Денешна дата
17/02/2018

НИНА АНГЕЛОВСКА: Со „Групер“ научив дека секоја пречка е предизвик за подобра иднина

разговарала: Бјанка Станковиќ

Се најдовте на листата на успешни млади луѓе под 30 години во категоријата малопродажба и е-трговија. Опишете ни го искуството од Лондон и импресиите од настанот.

Пред се’ бев многу среќна особено што настанот се поклопи со седмиот роденден на „Grouper“ и многу емотивна за тој прв ден кога на плоштадот пред 7 години го лансиравме првиот сајт за групно купување. Задоволството е огромно кога напорната работа и труд ќе бидат препознаени.  Forbes „30 Under 30” е големо и престижно признание кое доаѓа како цреша на шлагот, бидејќи кога во 2016 година бев одбрана во листата на “100 жени основачи од Европа”, составена од германскиот магазин „The Hundert“ и кога таа листа беше споделена од „Forbes“, самото тоа ми личеше како престиж. Сега кога се најдов на листата, а особено кога го слушав говорот на уредникот на „Forbes“ на прославата во Лондон, Randall Lane за начинот на избор односно по исцрпна потрага да ги најдат младите лидери во Европа и над 20.000 номинации ние сме најдобрите од најдобрите и дека ова е најпрестижниот клуб на лидери во кој е најтешко да се влезе се чуствував како да сум на врвот на планината што ја качувам 7 години. Но ова е заокружување на третата деценија од мојот живот, односно што сум постигнала до 30 години, а секако патот кон искачување на повисоки планини продолжува понатаму.

Искуствата од привилегијата да се биде во Forbes „30 Under 30“ клубот допрва ќе следат. Веќе се планираат настаните кои ќе се одржуваат оваа година каде ќе имаме прилика да се запознаеме подобро со брилијатни луѓе од светот и да разменуваме искуства и знаење кои секако се од голема важност.

 

Каде денес се наоѓа Груперво однос на Вашите очекувања?

 

„Групер“ е лидер на пазарот на е-трговија и е препознаен како двигател кој предизвика трансформација на пазарот на е-трговија. Во 2011-та кога почнувавме, речиси и да немаше е-трговија во земјава, а денес ние имаме околу 200 илјади регистрирани корисници и преку 2.500 партнери соработници чии услуги и производи се нудат на „Групер“. Горди сме на фактот што илјадници луѓе во Македонија всушност својата прва онлајн трансакција ја направија преку „Групер“. Горди сме и заради тоа што голем број компании – трговци влегоа во светот на електронската трговија токму со помош на „Групер“. Драго ни е што паралелно со нашите бизнис цели, исполнуваме и своевидна општествено одговорна мисија, да ги едуцираме и трговците и потрошувачите за придобивките од е-трговијата. Како лидер на пазарот постојано воведуваме новини и лансираме тематски кампањи за корисниците.

Изминатава година имавме неколку кампањи кои достигнаа рекордни продажби и одличен фидбек како од корисниците, така и од соработниците. Рекордната кампања изминатава година беше Black Friday кампањата која достигна 20.000 продадени купони во само три дена. Ја организиравме кампањата „Дестинација Македонија“ која го промовираше домашниот туризам преку богатата понуда од над 100 сместувачки капацитети и угостителски објекти низ земјава. Понатаму, добро познатата „Недела на Храна“ која го претвори Скопје во најгурманско место досега.

Во моментот е активна нашата роденденска златна кампања по повод 7 години „Групер“ во која се вклучени одбрани компании со непобедливи златни зделки. „Групер“ го движиме согласно нашите очекувања. Можам да истакнам и дека истражувањето помага во неговиот развој. Во мојот докторски труд правев анализи од практичната работа и придонесував кон растот на „Групер“, но и со преточување на истражувањето во теоретски запис – мојот докторски труд, дадов придонес и кон начуната мисла, односно ги споделив за подобро менаџирање на онлајн бизнис.

Кој е најголемиот предизвик со којшто се соочувате денеска?

Најголемиот предизвик – недостаток на време за да направам се што сакам и умеам. Често се шегувам дека идеалната „Групер“ зделка за мене би била “Плати 30 минути, добиј 60”. Во моментот се обидувам да балансирам меѓу три актуелни предизвици кои ги имам и да го дадам максималниот придонес на сите три страни: менаџирањето на „Групер“ – Асоцијацијата за е-трговија во Македонија во која сум претседател и која штотуку започна со работа и моите консултантски ангажмани меѓу кои е соработката со Македонски Телеком во полето на е-бизнис и е-трговија.

 

Кои поуки ги извлековте во процесот на работењето наГрупер?

Како што растеше и се развиваше „Групер“, и јас и целиот тим растевме заедно со него.  Научив дека клучот за успех е пасијата и напорната работа, постојаното учење, менување и надградување, следењетo на трендови, способноста за донесување брзи одлуки, добра организација и мотивиран тим. Научив секоја пречка да ја гледам како предизвик кој мора да го решиме и поминеме за утре да станеме подобри од денес. Научив дека не треба да ги прифаќаме работите такви какви што се туку треба да ги предизвикаме промените и да влијаме, а во меѓувреме треба да го најдеме начинот да работиме во било кои услови и да се адаптираме за да го извлечеме максимумот или поинаку кажано, кога не може да го промените правецот на ветерот, прилагодете го вашето пловење.

 

Во вашите предизвици, претпоставувам, идејата и мотивот се иницијалните креатори, како се мотивирате себеси и како ги мотиврате Вашите соработници?

Кога работите со љубов, страст и пасија и кога работата истовремено ја доживувате како хоби тогаш изворот на мотивација е непресушен. Ние во „Групер“ работиме состав и пасија. Кај нас владее креативна и динамична култура без класична хиерархија во односите. Тимот се состои од 17 вредни млади членови кои придонесуваат за заеднички раст и напредок. Покрај тоа што сме колеги, ние сме и пријатели па уживаме во заедничките дружби и тимбилдинзи кои ги организираме редовно на кои патем се раѓаат многу нови идеи кои потоа ги реализираме.

Тоа што мене лично ми ја држи истата желба и елан за работа после 7 години се постојаните нови предизвици кои треба да се совладаат и секако резултатите кои покажуваат како сме ги совладале. Фидбекот за постигнатите резултати е многу важен за да се остане мотивиран и спремен за нови предизвици. Инспирацијата и мотивацијата е сила која доаѓа одвнатре. По природа сум компетитивна и верувам дека секогаш се’ сe може подобро.

Многу млади луѓе си заминуваат од Македонија. Каков совет би им дале на оние коишто сакаат да започнат свој бизнис овде, што е потребно за една идеја да прерасне во бизнис кога околностите не се совршени?

Дома си е дома, но во услови кога околностите не се совршени треба уште повеќе желба, пасија и работа за да се успее. Стартап сцената денес е значително поразвиена од времето кога јас се впуштив во бизнис водите и го ко-основав „Групер“. Се појавија повеќе акцелератори и инкубатори, беа развиени бројни програми и обуки насочени кон стимулирање на претприемнишво и со тоа намалување на невработеноста. Затоа препорачувам да се користат овие можности, уште повеќе младите да се вклучуваат во натпревари, да истражуваат и ја изложат својата бизнис идеја. Всушност и јас така започнав – ако не беше наградата и освоеното прво место на натпреварот за најиновативен бизнис план во 2010 година, можеби немаше да биде ни „Групер“. Постојат добри бизнис модели кои се нови за нашиот пазар кои би можеле со адаптирање да се аплицираат особено во онлајн бизнисот. Но за да прерасне идејата во успешен бизнис пак ќе кажам желба, пасија и многу напорна работа.

Оставете коментар

Коментар(и)