Денешна дата
21/06/2018

Собираат за деца болни од рак – не се знае каде одат парите

Автори: Сандра Никчевска, Ива Андреевска и Донатела Конеска

 

„За деца болни од рак, собираме средства за деца болни од рак, повелете сликовници по 100 денари, помогнете за деца болни од рак“.    

Ова се зборовите на уличните продавачи до минувачите во Градскиот трговски центар во Скопје. Освен на скопските улици, пред поголемите маркети и трговски центри, колпортерите на издавачката куќа „Медија Планет“, на идентични локации можат да се сретнат и во други градови во земјава.

Некои од минувачите ги игнорираат повиците. Други, поттикнати од содржината на обраќањата, со сочувство и од хуманитарни побуди, подзастануваат и купуваат од списанијата и детските сликовници со цел да донираат за болните дечиња. Трети само се распрашуваат и сомничаво одмавнуваат со главата.

 

 

„НЕ МЕ СЛИКАЈТЕ, ЗАРАБОТУВАМ ЗА ЖИВОТ“

 

Колпортерките на сликовниците за деца  катадневно ги гледаме во центарот на Скопје, на плоштадот и во Градскиот трговски центар. Ненападно, со доза на воздржаност и со зборовите: „Собираме пари за деца болни од рак“, исчекорувајќи кон нас, деновиве, во приземјето на Градскиот трговскиот центар, нй се обрати едната од нив.

Ја прекинавме соопштувајќи  дека сме новинарки и дека сакаме да позборуваме со неа за тоа каде сè одат парите од списанијата што како хуманитарна активност таа им ги нуди на минувачите.

Не сакаше многу да зборува, не сакаше да ја фотографираме. Само рече дека се вика Татјана, дека работи за компанијата „Медија Планет“ и дека и таа заработува за живот од продажбата на изданијата на оваа куќа.

Ни кажа уште дека “Медија Планет” во моментот соработува со невладините оргнизации „Живот со предизвици” од Битола, “Нов живот” од Штип и со Македонската Православна Црква, поточно со манастирот „Св. Богородица“ на  Матка.

На нашето прашање дали знае како се распоредуваат тие 100 денари што луѓето на кои им ги продава сликовниците ги даваат за деца болни од рак, не умееше или не сакаше да објаснува. Неодредено додаде дека парите одат кај двете невладини како и за помош за монахињите во манастрот на Матка, како и за издавачката куќа за која работи.

Од  битолската “Живот со предизвици” потврдија дека од едно продадено списание кое чини 100 денари за нив се донираат само 20 денари. Увидот во сликовниците покажа дека секое списание е со различна содржина и дека практично секое од нив одделно, конкретно е наменето за по една од спомнатите организации. Така, на сликовниците за деца стои логото на  “Живот со предизвици”, на списанието со верски православни содржини стои логото на манастрот „Св. Богородица“, додека на третото издание, боенка за возрасни, стои само логото на “Медија Планет”.

 

„МЕДИЈА ПЛАНЕТ“: СОРАБОТУВАМЕ СО МНОГУ ОРГАНИЗАЦИИ

 

Писма со критики и реакции за начинот на собирање на хуманитарната помош беа изнесени од страна на неколку читатели и на разни портали во Македонија. Сите беа адресирани до компанијата „Медија Планет“.

 

Новинарите на  СКУП ја посетија оваа компанијаЉубезно нè пречека одговорната во фирмата, директорката Драгана Михајловиќ, жената што се спомнува во писмата на читателите.

Трговско-издавачката куќа „Медија Планет“ во Македонија постои од 2012 година. Во Србија е присутна веќе 20 години. Деветдесет проценти од нашето издаваштво се состои од детски изданија испечатени на четири јазици, а остатокот е насочен кон повозрасната публика“, вели таа.

Во врска со начинот на функционирање на ова компанија, Михајловиќ вели: „Пред да почнеме соработка со здружение, најпрвин склучуваме договор за соработка со истото, а поврзано со одредени артикли кои ќе се продаваат. Попис на продадени производи правиме на месечно ниво. Обично соработуваме со едно здружение најмалку една година. Значи, најпрвин одредуваме со кого ќе соработуваме, па потоа почнува продажбата на списанијата и собирањето на средствата. Досега сме соработувале со Хендикеп Плус од Крива Паланка, Ластовица од Скопје – Аеродром, Нов Живот од Штип, Живот со предизвици од Битола. Од 2013 или 2014 соработуваме и со МПЦ, преку печатење на изданија со религиозна содржина за деца, како и верски календари“, вели таа.

Директорката вели дека не знае колку пари се собрани и донирани во 2017-та.

„ Секоја година е различно. Да ви кажам грубо за лани, не помалку од 5.000 евра, а не повеќе од 10.000. Се води евиденција за собраните средства, а истите се исплаќаат на жиро-сметка на здружението со кое соработуваме“, појаснува Михајловиќ.

„Кажете ни барем во проценти колку од вкупно собраните стредства лани дојдоа во рацете на хуманитарната оргнизација со која имате договор?“, беше следното прашање на новинарките на СКУП.

„Би сакала да ви кажам, но не можам, заради тоа што според договорот, двете вклучени страни треба да се согласат за да можеме да го обелодениме процентот кој се донира од едно продадено списание. Можете да ги исконтактирате „Живот со предизвици“ од Битола, со кои соработуваме сега, па ако се согласат и тие, ќе ви кажеме за колку донирани пари станува збор“, одговори Михајловиќ.

 

 

СОБРАНИТЕ ПАРИ НЕ ЗАВРШУВААТ ЗА ДЕЦАТА ЗАБОЛЕНИ ОД РАК

 

За хуманитарните невладини организации секој денар е значаен за одржување на нивните активности. Оттаму и „соработката“ со скопската издавачка куќа „Медија Планет“ е добродојдена од аспект на автономната финансиска издржливост.

Но, нема податок колку пари влегле во невладините „Хендикеп Плус“ од Крива Паланка, „Ластовица“ од Скопје – Аеродром, „Нов Живот“од Штип и колку од таму стигнатите пари од „хуманитарната“ продажба на сликовниците за деца болни од рак, стасуваат во рацете на децата и нивните родители.

Споменатите невладини не беа достапни за новинарскиот тим на СКУП.

Меѓу последните актуелни соработници на „Медиа Планет“ е Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“ со седиште во Битола, со која „Медија Планет“ има актуелен договор.

Претседателката Весна Алексовска се оградува да бидат доживувани како „хуманитарна организација“. Од парите што „Медија Планет“ ги уплаќа на сметката на ова здружение, според нејзините зборови, ниту денар не оди за болно дете. Алексовска вели дека 4.000 евра годишно кај нив покриваат по 700 денари за телефон, една минимална плата за еден вработен во здружението, за друго се снаоѓаат преку други проекти.

Алексовска од „Живот со предизвици“ , потврдува дека со парите што ги добиваат од списанијата што „Медија Планет“ ги продава со цел парите од продажбата да одат и за лекување на болни деца, тие ја одржуваат нивната телефонска линија за помош на децата заболени од рак.

Преку неа, вели Алексовска, активисти на невладината ги информираат заинтересираните за болести, за поврзување со други пациенти и нивни родители со исти болести, за да прават консултации и даваат информации за доктори за помош во ажурирање документи и слични активности.

Во светот, додава Алексовска, „има 8.000 регистрирани ретки болести, а само за 5% има терапија“.

На прашањето на СКУП за тоа колку од парите што ги собира компанијата „Медија Планет“ за деца болни од рак стигнуваат на жиро сметката на ова здружение, Алексовска вели дека месечно некогаш добиваат 3.000 денари, некогаш 10.000, а некој месец и до 20.000 денари.

Од невладината „Нов живот“ од Штип велат дека во 2014 година три списанија од изданијата на „Медија Планет“ биле наменети и за нив и дека 20 отсто од средствата од продадените примероци оделе за нивната органицација.

„Пресметката во декември 2016 година изнесува 17.500 денари, јануари 2017 година 18.980 денари, во февруари се добиени средства 3.720 денари, во март се добиени 3.500 денари и април истата  година –  5.660 денари. Или вкупно 49.360 денари . Потрошени се 14.547 денари за суплементи(витамини) за оперираните од канцер, околу 5.000 денари се потрошени за посети на ново оперираните или за недела на борба против ракот, 6.000 денари за канцалариски материјали, 2.400 денари за одржување на сметка„ вели Виолета Ефтимова, претседател на здружението „Нов Живот“ од Штип.

Таа појаснува дека „Здружението не е за деца болни од канцер, туку членови се возрасни оперирани од канцер и едукација на другата популација за рано откривање“.

 

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛА НЕМА НАДЛЕЖНОСТ ЗА ПАРИТЕ КОИ СЕ СОБИРААТ ЗА ХУМАНИ ЦЕЛИ

 

Најпотврдените здруженија на граѓани на родители на деца болни од рак „Пеперутка“ и „Животна искра“ велат дека немаат вакво искуство на соработка или собирање пари за нивните цели.

Ниедно министерство или институција не дава дозволи за собирање пари во кеш на улица, ниту пак ги контролира собирачите на пари под изговорот „за хуманитарни цели“.

Проверувајќи го овој впечаток, СКУП го праша и Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за тоа дали издава дозволи на организации и здруженија со можност да собираат во готово пари за хуманитарни цели и без фискални сметки, дали некој ги контролира тие дозволи, дали има документ каде тие се запишани, како и за тоа кои се условите кои треба да се исполнат за да се добие таква дозвола.

Оттаму, наместо конкретни одговори на конкретните новинарски прашања, со синтагмата „повелете одговор“ избегнувајќи ги одговорите, ни испратија копија на членовите  на Закон за социјална заштита број 142,143 и 146.

Во нив секако, има правна регулација, но не и одговори на нашите прашања за институционалната контролата врз собирачите на „хуманитарни“ пари директно од граѓаните.

По однос на активностите наведени во дописот “организации и здруженија за можност да собираат пари за хуманитарна цел, притоа не издаваат фискални сметки“ министерството нема никакви надлежности во самоиницијативните активности на здруженијата на граѓани кои самите ги утврдуваат во нивниот статуст при нивното формирање и упишување“, стои во дописот од МТСП.

 

ЛАЖНО СЕ ПРЕСТАВУВААТ И СОБИРААТ ПАРИ ЗА „ХУМАНИ ЦЕЛИ“

 

Дали ако државата или МТПС „нема надлежности“ да ги регулира ваквите активности,  тогаш злоупотребите на хуманост и мамењето стануваат правно легални?

Со ова и со некои други прашања ги посетивме и скопскиот  „Црвен Крст“ и невладината „Меѓаши – прва детска амбасада во светот“.

„Некои луѓе, лажно претставувајќи се, пробуваат да собираат пари во име на Црвениот крст. Но, нашите волонтери, при собирање пари за хумани цели, секогаш се облечени во претпознатливи маички, имаат беџови и писмо од Црвениот крст“, вели Александра Ристовски , одговорна за промоција на хуманитарни вредности при Црвен крст на Град Скопје.

Според неа , на македонскиот Црвен Крст,  не му требаат дозволи од државата за организирање на хуманитарни настани, за поставување на кутии за донации или пак за донации во вид на облека, прехрабрени артикли и за други производи.

Дозволи ни се потребни само од институциите каде што ги организираме тие настани. Сите пари кои таму се собираат или кои  ни се донирани, влегуваат во евиденцијата на Црвениот крст преку записник“, вели Ристовски.

Основачот на „Меѓаши“, Гордана Пирковска Змијанац, вели дека нивната организација работи согласно законските прописи во земјата.

Нашата организација не организира акции за собирање на средства за хуманитарни цели, од причина што не поседуваме дозвола како и поради фактот дека државата и УЈП, а согласно член 55-а од законот за персонален данок сме обврзани да платиме персонален данок на име на лицето на бруто вредноста на помошта намалена за 35%. Лицата се најчесто од социјално загрозени семејства, а некои и се приматели на социјална помош и за ваква мала помош најчесто до 1.000,00 денари може да ја изгубат и онака малата социјална помош. Сепак во нашата организација се обраќаат голем број лица кои бараат помош и Меѓаши во многу мали размери собира средства за хуманитарни цели“, вели таа.

Пирковска Змијанац вели дека во 2016 година била организирана поголема хуманитарна акција за помош на поплавите во Стајковци.

За таа цел се собраа многу малку средства на сметката на Меѓаши во вкупен износ од 12.000,00 денари. Истите средства стопроцентно беа потрошени за таа намена, односно беа купени средства за хигиена и се плати возач кој ги носеше медицинските екипи на терен. Сите кои сакаа да донираат средства беа упатувани тоа да го сторат во Црвен Крст. Сепак вработените доброволно учествуваа во организирање, одење на терен, директна помош во расчистување на поплавените домови своето учество во помош и подршка на поплавените“, вели таа.

 

 

АНКЕТА: ГРАЃАНИТЕ РЕТКО ДОНИРААТ, НЕ ИМ ВЕРУВААТ НА „ХУМАНИТАРЦИТЕ“

Теренската и онлајн анкета на СКУП, која веше спроведена на над 100 граѓани, покажува дека генерално граѓаните многу не им веруваат на теренските „собирачите на пари“ за хуманитарни цели, а уште помалку веруваат дека таквите пари стасуваат кај тие во чие име списанијата се продаваат. На прашањето на кој начин донирате за хуманитарни цели, телефонски донираат 52%, преку кутии за донации – 25%, преку жиро-сметка – 8% додека преку купувње производи во името на хуманитарни цели – само 15%.

 

Во анкетата  99% од испитаниците одговорија дека имаат донирано во пари на една од четирите спомнати форми во прашалникот на анктетата, додека 85% од нив имаат одредени сомнежи за тоа дали нивните пари секогаш стигнуваат таму за каде што тие и ги донирале.

 

Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.

civica_mobilitas_logo

Оставете коментар

Коментар(и)