Денешна дата
27/05/2018

Борче Давитковски: Ниеден буџет не издржува фиктивни советници

„ Најчесто се сака да се вдомат некои партиски војници, како што беше кога имавме случај осумдесет советници да седат во Владата и да не работат ништо, туку само едноставно да агитираат за партијата. Тоа се забележува кога има промена на власта“, вели Давитковски.

 

Разговарала: Ангела Рајчевска

 

 

ИНБОКС7: Советник на министер, советник на советникот на министерот, советник на советникот на советникот на министерот. И така до недоглед. Натрупување на нефункционална администрација камуфлирана во советници. Ова е моменталната ситуација во министерствата. Каква треба да биде според законот?

Борче Давитковски: Советниците во законот се предвидени на две нивоа: А група се генералните секретари, Б група се државнте советници, раководители на сектори итн.,  и В група се стручно управните функционери – самостоен советник, виш советник итн. Ова се звања на службениците. Но, тие (надворешните советници) не се советници во смисла на посебни советници кои се ангажираат согласно законот за администрација. Тие не влегуваат согласно филтерот. Првите се вработуваат согласно законот и мора да положат одредени испити за работна позиција. Станува збор за кариерните службеници. Другите се така примени, дали се партиски војници, дали нависитна има потреба од нив, едноставно се полни администрацијата и го оптеретеруват буџетот на Македонија. Тие, условно речено советници, треба да се сведат во рамките на кабинетските. Законот точно кажува колку советници треба да има во владата, кај претседателот на државата, кај претседателот на собранието и кај министерствата, во зависност од големината на министерствата толкава е бројката на советници.Во зависност од бројот на вработени во министерствата, бројката се движи од еден до три. Тие можат да се во редовен работен однос, или во договорен работен однос, со тоа што тие ја делат судбината на фунционерот. На пример, ако се во владата, остануваат таму сѐ додека не истече мандатот на премиерот. После тоа им завршува работниот однос, ако се во работен однос, и нормално им престанува договорниот однос, ако се во договорен однос.

 

ИНБОКС7: Дали сега на советниците во јавната администрација, функцијата советник може да му биде дополнителен ангажман или само конкретно работно место?

Борче Давитковски: Може. Имаме такви ситуации. На пример, од постоечките вработени административни работници, некој раководител на одделение, може да премине во делот кај кабинетските, да биде ангажиран од министерот како посебен советник за одредена област. Тој исто така ја дели тој судбината со министерот, односно неговиот мандат. Кога ќе му престане мандатот на министерот, тој си се враќа на истото место каде што си бил претходно.

ИНБОКС7: Која е според вас улогата на советниците кои се ангажирани во министерствата? Дали и како можеме да ја согледаме ефективноста од нивните советувања?

Борче Давитковски: Се зависи од димензионираноста. Најчесто се сака да се вдомат некои партиски војници, како што беше кога имавме случај осумдесет советници да седат во Владата и да не работат ништо, туку само едноставно да агитираат за партијата. Тоа се забележува кога има промена на власта. На пример, поранешната партија немаше ниту еден вработен, сите беа советници. Сега тие ќе бидат во партијата. Додека, пак, сегашната власт нема да има ниту еден вработен во партијата бидејќи сега сите се вработени како советници, ќе ги покриваат нивните работни места преку некои вакви советници и разно разни органи. Што би се рекло, само да се прима плата, а да ги вршат партиските активности. Не треба така да биде, но за жал таа практика последниве 28 години во Македонија постојано се повторува.

 

ИНБОКС7: Нашето истражување (линк од истражувањето) покажа дека надоместоците на советниците ангажирани во министерствата се движат од 30 до 60 илјади денари. Како ова може да се регулира или пак да биде оправдан овој износ?

Борче Давитковски: Тоа е сѐ до автономијата на оној кој што ги ангажира. Јас знам дека претседателот на државата исто така има добар дел на советници заради фактот што ова институција нема администрација, па затоа овие ја надополнуваат таа празнина. Но, бидејќи во владата има и многу министри и без ресори, мислам дека советниците би требало да се сведат на една рака, околу 5-6 од екомонија, политика, надворешни односи, безбедност итн., што се навистина специфични области и му требаат на премиерот во координација со министрите. Сега не знам колкав е точниот број на советници но толку колку што беа, осумдесет, тоа е далеку од паметно. Ниеден буџет не може да го издржи тоа.

ИНБОКС7: Дали се потребни измени на законот во однос на ангажманот на советниците и регулирање на нивната функција и воопшто во однос на вработувања на советниците  во јавната администрација?

Борче Давитковски: Сметам дека законот добро ги димензионира, но кај нас имаме лоша практика. Само би било нелогично советникот да има поголема плата од министерот или некој заменик министер. Според мене, треба да се димензионира висината на надоместоците. Мислам дека бројката не треба да биде само поради договорот со коалициониот партнер за да се удомат партиски кадри како советници. Тоа не е добро. Тоа може да се среди на друг начин, т.е. да им се дадат други функции во јавни претпријатија, одбори, и така натаму. Подобро така отколку формално да се водат како советници, а да не доаѓаат на работа туку само да примаат плата.

Оставете коментар

Коментар(и)