Денешна дата
22/10/2020

(Не) Законски игри со минималната плата?!

Ако државата одлучила минималната плата да биде 8800 денари, тогаш работникот дома треба да однесе најмалку 10 илјади денари, велат од Движењето за социјална правда Ленка

Работодавците го изигруваат Законот за минимална плата со тоа што на работниците им исплаќаат помалку средства од предвиденото, обвинуваат од граѓанскиот сектор. Ова го објаснуваат со фактот дека платите треба да ги содржат и другите ставки предвидени со закон, како работната успешност и додатоците за посебни услови при работа. „Минималецот“ е само една од трите ставки кои ја сочинуваат платата и кој е определен на 8.800 денари, што значи дека платата која работникот ја добива, во најголем број случаи, треба да биде поголема од минималната, како што е илустрирано во пресметките на сликата подолу.

Извор- Ленка

Извор: ДСП – Ленка

 

–  Изигрувањето на Законот за минимална плата од страна на сметководителите и работодавците се состои во тоа што законски дефинираната минимална плата, која по усогласувањето, изнесува 8.800 денари, се однесува само на основната плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот,додека, пак, нето-платата покрај основната плата, се состои од уште две други конститутивни и подеднакво релевантни ставки – работната успешност на работникот плус додатоците кои се определуваат за посебните услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време, а собено за:ноќна и сменска работа, работа во поделено работно време, дежурства, прекувремена работа, викенд ангажман, работа на празници, како и додаток за работен стаж, вели Димитар Апасиев од Ленка за Инбокс7. Според него,  со ваквите сметководствени операции, всушност се врши противправно скратување на платите на огромен број работници, кои во груба пресметка, може да изнесуваат од 20 до 70 евра месечно, зависно од околностите на секој конкретен случај.

–   Правејќи вакви изигрувања, работодавците ризикуваат да бидат тужени од страна на работниците за надомест на оваа разлика и со сигурност да го изгубат случајот, додава Апасиев. За тоа што се презема за евентуалните изигрувања на Законот за минимална плата на штета на работниците испративме прашања до Министерството за труд и социјална политика, но до објавувањето на текстот не добивме одговори. Она што стои во законот во однос на минималната плата мора да се почитува и на терен, вели поранешниот министер за финансии и професор Трајко Славески за Инбокс7.

trajko slaveski

Трајко Славески

–   Проблем е ако не се исплаќа минималецот. Сите односи ги детерминира пазарот на работна сила и одредени работници кои се принудени да работат за минимални плати, за жал ќе мора да ги прифатат овие услови на работа, додава тој.

 

 

 

 

 

Според професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Љубомир Шукаров постои изигрување на Законот за минимална плата и потребно е поправање на социјалната компонента. –   На бизнисменот секогаш ќе му бидат големи платите, додека за работниците тие ќе бидат мали. Затоа, мора да се најде компромис со кој ќе опстанат сите бизниси, при што ќе биде запазен и социјалниот момент, додава Шукаров. Од ДСП „ЛЕНКА“ ги повикаа правните служби на синдикатите сериозно да ги опоменат работодавците, а доколку тоа не вроди со плод – да им помогнат на работниците кои ќе им се обратат за поведување работен спор и нивно застапување пред суд.