Денешна дата
20/09/2018

Задоцнетото прскање и дождот – рај за комарците


ДОКУМЕНТАЦИЈА


Автори: Бјанка Станковиќ, Ангела Рајчевска

 

Административен пропуст на Градот Скопје како и временските услови биле причина за инвазијата на комарци, која предизвика реакции и страв кај граѓаните. Вознемирени и уплашени, граѓаните на социјалните мрежи, изминатиот месец ги споделуваа непријатните искуства за убодите од комарци, проследени со слики на кои се гледаат видливи пликови и рани. Здодевните мали инсекти, освен нервозата која ја предизвикаа, отворија сомневање кај експертите за можни заразни болести кои можеле да ги пренесат.

 

Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија го истражи случајот, при што дојде до информации дека, освен дождливиот период, причината за наездата на комарците била задоцнетото прскање. Наместо во март, кога комарците се во форма на ларви, првото прскање од авион се случило дури во јули.

 

 

ЗОШТО СЕ ДОЦНЕЛО СО ПРСКАЊЕ?

 

 

За разлика од оваа година, договорите за дезинсекција во претходните три години биле потпишани во месец март или најдоцна во мај.

 

Според документите кои ги поседува СКУП, Град Скопје, во 2015 и 2016 година, потпишува Договор за дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци, на подрачјето на градот Скопје со „Друштво за авио услуги БОНИЕР ДООЕЛ Куманово“.

 

Во мај 2017 година, тендерот го добива „Друштво за воздушен транспорт „АЕРОКЛУБ СКОПЈЕ ДОО Чучер Сандево“. По два месеци, договорот со „Аероклуб Скопје“ се раскинува поради неспогодба и на сцена повторно се враќа друштвото „БОНИЕР Куманово“.

 

Но, годинава, повторно е актуелно „Друштвото за воздушен транспорт АЕРОКЛУБ СКОПЈЕ ДОО Чучер Сандево“.

 

На прашањето до Град Скопје, поради кои причини бил раскинат тендерот со Аероклуб „Скопје“ во 2017-та година, кратко ни одговорија:

„Аероклуб во 2017 година, како фирма што го доби на јавниот повик прскањето од воздух, беше констатирано по првата аеросолна дезинсекција дека не ги исполнуваат условите од договорот, и истиот беше раскинат.“ – се вели во одговорот од општината.

 

 

Од Градот Скопје признаваат дека годинава задоцнетото прскање се случило по обжалениот тендер поради сомнение дека набавените препарати се штетни за граѓаните.

 

„Мораа да се спроведат и испитувања на квалитетот и безбедноста на препаратите од страна на лиценцирани институции што го одолговлече целиот процес. Оваа година се прскаше со средството Аквакотрин, со кое е прскано и во минати години и се има покажано како ефикасно средство. За оваа намена, и оваа година беа наменети вкупно 30 милиони денари“, изјавија за СКУП од Град Скопје.

 

СКУП постави прашања и во која фаза бил обжален тендерот. Од Одделението за односи со јавност и информирање на граѓаните добивме одговор во кој се вели:

 

„Во конкретниот случај, при спроведувањето на постапката за јавна набавка, откако комисијата ја спровела процедурата за евалуација на понудите и по изготвувањето на извештајот кој е доставен до сите учесници во јавната набавка, искористено е правото на приговори и жалби, и по потврдувањето на извештајот склучен е договор за средство за прскање и за извршителите на земското и аеро-прскање.

 Значи, правните средства за заштита се искористени пред склучување на договорот. Согласно процедурите, според кои се спроведуваат постапките, времето за аукција било утврдено за терминот кога била одржана, и во определени околности доколку динамиката на реализација на претходните активности е побрза, може да се одржи и порано, но поради спецификата (во една постапка се водат три набавки) на постапките не може тоа да биде во месец март.“

 

Од Аероклуб Скопје, кој годинава го реализира техничкиот дел за дезинсекција, велат дека влагата и високите температури се причина за инвазијата од комарци.

 

„Според пилотите кои летаат во овие кампањи и имаат големо искуство за овој вид на работа, причината за зголемен број на комарци е високото ниво на влага и врнежи со променливи температури од 17 до 32 степени. Втора причина е релативно задоцнетиот почеток на прскањето“, велат надлежните од Аероклубот.

 

Според Аероклуб „Скопје“ досега се изведени следните авионски прскања на возрасни комарци и ларви:

 

Прва фаза – возрасни форми од комарци на 07.07.2018 и 08.07.2018

Прва фаза – ларви од комарци на 14.07.2018

Втора фаза – возрасни форми од комарци на 21.07.2018 и 22.07.2018

Втора фаза – ларви од комарци на 06.08.2018

Трета фаза – возрасни комарци на 10.08.2018 и 11.08.2018

Четврта фаза – возрасни комарци на 12.08.2018 и 13.08.2018

 

 

ЗАПАЗЕНИ ФАЗИ СО ЗАДОЦНЕТ ПОЧЕТОК НА ПРСКАЊЕ

 

 

СКУП побара одговор и од градските власти кога се извршило прскањето годинава. Оттаму велат дека до сега се извршени првите две фази од прскањето против возрасни форми на комарци, како и ларви од комарци, а прскањата се направени од авион и од земја.

 

„Првата фаза траеше од 3ти до 16-ти јули, а со втората фаза ја реализиравме од 21-ви јули и траеше до 6-ти август. Третото авионско прскање против возрасни форми на комарци се реализира изминатиов викенд, додека прскањето од земја започна да се реализира од понеделник и ќе се реализира до 17-ти август. Четвртата фаза на дезинсекцијата ќе се реализира кон крајот на месец август, додека петтата и последна фаза ќе биде реализирана во септември“, изјавија од Одделението за односи со јавност и информирање на граѓаните.

 

Никој не може со сигурност да каже дали реализацијата на преостанатите фази за прскање ќе ја спречи наездата на комарци, или граѓаните ќе ја платат сметката за ненавременото постапување на локалните власти.

 

 

Во Србија и Грција заболени лица со западно-нилска треска , во Македонија нема место за грижа

Порталот „Макфакс“ пренесува дека во Србија годинава се регистрирани 29 смртни случаи од западнонилска треска, а регистрирани се 286 заболени. Институтот за јавно здравје на Србија објави дека најголем број заболени има во Белград. Од земјите од регионот, вирусот е регистриран и во Хрватска, БиХ и Словенија.

 

Побаравме информација од Институтот за јавно здравје дали во моментов во Македонија има случаи на лица заболени од болести кои што ги пренесуваат комарците.

 

Д-р Жарко Караџовски од Институтот, кратко по телефонски разговор изјави дека комарци имало и ќе има, но дека сега во Македонија нема случаи на маларија и западно нилска треска, болести кои можат да се пренесат преку убод од комарец.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.)

Оставете коментар

Коментар(и)