Денешна дата
11/12/2018

Борис Тунџев: Агенцијата за катастар на недвижности лани набавила 30 нови возила, иако не биле потребни

Новиот директор на Агенцијата за катастар на недвижности откако стапил на функција се соочил со бројни недоследности, нерешени предмети поднесени од страна на граѓаните, како и веќе спроведена јавна набавка за 30 нови возила во вредност од 20 милиони денари, кои ќе треба да се исплаќаат во наредните три години, иако веќе во Агенцијата имала доволно возила во исправна состојба

разговарала: Бјанка Станковиќ

 

Во каква состојба ја затекнавте Агенцијата кога стапивте на функција?

За жал, во оваа високостручна и професионална институција која што треба да биде сервис на сите граѓани, покрај што е сервис на сите државни институции, се работело крајно недомаќински. Наследив нерасчистени побарувања уште од 2015-та година кои што се уште ги сервисираме. Зборуваме за финансиската состојба која што ја затекнав во институцијата и покрај позитивниот финансиски баланс на сметката, на самофинансирачката сметка имаше голем број нереализирани побарувања од 2015-та и 2016-та година, вклучително и од 2017-та со шести месец, односно со осми месец кога јас го презедов управувањето со оваа институција. Голем дел од долговите се сервисирани и уште работиме на нивно сервисирање, на пример: претходното раководство потпишало набавка на возила кои што требало да се исплаќаат во следните три години.

На што се должи ова?

Не е недомаќинско работење. Оваа институција има стручен кадар кој за жал, дел во помала и дел во поголема мерка не бил соодветно вреднуван или ценет од страна на претходното раководство. Овде се работело по други принципи.

Колку возила се набавени и во кој период?

Возилата се набавени во текот на 2017-та година и набавени се 30 возила, од кои пет возила марка „Дачиа Дастер“ и 25 возила „Пежо 208“ и „Пежо 508“.

Дали возилата биле потреба на Агенцијата?

Во моментов Агенцијата има вишок возила. Претходните возила со кои што располагала Агенцијата биле во употреба и соодветна исправна состојба. Одлуката е спроведена како јавна набавка преку тендер. Набавките во оваа институција се спроведуваат согласно планот за јавни набавки, кој што претходно го одобрува Управниот одбор. Тој се пријавува во фазата на буџетирање и се пријавува во Министерство за финансии.

Колкава е вредноста на јавната набавка за возилата?

Вредноста на набавката е околу 20 милиони, односно 19.726.620 денари и истата е направена во јуни 2017 година.

Кој ги користи овие возила?

Возилата се распределени по подрачните одделенија. Дел се овде во Агенцијата за катастар на недвижности, дел се во Центарот за катастар на недвижности.

Со колку вкупно возила располагате во моментов?

Агенцијата во моментот располага со 80 возила, од кои што 16 се во неисправна состојба и истите се нерегистрирани.

РАМКА: Вработени од Агенцијата за Катастар на недвижности давале консултантски услуги надвор од законската рамка.

Во врска со набавките, дали само ова е најголемиот пропуст што го забележавте откако дојдовте на функција?

Констатирани се и други недоследности за кои јас како директор на оваа институција согласно законските овластувања кои што ме обврзуваат да постапувам по такви негативни појави се покренати и низа кривични постапки од страна на оваа институција, како по однос на „злоупотреба на службената положба“ и по други основи.

За што конкретно се поднесени овие кривични постапки?

Кривичната постапка за „злоупотреба на службена положба“ се однесува на склучување на консултантски договори кои што се направени надвор од законската рамка, односно Законот за катастарот за недвижности. Другата постапка се однесува на унапредувањата на вработените, односно процедурата не била спроведена согласно Законот.

Во врска со консултантските договори, за колкава сума станува збор и колку луѓе биле ангажирани?

Вработени во агенцијата давале консултантски услуги надвор од законската рамка, односно согласно Законот за катастар на недвижности кој што ги обврзува такви консултантски договори да ги склучат преку Агенцијата за катастар на недвижности, а не лично. Додека сте вработен во Агенцијата, Законот Ве обврзува доколку давате такви консултантски услуги кои што се поврзани со Вашето работно место и функционирањето на институцијата, Вие таков договор мора да склучите односно мора да го склучи Агенцијата, а Вие да бидете како вработен во истата, ангажиран како консултант.

Какви други недоследности затекнавте во Агенцијата?

Од моментот кога дојдов затекнав очајна слика по односот на нерешени предмети поднесени од граѓаните и правните лица од РМ. Станува збор за 4700 нерешени предмети на ниво на цела држава од кои што 4300 беа само во Скопскиот катастар.

За какви предмети станува збор?

Станува за предмети не само за приватизација, тука се сите предмети: промена на право на сопственост, купопродажби, договори итн. Тоа е веќе една многу висока бројка. За добивање нов имотен лист се чекаше и по месец дена, а за одредени работи и по подолг период.  Во моментов актуелната бројка е околу 500 нерешени предмети. Како актуелен директор, тоа особено ми прави чест и задоволство и на сите вработени затоа што успеавме функционирањето на оваа институција со несебичен ангажман на сите вработени оваа институција да си ја обавува основната дејност, сервис на граѓаните на РМ во остварување на нивните права. Вие денеска немате ниедна поплака ниту од нотар, ниту да кажеме од професионални корисници или од граѓани. Секогаш има некој што не е задоволен, но таа бројка е сведена на минимум. На пример, граѓаните за реализација на договор за купопродажба на стан од страна на нотарот кога ќе биде поднесена денеска, таа се решава денеска во истиот момент. Законскиот рок од 15 дена кој што не обврзува да постапуваме по пријава, ние го сведовме на три дена за поединечни предмети. Додека оние запишувања на хипотеки, пренос на право на сопственост поднесени од нотари се решаваат ден за ден или во текот на истиот ден.