднесување на барањето.

С.А. од Општина Ѓорче Петров вели: “Не сум воопшто задоволна од работата на администрацијата во општина Ѓорче Петров, секој пат кога и да отидам за било што, сум враќана повеќе пати и секој пат било дојди утре, и утре дента исто, дојдете утре, се се одолговлекувало. Досега не сум добивала одговор навреме на поднесените барања, секогаш морало да се чека. Жалба сум сакала да поднесам повеќе пати но не сум поднела бидејќи претпоставувам дека ќе би била одбиена.”

Доколку барањето е нецелосно, службените лица треба да го известат барателот и да го упатат да го дополни барањето. Покрај тоа, треба да му укажат и на последиците ако не се постапи по препораките.

И.С од Скопје за неговите маки со градската администрација вели:„Едноставно катастрофа. Не сум задоволна од работата на администрацијата од град Скопје, веќе постоечкиот систем за спроведување на барањата не функционира како што треба, вработените се не заинтересирани, премногу зафатени за да можат да ги исполнат своите работни обврски. Одговор на поднесените барања не може навремено да биде доставен, бидејќи не се ажурни во спроведувањето на писмено поднесените барања. Конкретно за мојот проблем првично се обратив до Град Скопје телефонски, но никој не се јавуваше, потоа испартив официјален е-маил но исто така не добив никаков одговор, за на крај да морам да отидам и да однесам повторно барање кое ми беше заверено во архивата на Град Скопје, по кое не добив никаков одговор… Размислувам да поднесам жалба и мислам дека ќе го сторам тоа, но колку ќе ми биде и на тоа вратено и дали нешто ќе се промени ќе видиме.”

Доколку службените лица од општината делумно или целосно го одбијат барањето за пристап до информација од јавен карактер, должни се да изготват решение коешто содржи образложение за причините поради кои се одбива барањето.

И.Н. граѓанин на Општина Кисела Вода вели: “Воопшто не сум задоволна од работата во општината, ниту од административната работа на вработените. Цела населба потпишавме петиција бидејќи имаше тешка сообраќајна несреќа, имаше неколку дена полиција во зголемен број но потоа се по старо. Еднаш ни снема вода и испратија цела цистерна за сите. Општината воопшто не напредува, ако се обидеш да стапиш во контакт како поединец секогаш се недостапни или те пренасочуваат и кажуваат дека не се надлежни.”

 

Информирање на граѓаните – непозната тема на градоначалничките кандидати

Анкетата на СКУП допре до одговорот на основното прашање на оваа тема:
Колку граѓаните се задоволни од општинските адмиснистрации?
На прашањето за скалата од 1 до 5, нивниот одговор главно се сведуваше на минусно салдо.
И сега, во екот на изборната кампања, во политичкиот амбиент за петтите локални избори во Република Макдонија, следејќи ги темите што ги форсираат кандидатите за градоначалници, прашањето за ефикасноста на општинската админситрација и посебно за нивната обврска за информирање на граѓаните за тоа како тие полесно да ги остваруваат своите права во местото на живеење, е непозната тема.

 

Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.

civica_mobilitas_logo

„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.

Оставете коментар

Коментар(и)