Денешна дата
19/07/2018

КИРИЛ БАРБАРЕЕВ: И покрај соодветните услови на УГД, се намалува интересот за студиите по новинарство

разговарала Бјанка Станковиќ

 

ИНБОКС7: Кога се основани студиите по новинарство на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип?

 

Кирил Барбареев: Универзитетот отвори студиска програма по новинарство и односи со јавноста од 2009/2010 г. Програмата е во рамките на Правниот факултет. Заради специфичноста на програмата која всушност има интердисциплинарен карактер се обидуваме во таа програма да се вклучуваат и другите факултети кои имаат допирни точки со медиуми. На пример, Факултетот за образовни науки, Филмската академија, Економскиот факултет, Филолошкиот факултет и др.

 

На Универзитетот „Гоце Делчев“ студентите по новинарство и односи со јавноста имаат услови како што нема ниту еден универзитет. Ние имаме радио, телевизија, веб страници, портали, студентски весник како и центар за односи со јавноста. На сите овие места студентите по новинарство, но и останатите факултети можат да практицираат се што се однесува на медиуми или односи со јавноста, од фотографи, преку техничари, камермани, дизајнери и новинари. Ние веруваме во целокупно медиумско образование и креирање на медиумски професионалци наспроти само креирање на новинари. По ова мислам дека клучно се истакнуваме од останатите универзитети.

 

ИНБОКС7: Колкав е бројот на студенти што се имаат запишано на студиите по новинарство на Вашиот универзитет?

 

Кирил Барбареев: На насоките за новинарство до сега се имаат запишано 163 студенти, од кои 18 имаат дипломирано.

 

ИНБОКС7: На што се должи намалувањето на бројот на запишани студенти на овие студии?

 

Кирил Барбареев: Иако имаме одлични услови за студирање ние исто така бележиме пад на бројот на студенти и нивниот интерес за студирање на овие студии. Според мене нема една причина за намалување на интересот на младите за студирање на новинарство. Една од многуте причини е драстичниот пад на квалитетот на медиумски содржини во Македонија. Сигурен сум дека првиот контакт на идните студенти со професијата се самите медиуми кои тие ги гледаат како гледачи, односно публика. Гледајќи тие можат да ја видат непрофесионалноста, партизираноста и необјективноста наспроти глобалните медиуми кои денес им се достапни на младите преку интернет.

Друга причина би можело да биде и генерален недостаток на медиумски куќи кои функционираат во Источна Македонија и нивната финансиска состојба. Веројатно младите гледаат и дека работата во медиумите во Македонија, а особено во Источна Македонија е финансиски неисплатлива.

Трета причина би можело да биде силната партизираност и политизираност на македонското општество. Од таа причини медиумските работници се чувствуваат за небезбедни во извршување на својата професија. Во изминатите години видовме низа на медиумски работници или новинари кои беа нападнати, осудени, обвинети, а се помалку нивна заштита и фер третман.

Целокупната атмосфера од аспект на слободата на говор и слободата на медиуми има сигурно големо влијание за тоа младите да се одлучат да изберат друга професија која ќе можат да ја работат во целост и без сериозни пречки.

Причина сигурно се и самите универзитети и нивната екипираност. Универзитетите имаат проблем и со екипираноста на кадар за овие студиски програми. Недостатокот на професори, асистенти и стручни соработници сигурно придонесува за квалитетот на самите студиски програми. Морам да посочам во овој дел дека е евидентен и недостатокот на литература која би се користела во академската заедница.

Едно од решенијата е државна стратегија и поддршка на студиските програми во комбинација со поддршка на медиумскиот пазар, како и вмрежување на сите универзитети во насока на создавање подобри и повеќе медиумски професионалци. Секако интересот зависи и од подобрување на медиумската состојба во државата.

Оставете коментар

Коментар(и)