Денешна дата
17/12/2017

ОТФРЛЕНИ ВО ЖИВОТОТ, ОТФРЛЕНИ ПО НЕГО (III)

Автори: Сандра Никчевска, Ива Андреевска, Моника Себиќ

 

Скопските бездомници завршуваат на Градските гробишта во Бутел. Заминуваат сами исто како што и го минале својот живот.

Милан Ивановски е референт за правни работи во претпријатието за погребални услуги. Вели дека постапката за погребување бездомно лице ја покренува и ја врши управителот на градските гробишта.

„Погребувањето на бездомното лице се врши на посебен дел од гробиштата без изведување на верски обреди и посебни процедури.Трошоите кои што ќе произлезат за погребување на бездомните лица се на терет на Управителот на градските гробишта.Управителот за погребување на бездомните лица води евиденција во регистар со забележани потребни податоци за умреното лице“.

 

МНОГУ ПРИЧИНИ ГИ НОСАТ НА УЛИЦА

 

Уличните станари се вдомуваат на различни начини. Некои поради конфликт во семејството, некои се измамени или на коцка изгубиле сè.

Трети поради други пороци, алкохол, дрога. Четврти поради депресии од разни причини како од губење работа, разводи, трауми.

Примери многубројни за малите и посиромашни држави како Македонија и Србија, и но и за поголемите и побогатите, како Шведска и САД. Насекаде се незаштитени и изложени на тортури, малтретирања, убиства.

„Во странство има домови и секогаш постои некоја програма за сместување и заштита на бездомни лица, за нивно оттргнување од улицата. Тоа е сосема поинаков пристап и сензибилитет. Исто така, имаат психолошка и психијатриска помош. Голем дел од нив, знаете, се психијатриски случаи. Тоа сосема недостасува кај нас. Цела програма недостасува за тоа како државата треба да се справува со овие луѓе“, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет.

 

СКУП АНКЕТА: 20 ОТСТО ОД ИСПИТАНИТЕ БИЛЕ СВЕДОЦИ НА МАЛТРЕТИРАЊА НА БЕЗДОМНИЦИ

 

Над 20 отсто од граѓаните биле сведоци на насилство врз бездомници, вели спроведената онлајн анкета на новинарскиот тим на СКУП во Скопје.

Според нивните сведоштва, како насилници најчесто се јавуваат млади луѓе, но и вработени во комунални претпријатија, контролори во ЈСП или припадници на полицијата.

Сите анкетирани одговорија потврдно дека сретнале бездомник, 59 проценти од нив  одговорија дека ги среќаваат „често“ а 17 проценти „постојано“.

Меѓу одговорите и впечатливи коментари:

“Бев сведок на психичко насилство, бездомникот беше навредуван и плукнат.

“Бездомно лице беше тепано на сред улица од група тинејџери”.

”Не бев во непосредна близина да спречам нешто, но група млади му се исмејуваа и физички го малтретираа”.

Околу 65 проценти сметаат дека бездомните лица во однос на правдата пред институциите не можат да сторат речиси ништо. Некои од нив коментираат:

“Немаат надеж за такво нешто, никој не верува во Македонијa како правна држава посебно за немоќните”.

“Никој воопшто нема ни да обрне внимание на такви лица, прашање е дали воопшто ќе може да влезат во некоја институција за да пријават насилство врз нив

“Не можат, бидејќи институциите се дел од напаѓачите

 “Не можат бидејќи никој не се нафаќа да им помогне, нема државни органи кои би им помогнале”.

На прашањето за тоа што државата би можела да направи за да ја заштити оваа маргинализирана група, предлозите одат во насока: „Да се изработат регистри за нивна евиденција, да се отворат повеќе сместувалишта и кујни  кои ќе бидат постојано отворени, да им се обезбедува редовна правна и финансиска помош, да се планираат редовни програми за нивна заштита и работни ангажирања.„

 

САМО ЕДНО МЕСТО ЗА ЗГРИЖУВАЊЕ НА БЕЗДОМНИЦИ

 

Драгана Лазаревска од Црвениот крст на Македонија е координатор на Пунктот за бездомници во Момин Поток. Таа вели дека организацијата го има само овој пункт за згрижување на бездомни.

Од владиниот сектор, додава Лазаревска, постои Чичино Село, исто така прифатилиште за бездомни лица.

„Тоа е единственото место за згрижување бездомни кое е финансирано и водено од државата. Порано, околу 2009– та имаше во Катланово еден, потоа и во Љубанци, каде имаше интернат за лица кои немаат каде да живеат, но и двата се веќе затворени. Не знам точно од кои причини се затворени.“, вели таа. „Откога сме отворени, од 2008 до денес, регистрирани се 250 бездомни лица. Макар и еднократно да поминале, ние во регистар ги имаме. Од тие 250, педесет се редовни посетители на пунктот. Тие се најчесто луѓе со многу пороци, ги забележуваме сите: дрога, алкохол, коцка. Најчесто се и луѓе кои вршат рекет. Има и многумина кои се излезени од затвор. Многу ретко имаме семејства, обично се поединци. Не е дека тие немаат семејства, туку едноставно сите кренале раце од нив, обично се самци и се буквално оставени на дното на општеството.“

Лазаревска информира дека пунктот работи секој ден, од 9 до 16 часот, а минатата зима, од средината на декември до средината на март, бил отворен 24/7 поради ниските температури. „Досега, околу 80 проценти се со обезбедени лични документи. Освен личната карта, од пред две-три години, воведовме картички за легитимација на бездомните кои ние ги издаваме, за во случај некој да ја изгуби личната карта, да има уште некаков документ за лична идентификација.“

 

МЕДИУМИТЕ СЕ ПРЕПОЛНИ СО ВЕСТИ ЗА НАСИЛСТВА ВРЗ БЕЗДОМНИЦИ

 

Фрапантно е тоа што во поголемиот број ситуации на насилства врз бездомници, дури четири од шест лица насилници се малолетни.

Србија – Во оваа соседна држава бездомниците по правило се мажи на возраст над 50 години со ниско образование, невработени или на многу слабо платени и со непостојани работни места и често зависници од алкохол, дрога или коцка. Улиците на главниот град Белград се дом на 7.200, а во Србија бројката на бездомници е над 18.500 граѓани. Најголемиот број од нив живеат во шупи, подруми, приколки, вагони и по улиците и парковите.

Во Земун, две момчиња, едното дури и малолетно, најпрво го мачеле, а потоа го запалиле бездомникот Миливоје П. Со тешки изгореници кои зафатиле околу 70% од неговото тело, тој бил пренесен во Воено медицинска академска болница во Белград, пишува српскиот весник „Политика“.

Брутално насилство од малолетници врз бездомник е забележан и во Белград. Еден од очевидците за овој инцидент изјавил : „Останав затечен кога ги видов младите како го шутираат и се изживуваат. Ги расфрлаа картоните на кои човекот лежеше и продожија да го удираат“.

Напаѓачите биле изведени пред обвинител за малолетници и против нив била покрената истрага за кривично дело нанесување на тешки телесни повреди, пишува српскиот портал „Ало“.

 

САМО ВО ЗЕМЈИТЕ НА ЕУ СЕ РЕГИСТРИРАНИ 3.3 МИЛИОНИ БЕЗДОМНИЦИ

 

Германија – судот осудил шестмина сириски и либиски бегалци во врска со нападот на бездомник кој спиел на железничката станица во Берлин минатиот Божик, пренесува радиото „Гласот на Америка“. Камерите на местото на инцидентот покажале дека жртвата, 37-годишен полски државјанин, спиел на еднa од клупите, покриен со весници. Главниот обвинет ги запалил весниците, по што бегалците избегале, смеејќи се.

Шведска – Во оваа скандинавска земја има регистрирно 34.000 лица без дом. Активистите за помош на бездомниците во оваа скандинавска земја потенцираат дека бездомниците во нивната земја често се мета на брутални напади на насилниците кои „не сакаат да гледаат бездомници на шведските улици“. Асим Бесирагиќ, со потекло од Босна и Херцеговина, бил познат просјак од улиците на Малме каде што се евидентирани 1.000 бездомници, е претепан на смрт пред едно училиште во овој шведски град. Одржани се протести на кои швеѓаните барале поголема заштита од државата за тамошните бездомници.

 

НЕ Е ПОИНАКУ И НА СВЕТСКО НИВО

 

Јапонија – Тамошната статистика евидентирала околу 7.800 бездомници. Само во Токио, град од 36 милиони жители, 5.500. Меѓу причините за бездомништво во богатата земја на изгрејсонцето се набројуваат губењето работа, трауми од банкроти, психички проблеми, коцкањето.

Русија – На улиците на Москва живеат над 10.000 луѓе. За нив деновите, особено ноќите, се посебно тешки во зима. Домови има, но капацитетите се  недоволни.

САД –Улиците само во Њујорк се дом за 46.000 луѓе. Многу невладини организации финансиски помогнати од државни, но и од многу приватни фондови и донации организираат народни кујни. Државата само минатата година издвоила 75 милијарди долари за т.н. маркички со кои бездомните и сиромашни лица можеле да добијат топли оброци за себе и за своите семејства.

(Крај)

 

Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.

civica_mobilitas_logo

„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.

Оставете коментар

Коментар(и)