Денешна дата
17/10/2018

Стереотипи за менталното здравје во Македонија: Стигмата од посета на психијатар води кон трагедија

Автор: Бјанка СТАНКОВИЌ

 

Во декември минатата година исчезна професорката Снежана Тројачанец. Во текот на потрагата, нејзиниот сопруг за неделникот „Фокус“ тогаш изјави дека се плаши од најлошото, бидејќи Снежана се лекувала од депресија.

Епилогот на потрагата по неа е дека животот ѝ завршил трагично. Тројачанец беше пронајдена мртва во водите на Вардар.

Веднаш по овој настан на социјалните мрежи се отвори дискусија за потребата конечно и кај нас отворено и без предрасуди да се зборува за менталното здравје. Токму за оваа тема на социјалната мрежа Фејсбук е направена и група, именувана како „ИЈасИмам група за поддршка“. Во моментов, во групата членуваат околу 300 луѓе.

 

ИНИЦИЈАТИВА ЗА РУШЕЊЕ НА СТЕРЕОТИПИ

 

Еден од основачите на групата, Божидар Божиновски, изјави дека клучниот момент за да направат ваква група било самоубиството на професорката Тројачанец.

„Поттик беше самоубиството на професорката Тројачанец и информацијата дека многумина имаат проблеми со разни ментални болести, но во својата средина немаат никого со кого би можеле да разговараат, да им даде совет, како и желбата да се намали стигмата од посетата на психолог или психијатар“, вели Божиновски.

Тој уште и смета дека социјалните мрежи може да влијаат врз рушењето на стигмата околу депресијата и воопшто на менталните нарушувања.

„Доколку се водат вистински кампањи кои би имале за цел да се намали стигмата за менталните заболувања и барањето на помош од стручни лица, тоа би можело да влијае позитивно. Сепак, покрај ова, е потребна е посеопфатна акција за да се променат длабоко всадените стереотипи во општеството“, додава тој.

Ана Блажева

Во овој правец, психотерапевтот и воедно истражувач при Институтот за социолошки и хуманистички науки, професорката Ана Блажева, вели дека никој не треба да биде оставен самиот да се справува со своите ментални проблеми.

„Недостатокот на грижа и можности за поврзување е најголемиот ризик фактор за губење на човечкиот живот“,  изјави таа.

 

 

 

Неодамна Асоцијацијата „Мисла во соработка со Солвео“ изработија видео кое е дел од кампањата за информирање на јавноста насочена кон овозможување достоинствен живот социјална правда за лицата со ментални болести. Целта на видеото е да се информираат граѓаните за проблематиката на менталното здравје и да се подигне свеста кај јавноста за потребите, предизвиците и проблемите на лицата со ментални болести и рушење на стигмата кон нив.

 

ПРОБЛЕМИТЕ ПОД ТЕПИХ, ИНСТИТУЦИИТЕ ИНЕРТНИ

 

Набргу по трагичниот настан со професорката Тројачанец, скопјани ги потресе самоубиството на 37 годишна жена која се обеси на дрво во скопски Карпош. Во јануари годинава 27 годишната жена се фрли во Вардар. Очевидците кои се нашле на местото на настанот раскажуваа дека иако таа била спасена од нејзиниот татко, тој почнал физички да ја повредува.

Тука се отвора прашањето не само за тоа како индивидуите реагираат на овие настани, но и како целото општество се справува со луѓето кои имаат ментални нарушувања.

„Дискриминацијата е и од луѓето околу нив и од институциите“ вели претседателката на Комората на психолози на Република Македонија, Мирјана Јовановска Стојановска.

Таа објаснува дека општеството ги стигматизира луѓето со ментални нарушувања. Ги игнорира, додава Стојановска, вртејќи ја главата на страна и прескокнувајќи било каква информација поврзана со нив и со нивното нарушување или ги отфрла со нетолеранција, осуда, дискриминација и агресија.

„Почнувајќи од децата па се до старите лица сите оние кои живеат со потешкотии во менталното функционирање се соочуваат со неприфаќање. Ретко која врата им е отворена за вработување, за членување или за било какви други активности. Дискриминацијата е и од луѓето околу нив и од институциите“, потенцира Стојановска.

Професорката Блажева, пак, вели дека негрижата е еден од клучните проблеми во политиките што ги креираат и спроведуваат институциите. Таа смета дека фокусот е ставен на брзи решенија кои само навидум нудат ефикасност наместо добро осмислени и политики адекватни на потребите.

„Проблемот не го лоцирам во поединецот туку во заедницата и начинот на кој во таа заедница се справуваме со проблемите. Менталното здравје во системот на здравствена заштита е целосно непрепознаено и маргинализирано. Не се посветува внимание ниту на нужното време за подготовки и планирање на политиките, ниту за спроведување и  учење низ процесот“, додава таа.

 

ОД ГОДИНА ДО ГОДИНА ПРОМЕНЛИВ БРОЈОТ НА САМОУБИСТВА ВО МАКЕДОНИЈА

 

Во последниве неколку години, според податоците од Државниот завод за статистика, варира бројот на самоубиства. Најмногу имало во 2012 година односно 172 самоубиства, а најмалку се евидентирани во 2015, поточно 114 самоубиства.

Подигнувањето на свеста кај заедницата за самоубиството како здравствен проблем и кршењето на табуата е важно за земјите да постигнат напредок во спречување и намалување на бројот на самоубиства!

Блажева е сигурна дека општеството може да влијае врз намалувањето на бројот на самоубиства така што треба да гради политики на грижа кои ќе овозможат доволно услови за да може страдањето на луѓето да биде препознаено, но и овозможен систем во кој ќе има услови за занимавање со сите проблеми и нивно надминување.

„За жал состојбите на постоечкиот систем и општествена динамика бараат коренити промени и зафати. Во таа смисла сметам дека е потребна промена во генералната парадигма на политиките од политики кои бараат ефикасност и економска оправданост кон политики кои како врвен приоритет ги имаат потребите на луѓето и креирањето подобри услови за живеење“, вели таа.

Според Јовановска Стојановска, за да се намали бројот на самоубиства треба да се создаде една голема широка национална платформа за превенција и грижа за менталното и емоционалното здравје на населението во сите возрасни категории. Неопходна е и подобрена и посоодветна услуга во здравствената заштита, а во процесот да се вклучат не само психолозите туку и сите други здравствени работници, како и професионалци кои директно работат со луѓе.

„Потребна е достапност на психолошко советување уште во примарното здравство, во основното и средно образование, во сите институции на социјална работа, во казнено поправните институции, во полицијата, војската, спортот итн,“ вели Стојановска.

 

ЗАКОНОДАВСТВОТО, СЕМЕЈСТВАТА И МЕДИУМИТЕ – КЛУЧНИ ЗА РУШЕЊЕ НА СТИГМАТА

 

Според претседателката на Комората на психолози на Република Македонија, Мирјана Јовановска Стојановска, рушењето на стигмата треба да се одвива во неколку паралелни процеси. Најпрво, да се започне од законодавството кое треба да му даде место и значење на менталното здравје.

Во законот за осново ни средно образование воопшто дури ни како збор не се спомнува емоционалното и менталното здравје на учениците. Така учениците не се свесни за постоење и важноста на емоционалното и менталното здравје. Ниту во Законот за ментално здравје нема грижа за менталното здравје за лицата кои не се хоспитализирани или на лечење“, вели Стојановска.

Таа го споменува и односот во семејствата и вели дека треба да им се помогне да ја воочат и прифатат состојбата или болеста на нивниот член, како и да научат да живеат со него. Но не ги заборава и медиумите и другите средства за информирање за кои вели дека е неопходно да се вклучат во сеопфатно информирање за менталното здравје и менталните болести.

Голем број од самоубиствата во светот се случуваат поради ментални нарушувања, алкохолизам, учество во војна (post-traumatic stress disorder), конфликт, катастрофа, жртва на физичко или сексуално насилство, моменти на криза и способност да се справи со животните стресови, како што се финансиските проблеми, прекин на љубовни врски, хронична болка и болест. Стапките на самоубиство се исто така високи меѓу ранливите групи кои се соочуваат со дискриминација како што се бегалците, мигрантите, ЛГБТИ лицата и затворениците.

 

НЕСТАБИЛНА ЗАЕДНИЦА – НЕСТАБИЛНИ ИНДИВИДУИ

 

Професорката Блажева ја истакнува нестабилноста како еден од клучните ризик фактори за нарушување на менталното здравје. Таа вели дека лошите услови, лишувањето од основите потреби, постојаната изложеност и постојаната состојба на стрес и фрустрации, се одразуваат на начинот на кој се доживуваме и вреднуваме себе, но и начинот на кој креираме релации со другите кои влијаат на целосното здравје и динамика на системите.

Стојановска пак вели дека заедницата во која жителите се борат со многу потешкотии за да си го живеат животот влијае врз животот на лицата со нарушено ментално здравје. Најпрво се намалува способноста на околината да ги разбере и прифати, а потоа истото се случува и со институциите. Со намалување на економската моќ се намалува и можноста луѓето да си обезбедат добра хигиена, исхрана, лекарства, работа, релаксација итн.

„Борбата за поквалитетен живот на сите нас во општеството е борба за поквалитетен живот на лицата со ментално нарушување“, истакнува претседателката на комората на психолози на РМ, Мирјана Јовановска Стојановска.

Оставете коментар

Коментар(и)