Денешна дата
14/11/2018

Министри или кралеви: Образование без лимит, МВР без правилник за трошење на репрезентација

Министерката за образование, Рената Десковска, заедно со функцијата наследи и можност за неограничено трошење на буџетски пари за репрезентација. За ова се „погрижил“ нејзиниот претходник, Пиштар Лутфиу, во чие министерување било донесен правилник според кој министерот има можност за троши без лимит


ДОКУМЕНТАЦИЈА


 

Автори: Ангела Рајчевска, Бјанка Станковиќ, Ангела Петровска

 

Правилникот кој го доби СКУП користејќи го Законот за слободен пристап до информации е потпишан на 17.8.2016 година. Според правилникот, министерот има неограничен месечен износ, заменик министерот располага со 100.000 илјади денари, а државнот секретар со сума од 15.000 илјади денари месечно.

СКУП во претходнатасторија за трошоците од службените картички на државните функционери во Македонија утврди дека Пиштар Љутфиу, за време на својот мандат од 5. април 2016-та до 1. јуни 2017-та година, од буџетот на ова министерство потрошил над 20.000 евра за ресторански услуги.

 

МВР НЕ ГЛЕДА ПОТРЕБА ОД ПРАВИЛНИК

 

Дали и со новоизбраната власт ќе продолжи да егзистира аздисаноста во трошењето на народните пари? СКУП се обиде да одговори на ова прашање барајќи увид во Правилниците за репрезентација на министерсвата.

„Министерството за внатрешни работи не евидентира подзаконски прописи, односно интерни акти кои ги регулираат предметните прашања: правилник за користење службена дебитна картица наменета за функционерите во Министерството и правилник за репрезентација.“

Ова е одговорот што, обработувајќи ја темата за тоа како, колку, кои се лимитите и кој го контролира трошењето на буџетските пари по основ на таканаречената „репрезентација“, редакцијата на СКУП го доби откако испрати барање по слободен пристап до информации од јавен карактер до МВР. Од министерството се побараа правилници за репрезентација и правилници за користење службена картица.

 

ОДБРАНА И КУЛТУРА СО ОГРАНИЧЕНИ СУМИ

 

Откако медиумите и пошироката јавност упатија остри критики за енормните трошоци од страна на државните функционери, дел од министрите од новата влада донесоа нови правилници за користење репрезентација. Меѓу нив е и министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, која на 31.8.2017-та година носи ново решение со кое го поништува претходното од 14.5.2012 година, потпишано од нејзиниот претходник Зоран Јолевски.

Во решението се вели дека право на репрезентација имаат министерот, заменик министерот, државниот секретар, началникот на Генерал штабот на АРМ, неговиот заменик и директорот на ГШ на АРМ.

 

Министер 13.000 денари
Заменик министер 10.000 денари
Генерал на штаб на АРМ(ова проверете, веројатно е „Началник на Генералштаб“) 13.000 денари
Заменик началник на ГШ на АРМ 10.000 денари
Директор на ГШ на АРМ 10.000 денари

 

Во ова министерство максималниот дозволен износ за сите репрезентативни, за петте врвни позиции во министерството и во Генералштабот, според новиот правилник, изнесува помалку од илјада евра на месечно ниво.

По најавената внатрешна ревизија во август 2017-та, од Министерството за култура објавија Упатство за користење на угостителски услуги и за други трошоци за службени потреби на товар на средствата на буџетот на Министерството.

Нарачките од храна и пијалаци кои се служат во угостителски објекти во Македонија и во странство и другите трошоци поврзани за службени потреби можат да ги користат министерот – во износ до 500 евра, заменикот на министерот – 400 евра и државниот секратар – 300 евра.

Министер 500 евра
Заменик министер 400 евра
Државен секретар 300 евра

 

И Министерството за финансии има решение за правото на користење на угостителски услуги во Министерството за финансии. Во истото стои дека право на бесплатно користење на угостителските услуги од интерното бифе за свои потреби, за странки и за службени состаноци до определен вкупен месечен износ имаат министерот, заменик министерот, државениот секретар, директорите на орган во состав на МФ, државените советници, раководители на сектори во МФ, раководители на сектори во орган во состав на МФ, сала за состаноци и кабинет на министер, со одредена цена на трошење.

Под угостителските услуги спаѓаат нарачките на безалкохолни пијалаци и додатоци за кафе, чај. Исто така, угостителски услуги може да опфаќаат и кетеринг услуги за потребите на Министерството со вкупен месечен износ од 500 евра, а трошоците над 500 евра се одобруваат со посебен акт.

 

ДЕЛ ОД МИНИСТЕРСТВАТА НЕ ГО ОТКРИВААТ ЛИМИТОТ

 

Дел од министерствата не одговорија конкретно кои се дозволените суми за трошоци за репрезентација, но ги споделија наменските листи.

На пример, Министерството за правда ја сподели долгата наменска листа на угостителски услуги, набавка на подароци за посебни пригоди, посета на странски делегации, одржување на работни состаноци, организирање семинари и други случаи за потребите на министерството, но не и лимитот на трошењата на носителите на највисоките функции во министерството.

Во Правилникот за правото, начинот и постапката за користење на средствата за репрезентација во Министерството за животна средина и просторно планирање, исто така, не се наведени дозволените суми во кои можат да уживаат министерот, заменик министерот, државниот секретар, директорите во орган во состав, државните советници и раководителите на сектор.

Од средствата за репрезентација дозволени се и трошоци за симболични подароци за официјални гости кои не може да изнесуваат повеќе од 100 евра по лице во денарска противвредност.

Во претходната сторија што ја изработи СКУП за службените картички на функционерите во министерствата, со цел јавноста да има увид каде се трошат државните пари од страна на функционерите, ова министерство ги немаше доставено изводите од нивните картичките. Ова, и покрај жалбата до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, од ова министерство сеуште не ги добивме побараните информации.

Наменските пари од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се за остварување и одржување на добри деловни односи, одбележување на настани, годишнини, празници, семинари, едукации и други настани како и за средства на угостителски услуги – издатоци направени за набавка на освежителни пијалаци, алкохолни пијалаци и храна. Покрај тројцата главни функционери, овие пари ги користат и директорите на управите во состав на Министерството без својство на правни лица, државните советници, раководители на сектори, претседателите на работните тели и комисии на министерството.

За разлика од минисерството за земјоделство и финансии, кругот на корисници во Министерството за локална самоуправа е потесен. Односно, наменските пари можат да ги користат само министерот, заменик министерот и државниот секретар. Наменската листа е релативно иста со другите министерства, и тука, трошоците за подароци за официјални гости се ограничени на 100 евра по лице.

Од Министерството за транспорт и врски, износот на репрезентативни трошоци на главните функционери, односно министерот, заменик министерот и државниот секретар не ни беше доставен. Останатите функционери можат да трошат во износ од 1.500 денари, со исклучок на раководителите на независните одделенија кои може да трошат до 800 денари месечно:

Државни советници 1.500 денари
Директорот на Управата за сигурност во железничкиот систем 1.500 денари
Капетанот на Капетанијата на пристаништата – Охрид 1.500 денари
Раководителите на сектори 1.500 денари
Раководителите на независни одделенија 800 денари

 

Правилниците се тука, останува да видиме дали новата власт и покрај силните ветувања за скротување на аздизаноста за која ја обвинуваа претходната власт, по седнувањето во функционерските фотељи  ќе успее да го почитува Правилниците за регулирање на трошењето на државните пари.

 

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.)