Денешна дата
15/11/2018

(ЗЛО)УПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНИ ВОЗИЛА: ФУНКЦИОНЕРИТЕ РЕТКО СЕ ФАЌААТ ЗА СОПСТВЕНИОТ ЏЕБ КОГА Е ВО ПРАШАЊЕ ПАТУВАЊЕТО

Автор: Теодора Цветковска

 

Mакедонските институции имаат премногу службени возила кои не ретко се користат и за лични потреби. Ова го покажува обемната ИНБОКС7 анкета на Фејсбук, каде 68.5 % од испитаниците одговорија дека функционерите имаат премногу службени возила на располагање.

 

Анкетата покажа дека нивниот впечаток а и сознанија упатуваат на непотребно голем број службени возила, особено оние што ги користат министрите, нивните заменици, државните секретари, како и директорите на многуте државни агенции, јавни претпријатија институти, комисии.

 

Впечатокот на граѓаните искажано во анкетата е дека одредени функционери како да забораваат дека поседуваат и сопствен автомобил па и не паметат кога, од стапувањето на функцијата, се фатиле за сопствениот џеб за гориво, за сервис, за тековно одржување на својот автомобил.

Еве што на оваа тема мислат граѓаните во  Фејсбук анкетата на ИНБОКС7:

 

 

 

САМО 5 МИНИСТЕРСТВА КАЖУВААТ КОЛКУ ВОЗИЛА ИМА И КОЈ ГИ ВОЗИ

 

Функционерите, пак, велат дека се е во рамките на реалните потреби и дека злоупотреба на државни пари нема, а таму каде што е тоа детектирана, е понесена одговорност. Но, дали тоа го менува фактот дека дури 27 службени возила на Министерството за труд и социјална политика, на пример,  не се пронајдени на службениот паркинг за време на вонредниот попис направен на 12 септември пред две години?

Токму до ова Министерство редакцијата на ИНБОКС7 испрати барање по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во кое бараше да бидат доставени информации за тоа колку возила се во сопственост на ова министерство, кој и кога управува со нив. Вакво барање е испратено до 13министерства и до14 јавни претпријатија и државни агенции. Меѓутоа, одговор е добиен од само пет министерства и од три јавни претпријатија и агенции.

Според доставениот одговор, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за службените потреби на министерството има 140 возила. Од Бирото за јавни набавки добивме информација дека ова министерствово 2014 година има склучено договор за гориво вреден 22.105.000 денари.

Министерство за правда има 11 возила. Со одлуката на Владата на Република Македонија е утврдено правото на користење службено моторно возило и возач. Ова право го користи само министерот за правда.

Министерството за образование и наука користи едно возило во сопственост на Службата за општи и заеднички работи. На годишно ниво за ова возило се трошат околу три и пол милиони денари само за гориво.

Министерството за труд и социјална политика секоја година од државниот буџет троши 3 милиони денари за гориво.

Министерство за надворешни работи има девет возила.

Министерството за култура, од кое не добивме одговор на нашето барање за бројот на службени возила со кои располага, во 2015 – та потрошило 2 милиони денари за да ги наполни резервоарите на своите службени автомобили.

Така е кај нас. А во Европа често може да се види еден премиер или претседател на држава да користи и јавен транспорт.

 

ЗЛОУПОТРЕБАТА НА ПРИВИЛЕГИИТЕ Е ИСТО ТАКА КОРУПЦИЈА

Експертите велат дека злоупотребата на државните ресурси, меѓу кои спаѓаат разните „привилегиите“ што ги овозможува самата функција, исто така е корупција.

 

Поранешниот министер за внатрешни работи, а до последните избори и пратеник во македонскиот парламент во неколку мандати, Павле Трајанов, сега на позицијата Национален координатор за имплементација на националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија.

 

Трајанов во2010 – та година имаше подготвено проект именуван „Војна против организираниот криминал – ДЕКРИ“, со кој на системски начин беше предвидено да се води ефикасна борба против криминалот од сите видови и на сите нивоа, особено во редовите на власта и институциите на државата. Во таа програма, исто така, посебно се детектира скриениот имот на функционерите, потоа конфискација на криминално стекнатиот имот, забрана за политичко дејствување, како и злоупотребите на функциите.

„Со проектот се предлагаше да се донесе посебен закон и да се формира агенција за борба против организираниот криминал, меѓутоа ништо од тоа не се случи. Службените возила во најголем број се користат и за приватни цели. Досегашните обиди да се спречат злоупотребите останаа без посериозни резултати, затоа што главно истите ги прават носители на јавни функции или вработени во државни институции и јавни претпријатија. Дел од корисниците на државни коли носат и одлуки за непречено користење за службени и приватни цели. Колку што имам информации сите институции или повеќето од нив, бараат повеќе коли за извршување на функциите и возниот парк постојано се шири “ вели Трајанов.

 

Според него, во услови на нерешен јавен превоз, многу малку користење на велосипеди, немањето навика да се пешачи, „потребата“ од автомобили и натаму се зголемува. Следствено на ова, и функционерите тешко е дека во догледно време ќе ги видиме како стигнуваат до нивните канцеларии со јавен превоз или на точак.

 

 

„ГПС“ ЗА ВОЗИЛАТА ИЛИ СОВЕСТ КАЈ ФУНКЦИОНЕРИТЕ

 

Министерот Роберт Поповски, задолжен за транспарентност и отчетност, како најприфатлива опција за да се спречи злоупотребата на службените возила во одговорот за ИНБОКС7 посочува дека „е потребно поставување на ГПС уреди во автомобилите како можност за контрола во прилог на нивното рационално користење“.

 

Дамјан Манчевски, министер за администрација и за информатичко општество пак, не мисли дека ова би го решило злоупотребувањето на службените возила. Тој кај политичарите апелира на „поголема совест и одговорност“.

 

Директорот на службата за општи и заеднички работи на владата Пеце Мирчевски, како одговорен орган за возниот парк на владините службеници вклучително и на министрите, нивните заменици и државните секретари, како и на други носителите на јавна функција, во изјава за ИНБОКС7 рече дека „од безбедносен аспект било какво обележување на автомобилите не е добро да постои“. Мирчевски верува дека правилниците за користење на службените возила се доволна гаранција и брана од злоупотреба на автомобили од страна на функционерите бидејќи, како што рече секој кој ќе ги прекрши правилата за начинот на нивно користење, ќе сноси одговорност“.

И ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ПО „УРНЕК“ НА МИНИСТЕРСТВАТА

 

Државните институции и јавни претпријатија во Република Македонија, исто така не заостануваа зад министерствата па така и тие ги уживаат привилегиите да имаат службен автомобил.

 

Јавното претпријатие Македонски шуми има 30 службени возила.

 

Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија на својот паркинг има 4 возила.

 

Македонската радио телевизија во своја сопственост има 39 возила од кои, според информациите оттаму, само 19 се во употреба.

 

Според одговорот пратен по Законот за слободен пристап до информации, Македонската информативна агенција – МИА располага со две службени возила. За нив за една година (од август 2017-та до август 2018-тагодина)за гориво, сервисирање, осигурување и регистрација има потрошено 290.580 денари или без малку 5.000 евра.

 

Менаџерскиот тим на МЕПСО има 8 возила. Во 2017-та година за гориво, за сервисирање, регистрација на возилата, за зелен картон и за осигурителна полиса потрошени се вкупно 1.158.616 денари.

Функциите носат привилегии. Властите се менуваат, навиките остануваат.

За разлика од поразвиените европски демократии, покажа и оваа новинарско истражување, а таквиот впечатокот го делат и го искажаа во анкетата на ИНБОКС7 и граѓаните, македонските функционери не се имуни на удобностите кои ги носат функциите.

Конкретно за службените автомобили. Генерално, носителите на функции ги користат и кога им требаат за службени обврски и кога им служат за приватни цели. Кај нас е тоа уште можно поради инертната јавност и отсуството на нејзина соодветното реакција.