Денешна дата
17/10/2018

НЕДА МАЛЕСКА САЧМАРСКА: Семејните и пријателските врски доминантен фактор за вработувањата во јавниот сектор

Разговарала: Ангела Рајчевска

Истраживме дека државата издвојува околу 266 илјади евра кои што се поделени на 34 посебни советници во министерствата, но исто така увидовме дека има поклопувања на функциите на посебните советници со оние што се веќе вработени во кабинетите. Дали сметате дека оваа улога на советниците е непотребна и дека претставува пренатрупаност на администрација во одделни министерства?

Категоријата на посебни советници беше воведена со Законот за административни службеници во 2015-та година и со Законот за вработени во јавниот сектор и имаше за цел да обезбеди департизација на јавната администрација, односно да обезбеди можност министрите заедно со премиерот и неговиот тим, кога ќе дојдат на власт, да донесат своја категорија на соработници со кои што ќе можат да ги споредуваат политиките и кои што ќе бидат врзани со мандатот на политичарите. Со нивното заминување и тие заминуваат од администрацијата и тие во многу голема мера се разликуваат од државните советници коишто веќе постојат како категорија во администрацијата, под Законот за административни службеници.

Мора да направиме дистинкција помеѓу едната категорија на посебни советници и категоријата на државни советници во рамките на институциите. Голем број од земјите членки на ОЕЦД во кабинетите на министрите и премиерите имаат свој тим на луѓе кои што се резултат на дискреционото право на министерот и премиерот кој ги назначува и кои што се грижат да ја обезбедат стратешката визија за политиките и насоките во обласите што ги покриваат и кои што имаат за цел да ја обезбедат комуникацијата и координацијата на клучните  стејтхолдери во државата. Тие се најчесто луѓе од доверба кои што ги имаат во кабинетите. Проблемот и таму, и кај нас, е прво во делот на улогите и одговорностите на овие посебни советници. Односно, дискусиите одат кон тоа, кому овие посебни советници му одговараат освен на премиерот и министерот? Многу важно прашање е нивната отчетност и одговорност. Втората работа за која се дебатира е нивниот број и транспарентноста во делот на нивното назначување што е многу важен фактор. Кога таквите советници ќе се држат во рамките на некоја категорија, на некаков број кој што е разумен во однос на сите други параметри, еве да речеме во нашата јавна администрација, во тој случај е легитимно министрите и премиерот да си имаат свој тим на работници чија што надлежност и функција е врзана со нивниот мандат. Меѓутоа, клучен проблем кај нас во администрацијата е што постојат голем број на преклопувања во однос на надлежностите на разните категории на звања во институциите. Има една категорија на посебни советници, потоа има државни советници, раководители на сектори и одделенија, и тука надлежностите се во многу голема мера помешани. Кој ја има менаџмет улогата? Кој ја има раководната улога? Кој ја има советодавната улога, односно да ги советува пполитичарите за прашањата коишто се од нивен интерес? Тоа раздвојување на улогите е многу важно во администрацијата за да биде пофункционална и поефикасна. Кога ме прашувате за нивната големина и дали тоа е голем трошок за државата, би рекла да. Кај нас има огромен број на институции, околу 1299 институции. Тие институции, покрај вработените во јавниот сектор, имаат голем број на тела – управувачки, надзорнии тела. Тоа е едно од нашите истражувања на ЦУП кое што покажува дека има голем број на  луѓе кои што играат советодавна или управувачка функција, и тие имаат улога да ги советуваат министрите и политичарите за важни прашања. Кога ќе го разгледате од аспект на тоа колкав е нашот јавен сектор, колку вакви функции има и во каква е нашата економска состојба во државата, јавниот долг, пензиите итн. во тој случај тој обем е прилично голем. Од тие причини, сметаме дека е многу важно да се направи една солидна анализа на функциите на институциите коишто ги обавуваат, да се рационализира малку јавниот сектор вклучително да се рационализираат и работните позиции коишто се преклопуваат. Одредени министерства на пример, имаат по 16 сектори и раководители на сектори, и за секој сектор имаат и државен советник што не е примарната функција на државните советници да раководи со тој специфичен сектор, туку да го советува министерот за покруцијални, хоризонтални прашања во однос на дејноста или доменот во којашто работат.

Дали помеѓу овие сектори што ни ги набројавте некаде има фиктивни односно партиски вработувања кои што ги користат министрите за да вклучат свои луѓе? Што покажуваат вашите истражувања?

„Најголем дел од вработувањата во јавниот сектор се должат на партиските вработувања, дека семејните и пријателските врски се втор доминантен фактор за вработувањата во јавниот сектор, а компентециите и квалитетот односно квалификациите кои што ги поседуваат вработените, доаѓаат некаде на четврто односно петто место“

Не само истражувањата туку и генерално, состојбите во државата во минатото покажаа дека влијанието на политичките партии во делот на вработувањата во јавната администрација е огромен и дека за заради таа причина, во извесна мерка, државата заврши во еден статус на заробена држава каде што администрацијата работи во интерес на политичката партија наместо да го штити и брани државниот интерес и дека тоа е сериозен проблем. И нашите истражувања, кога ќе ги запрашате граѓаните за довербата во јавниот сектор, во институциите, сметаат дека најголем дел од вработувањата во јавниот сектор се должат на партиските вработувања, дека семејните и пријателските врски се втор доминантен фактор за вработувањата во јавниот сектор, а компентециите и квалитетот односно квалификациите кои што ги поседуваат вработените, доаѓаат некаде на четврто односно петто место. Така што, довербата во институциите е веќе одамна разнишана, граѓаните се сосема свесни дека влијанијата се силни, прашањето е сега како да се промени ваквото видување, како да се засили довербата, како да се зајакне, а тоа единствено е можно преку воспоставување на објективни, јасни и транспарентни критериуми за вработување во јавниот сектор, не само на административните службеници туку воопшто и на раководните позиции, значи на топ менаџментот и на директорите на институциите. Јасни критериуми за назначување на луѓе во управните и надзорните одбори, транспарентно и јавно објавени итн. Само на овој начин ќе може да се засили довербата само кога граѓаните ќе бидат убедени дека вистинските луѓе се наоѓаат на вистинско место. Така што, ова е еден процес кон којшто мораме да тежнееме, тоа е дел од барањата на Европската комисија на извештајот на Прибе, дека Македонија во наредниот период ќе мора да ја зацврсти таа улога на професионална јавна администрација виза ви влијанието на политичките партии.

Дали постои некоја конкретна измена во законските рамки која што ќе помогне ова да се подобри?

Натпревар помеѓу кандидатите за да може на некој начин да се врати довербата и да се професионализира службат“

Кај нас законските решенија биле и се релативно добри. Кај нас отсуствува почитување на тие законски правила и добра практика во делот на вработувањата и во делот на назначувањата. Во делот на назначувањата е неопходно да се засилат критериумите за избор на раководните позиции  кои што практично го имаат најголемото влијание внатре во администрацијата, во агенциите, во организациите, во институциите од јавниот сектор. Да се засилат тие критериуми и да се засили начинот на вработувања на првите луѓе во институциите кои што сега се во најголем дел политички именувани лица. Тука е неопходно засилување, во друите одредби од законите, во делот на посебните советници, тие се регулирани. Веројатно, ќе треба да се засилат прашањата внатре во нивната улога и одговорности во обавувањето на должностите  и се разбира дека тој процес треба да биде транспарентен. Нашите истражувања покажаа дека голем дел од привремените вработувања се користат како дел од оние, да речам, партиски вработувања, каде што надвор од системот на мерит, на заслуга, надвор воопшто од системот на вработувања во јавен сектор, голем дел од луѓето се вработуваат како привремено ангажирани, акумулираат одредено знаење и искуство кое што и помага понатаму да ја задржат позицијата во јавниот сектор. Во овој сегмет е неопходно да се направат подобрувања на кои што привремените вработувања се обавуваат во државната адмиистрација, и нив, ако земете споредбено во земјите членки на Европска Унија,  ги има како привремени вработувања, како категорија. Меѓутоа, критериумите, начинот на нивно ангажирање, повторно мора да бидат во духот на една отвореност, транспарентност и компетитивност. Натпревар помеѓу кандидатите за да може на некој начин да се врати довербата и да се професионализира службата.

Дали имате увид во тоа дека со доаѓањето на новата власт можеби се подобрила ситуацијата  во вработување на овие административци или сепак останала иста?

Она што би рекла дека е подобрено е транспарентноста. И вашето истражување покажува дека сега имаме листа со имиња и презимиња  на државни советници, на посебни советници, на советници во институциите па дури и дел одд институциите веќе ги имаат објавено членовите на управните и надзорните одбори, што во минатото не беше случај. Се разбира дека очите се вперени кон новата влада, бидејќи таа ќе има огромна одговорност да демонстрира, да ги почитува начелата со кои што се обврзала  и спрема граѓаните и спрема Европската Унија. Така што, веројатно ќе биде многу важно да го задржи кредибилитетот, со тоа што процесот на вработувања и процесот на назначувања ќе го направи на најдобар можен начин, транспарентен, отворен и во духот на една компетитивност. Би рекла дека во овој момент не поседуваме информации како одат вработувањата, но набргу во рамките на проект финансиран од ЕУ, ќе излеземе со податоци во текот на следната година за вработувањата во периодот кога дојде новата власт, во период од една до две години.

Оставете коментар

Коментар(и)