Денешна дата
20/02/2018

Функционерите не штеделе на скапо јадење, пиење и спиење – народот плаќал

Автори: Ангела Рајчевска, Бјанка Станковиќ, Ангела Петровска

 


ДОКУМЕНТАЦИЈА


 

Освен редовните локални избори и предвремените парламентарни избори, ништо позначајно се нема случено во Република Македонија во 2013 и 2014 година. Заради глобалната финансиска криза во овој период, ниту странските директни инвестиции позначително пораснале, ниту пак некој значителен финансиски или дипломатски успех е забележан во овие две години.

Сепак, во овие две години само за хотелско сместување во странство од службените картички од Министерството за финансии се потрошени околу 100 илјади евра.


На изводите од службените картички од ова не пишува која фактура припаѓа кому, меѓутоа се гледа дека функционерите најчесто парите ги трошеле за патувања, односно за сместувања во луксузни хотели и ручеци во ресторани во странство.

Од ова министерство во 2011 година за хотели се потрошени 10.899 евра, додека 942 евра во ресторани. Наредната, 2012 година, се потрошени 35.717 евра за хотели, а во ресторани 4.950 евра.
Плаќањата за хотели и патувања секоја година во ова министерство растат, па така во 2013 година за хотели се потрошени 47.213 евра, додека пак за ресторани се потрошени 2.493 евра.
Рекордот во трошење за хотели е во 2014 година, каде што таа бројка достигнува и до 50.391 евра.
Од започнувањето на политичката криза се забележува пад на трошењата. Така, во 2015 година потрошени се 25.865 евра а во наредната година – 10.806 евра.

 

Љутфиу „оставил“ околу 20 илјади евра во скопски ресторани

 

Истражувањето на СКУП покажа дека не само Министерството за финансии, туку воопшто македонските функционери не прават разлика помеѓу државни и лични пари. Буџетските пари ги користат и за свои неслужбени потреби.
Документите кои ги поседува СКУП откриваат дека тие генерално преноќуваат во луксузни хотели, плаќаат најскапи – вип авиобилети, посетуваат елитни кафулиња, ручаат и вечераат само во елитни ресторани и од модните бутици купуваат брендирана гардероба.

Пиштар Љутфиу

И се би било во ред доколку сето тоа го прават од своите, а не од народните пари.
Во текот на истражувањето се изврши увид во службените картички на функционерите од министерствата за изминатите 6 години.
Според добиените информации по пат на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, над 20 илјади евра од службената картица потрошил поранешниот министер за образование и наука, Пиштар Љутфиу за време на својот мандат од 5 април 2016-та до 1 јуни 2017-та година.
Љутфиу бил чест гостин во скопските ресторани и гостилници, меѓу кои „Фиш“, „Фурна“, „Мериот Дистрикт“, „Александрија“, „Воденица Мулино“, „Дукат“ и „Стоун Бриџ“.
За хотелите во Косово, Германија, Австрија и Грција, Љутфиу потрошил околу 2.300 евра.

 

Со народни пари се купувало во „Том Тејлор“, „Битсиани“, „Сваровски“…

 

„Кратис“ и „Силекс“ се омилените хотели на поранешниот министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков.
Тој во 2015 година потрошил 2.686 евра во ресторани, додека неговите чести посети во хотелите го чинеле повеќе, односно 3.898 евра.
Во 2016та година, луксузирањето го намалува на 844 евра за ресторани и 1.520 евра за хотели.

 

Митко Чавков, наследник министер на Гордана Јанкуловска, од Министерството за внатрешни работи, за ресторани во 2015 година има потрошено 4.121 евра, додека во 2016 година потрошил 6.782 евра.
На листата на податоци од неговата службена картичка се среќаваат често истите имиња на ресторани, како „Ла Тераца“, „Скара Бар“, „Пивница ресторан“, „Воденица“, „Микеи Хантинг клаб“, „Кај Џино“ и „Амигос“.

 

 

Поранешниот министер Миле Јанакиевски, кој помина два мандати во Министерството за транспорт и врски, во првите години од неговата функција од 2012 до 2014-та година потрошил 23.607 евра. Од нив, 8.276 за ресторани и 12.668 за хотели.

Миле Јанакиевски

Лирим Шабани

Од службените картички во министерството за локална самоуправа, пресметавме дека за 2015 година за ресторани се потрошени 3.564 евра, додека пак за наредната година 2.221 евра. Министер во овој период е Лирим Шабани.
За хотели за двете години вкупно се потрошени 1.117 евра и за други работи се издвоени 5.000 евра за двете години.
Карактеристично за ова министерство е што во 2015 година се потрошени околу 10.000 евра, од кои скоро 2.500 евра се потрошени во „Буши Фешн“.

Во 2016-та од потрошените 4.500 евра, илјада евра се потрошени само во „Буши Фешн“ Скопје.
Во првите три години од неговата функција, за ресторани и хотели, поранешниот министер Иво Ивановски, кој помина два мандати во Министерството за информатичко општество, има потрошено 32.527 евра. Од тие пари, 15.534 евра се потрошени на ресторани, додека 16.992 за хотели.

ПОТРОШИЛ САМО 200 ЕВРА ЗА РЕСТОРАНИ!


Еден од поскромните функционери е Фатмир Бесими, поранешниот министер за одбрана. Тој во 2016-та потрошил скромна сума од 200 евра за ресторани.
Во 2017-та година, не се забележани посети во ресторани на неговата картица, додека пак за патувања Бесими потрошил околу 2.800 евра.

 

 

Од конто картиците на Изаири Нурхан, поранешниот министер во Министерството за животна средина и просторно планирање во период од 2015 и 2016 пресметана е вкупна сума од околу 13.800 евра.

Изаири Нурхан

Валдет Џафери

Валдет Џафери, поранешниот министер за правда од својата службена картичка, потрошил сума од близу 8.880 евра. На изводите од неговата картица, се сретнуваат добро познатите ресторани „Панорама“, „Тутто“, „Матадор“, „Уранија“, „Рустикана“, „Латераца“, „Венето“, но и гостилница „Дукат“, „Бургер кинг“ и пицеријата „Твинс тп“. Џафери за овие ресторански услуги платил околу 7.740 евра, а за посети во хотели потрошил околу 1.060 евра.
Четири илјади и триста евра од личната картичка на екс-министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска се одлеале на сметката на прочуениот ланец хотели „Хилтон“ за само еден ден.
Поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска, уште од претходното истражување на СКУП – Македонија е еден од примерите на бескрупулозното трошење на државните пари.
Канческа Милевска била чест гостин и на прочуените хотели „Шератон“ и „Риц“ во европските и светски метрополи. За ноќевање во овие хотели била плаќана сума од 300 евра од вечер, сето тоа од сметката на буџетот која ја полнат граѓаните на Република Македонија.

ЕКОЛОГИЈА НЕ КАЖУВА ЗА ШТО ГИ ТРОШИ ПАРИТЕ

Од Министерството за животна средина и просторно планирање добивме одговор во кој се испратени аналитички картици на само дел од функционерите во министерството. Некомплетниот одговор го образложуваа со немање доволно време и човечки ресурси за да ги подготват побараните информации.
На картиците се впишани имињата на функционерите и сумите потрошени за услуги, но не може да се има увид за што се потрошени тие пари. Тимот на СКУП испрати жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап и истата беше прифатена. Сепак, до објавувањето на оваа сторија не добивме одговор од ова министерство.

 

Од истражувањето, може да се забележи дека поранешните министри имаат различни апетити за трошење но ист вкус за ресторани и хотели.
Министрите се менуваат а службените картички остануваат најчесто употребувана платежна картичка за неслужбените потреби на функционерите.
Јавноста има право да знае како функционерите ги трошат народните пари. Примерите во оваа сторија се мал, но впечатлив показател за новите функционерите и новата влада да покаже поинаков, одговорен однос спрема државните пари.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.)

Оставете коментар

Коментар(и)