Денешна дата
23/04/2018

Ана Блажева, психотерапевт: Нашето општество нема цврста само – поддршка

Разговараше: Бјанка СТАНКОВИЌ

 

ИНБОКС7: Може ли да се зборува за колективна ментална состојба на едно општество? Или поконкретно –како би го би го оцениле нашето општество во овој контекст?

АНА БЛАЖЕВА: Не постои изолирана индивидуална состојба, ниту ментална, ниту емоционална. Во таа смисла проценката за менталната состојба на еден систем е во зависност од спрегата и динамиката со другите системи. Оценка за менталната состојба на едно општество бара сложена анализа. Ќе се обидам да напишам кусо неколку аспекти кои ги забележувам за колективната ментална состојба на нашето општество. Првата се однесува на поширокиот систем. Нашето општество, како дел од пошироки системи нема силна поддршка. Главните фактори и процеси кои ја креираат позадината се брзите промени што генерираат несигурност и потреба за брза адаптација на новите состојби и услови и сето тоа во економски систем кој не води кон одржливост, туку кон деструкција. Од друга стана се соочуваме со постојани кризи, конфликти, закани од различна природа (економска, безбедносна, политичка) и сето ова влијае врз општата ментална состојба.  Овие услови креираат состојба во која колективно сме постојано преплавени со закани, односно сме постојано застрашувани, изложени на отфрлање, изолација или манипулација од оние на повисока позиција на моќ. Нашето општество сметам дека нема цврста само – поддршка бидејќи има слаба социјална кохезија и разрушен систем на социјална заштита. Овие елементи креираат слика за нашата некадарност самите да се справуваме со предизвиците, и така ја зацврстува немоќната позиција на жртва. Затоа ткивото на нашето општество, кое се отелотворува преку здравјето на граѓаните, делува слабо, болежливо и несигурно во себе.  Немоќната позиција креира слика за себе која значи онеспособеност и неуспех. Една од афективните потенцијали на ваквата состојба е пркос и лутина, инает и упорност во докажување на спротивното, додека на другата страна е повлекувањето и изолацијата. Двете позиции имаат можност за надминување но потребни се бројни услови и системи на поддршка и само – поддршка. Ефектите од ваквата позиција се огледуваат во симптомите, а најчестите невротски симптоми се анксиозноста и депресијата.

 

ИНБОКС7: Дали политички нестабилната заедница во која живееме може дa влијае врз индивидуите?

АНА БЛАЖЕВА: Нестабилноста е еден од клучните ризик – фактори за нарушување на менталното здравје. Лошите услови, лишувањето од основите потреби, постојаната изложеност и постојаната состојба на стрес и фрустрации се одразуваат на начинот на кој се доживуваме и вреднуваме себе си, начинот на кој креираме релации со другите и влијаат на целосното здравје и динамика на системите. Од друга страна, постојат различни начини на кои успешно или помалку успешно се справуваме и успеваме да го живееме исполнето и квалитетно животот покрај лошите услови. Важно ми е да посочам дека искуството и незадоволството од лошите услови не поттикнуваат да наоѓаме начини да влијаеме и да ги менуваме условите. Односно не можеме да зборуваме за општествените услови без нашата улога и вклученост во нивно создавање, одржување и/или менување.

 

ИНБОКС7: Очигледно депресијата е се подоминантна појава кај македонските граѓани. Дали воопшто и како надлежните институции организирано и систематски ги третираат лицата со депресивни симптоми?

АНА БЛАЖЕВА: Прашање е дали можеме да зборуваме за било какво институционално системско организирано делување и затоа третманот на менталното здравје не изостанува од општиот впечаток за негрижа што го искусуваме во сите сфери на живеењето. Токму негрижата сметам дека е еден од клучните проблеми во политиките што ги креираат и спроведуваат институциите. Фокусот е на брзи решенија кои само навидум нудат ефикасност наместо добро осмислени и политики адекватни на потребите. Не се посветува внимание ниту на нужното време за подготовки и планирање на политиките, ниту за спроведување и  учење низ процесот. Менталното здравје во системот на здравствена заштита е целосно непрепознаено и маргинализирано. Не постои ниту стратегија ниту институционален систем што може да одговори на потребите и страдањата на луѓето.

 

ИНБОКС7: Од Ваши сознанија, дали македонските граѓани се охрабруваат да побараат стручна помош кога станува збор за сопственото ментално здравје?

АНА БЛАЖЕВА: Немам податоци, но знам дека секој што се соочува со проблем бара решение и помош. Прашањето е дали има каде да ја побараат и колку е таа достапна за нив?

 

ИНБОКС7: Од што најмногу зависи дали некое лице ќе побара стручна помош?

АНА БЛАЖЕВА: Од достапноста, информираноста и можностите за избор на адекватна помош.

 

ИНБОКС7: Дали посетата на психолог или психијатар е сѐ уште табу тема на нашите простори?

АНА БЛАЖЕВА: Мојот впечаток е дека постои слаба информираност за она што го нарекуваме ментално здравје, кое неретко се изедначува со негово целосно губење, односно лудило. Луѓето знаат малку за себе и овие аспекти на сопственото искуство, но исто така знаат малку за тоа кој и како може да им помогне. Овие се неопходни услови за да можат да побараат адекватна помош. Од друга страна,  како што споменав, е достапноста и недостатокот на можности за избор на различни методи на помагање, затоа што не постои еден адекватен метод за сите потреби и сите луѓе.

 

ИНБОКС7: Кај потешките депресивни случаи, обидите за посегнување по сопствениот живот па и самоубиствата, се зачестена појава. Од психолошки аспект станува ли збор за лица со „слаб карактер“ или психологијата има други дефиниции?

АНА БЛАЖЕВА: Не знам какви се податоците од каде црпите ваква констатација во однос на зачестеноста, јас за жал не располагам со вакви податоци. Страдањата на луѓето никогаш не се резултат на „слаб карактер“ туку тие се одговор на организмот на условите во кои живее. Всушност тие се на некој начин неадекватен обид да се справиме со проблемите. Никој не треба да биде оставен сам да се справува со проблемите. Недостатокот на грижа и можности за поврзување е најголемиот ризик фактор за губење на човечкиот живот. Затоа проблемот не го лоцирам во поединецот туку во заедницата и начинот на кој во таа заедница се справуваме со проблемите.

 

ИНБОКС7: Кои се најчести причини што некоја личност можат да ја доведат до депресија, па и самоубиствен чекор?

АНА БЛАЖЕВА: Депресивното искуство има многу различни варијации и може да се зборува за континуум а не единствена состојба. Причините за појавување на депресивно искуство може да бидат бројни и поврзани со непосредните животни случувања и услови, со минати лични искуства, системите на поддршка и сл. На овој континуум може да зборуваме за функционални и дисфункционални депресивни искуства и нивните различни варијации на невротски или психотични елементи и основи. Она што ја опишува депресијата е искуството кое подразбира изолирање и повлекување од контактите со луѓето и средината, а со тоа лишување од она што може да донесе некакво задоволство, а во бројни случаи и искуство на губење на задоволство од релации и активности што претходно го содржеле. Ваквата состојба на десензитизација ги менува доживувањата за времето, релациите и активностите. Тоа влијае врз мобилизацијата на личноста и врз нејзините секојдневни функции – исхрана, спиење, грижа за себе и сл.

Teшко е да се одговори генерално на прашањето што ги доведува луѓето да го прекинат животот. Прашањата за позадината и процесите кои ги искусува човекот е дел од истражувањето што луѓето кои страдаат од депресија може да го направат во безбедната релација со својот личен психотерапевт. Во суштина основните егзистенцијални прашања најчесто се актуелизираат кога луѓето ќе се соочат со депресивното искуство. Бидејќи како што опишав ова искуство овозможува губење на „вкусот на животот“ и се појавуваат прашања кои трагаат по одговор за суштината на нашето постоење и нашето место во светот. Основа за депресивното искуство кое може да доведе до посегање по сопствениот живот може да се поврзе и со длабока повреда што би можело да се сумира во „јас сум закана за другите„, „моето постоење е погрешно“, „јас не треба да постојам“. Овие искуства се креираат релациски. Не се свесни и тешко ги согледуваме. Кога некој страда тоа се одразува на неговиот систем, семејството, работната средина и пошироката социјална средина. А нашиот општествен систем не препознава страдање и нема систем да одговори на страдањето. Исто така системот не поддржува „неефикасни“ поединци, тие стануваат вишок и товар. Нашите семејства и најблиските окружувања не знаат како да помогнат и затоа страдаат сите членови на окружувањето. На крајот наместо да се направи прекин на страдањето тоа се умножува. На ваков начин, за оној што страда од депресија се потврдува доживувањето на сопственото постоење и живот како закана, вишок, проблем.

 

ИНБОКС7: Кои се најчестите предупредувачки сигнали дека некое лице размислува да се повреди себеси или да си го одземе својот живот?

АНА БЛАЖЕВА: Ова е многу тешко прашање, не заради тоа што не постојат показатели што може да се земат предвид туку затоа што ова нужно подразбира да се знае што да се направи кога овие сигнали ќе се забележат. На пример сите знаци на повлекување, негрижа и наштетување на себе (автодеструктивни однесувања), сите сигнали дека се размислува за одземање на животот, губењето на надеж, континуирано страдање и болка може да се сметаат како ризик фактори.  Потоа се јавува и прашањето колку може да се направи за да се спречи посегањето по сопствениот живот? Тешко ми е да зборувам за овие нешта знаејќи ја беспомошноста што ја чувствуваат најблиските што ќе ги забележат знаците особено затоа што повеќето се обиделе да го решаваат проблемот и наишле на неадекватен одговор од системот. Уште потешко за оние кои веќе имаат преживеано ваква загуба на близок и сите чувства и прашања со кои живеат и си ги поставуваат а за кои немаат одговор ниту поддршка како да се справат и да живеат со загубата. Како да се одговори на прашањето ако ги земеме предвид констатациите што претходно се изнесени за отсуството на грижа и системски можности за одговор на предизвиците со менталното здравје? Што правиме во ситуации кога стравот и загриженоста кај најблиските понекогаш не се доволни да направат го прекинат страдањето и да го спречат самоубиството? Затоа во политиките за ментално здравје потребни се различни видови на можности кои ќе ги опфатат и оние кои страдаат од депресија, ќе овозможи систем на помош, поддршка и превенција но исто така ќе ги вклучат и луѓето од нивната непосредна најблиска околина (семејство, пријатели, колеги и сл.).

 

ИНБОКС7: Како општеството може да влијае врз намалувањето на бројот на самоубиства?

АНА БЛАЖЕВА: Треба да градиме политики на грижа кои ќе овозможат доволно услови за да може страдањето на луѓето да биде препознаено и овозможен систем во кој ќе има услови за бавење со сите проблеми и нивно надминување. Ова звучи многу генерално но за жал состојбите на постоечкиот систем и општествена динамика бараат коренити промени и зафати. Во таа смисла сметам дека е потребна промена во генералната парадигма на политиките од политики кои бараат ефикасност и економска оправданост кон политики кои како врвен приоритет ги имаат потребите на луѓето и креирањето подобри услови за живеење.

 

ИНБОКС7: Луѓето со ментални нарушувања, вклучувајќи ја и депресијата секојдневно се соочуваат со недоразбирања од страна на своите роднини, пријатели, сограѓани – од „ништо не ти е, не преувеличувај, ќе ти помине“,  па се до „тој/таа е луд/а“. На кој начин може да се сруши стигмата околу депресијата и општо менталните нарушувања?

АНА БЛАЖЕВА: Како што споменав погоре, ние живееме во општество што не препознава, не разликува, не сака да гледа во проблемите кои се однесуваат на она што тука го нарекуваме ментално здравје. Од една страна бидејќи сме преплавени афектираме постојано или пак соматизираме, но не ја развиваме свесноста за овие искуства. Не го прошируваме овој домен на знаења за себе, ја отклонуваме главата и бараме брзи решенија, кои најчесто се однесуваат на тоа како да престанеме да чувствуваме. Нарекуваме дел од емоциите негативни и сакаме од нив да се ослободиме. Напротив, нашите емоции ги имаме за тие да ни бидат полезни, од нив да црпиме искуство што не можеме да го стекнеме на поинаков начин за себе и за нашата средина и околина. Нашите емоции се нашите двигатели. Ако отклониме, потиснеме или анестезираме цел спектар од ова искуство остануваме лишени од цел спектар на можности за дејствување. Всушност ефектите од несвесните емоции се содржани во симптомите преку кои се информираме дека нешто не е во ред. Затоа предлагам информирање кое ќе овозможи препознавање и можности за грижа за себе преку истражување на сопствените искуства, а потоа и поддршка во пронаоѓање на нови начини на живеење со стекнатото искуство.

Оставете коментар

Коментар(и)