Денешна дата
15/11/2018

„ЗЕМЈОТРЕС“ ВО БЕЛАТА ПАЛАТА: КАДЕ ОДИ ВМРО-ДПМНЕ?

Странските дипломати се разочарани претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски – лавина критики од Вашингтон и Брисел и многу незадоволства од видни личности на партијата.  

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Каде ја води претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски најголемата опозициска партија? Кон реформирање како што вели самиот или пак кон уште поголеми потреси и сериозна внатрепартиска битка. Ваквите дилеми се наметнуваат по последните случувања во најголемата опозициска партија кога експресно беа исклучени пратеници и високи партиски функционери.

Но, се побројните критики говорат дека партијата скршнала кон изолација. Кон ВМРО-ДПМНЕ беа упатени голем број забелешки од европските сестрински партии, а при последната посета, заменик помошникот на државниот секретар на САД Метју Палмер му испрати остра порака на Мицковски со тоа што не најде за потребно да се сретне со него.

 

КЕКЕНОВСКИ: ОВА Е САМО ПОЧЕТОК

 

Познавачите на состојбите во опозициската ВМРО ДПМНЕ велат дека во партијата допрва ќе следат разединувања и пукања по тенките шавови на партијата. Јове Кекеновски од ВМРО-ДПМНЕ – Демократска фракција за Инбокс7 вели дека политичката сила во Собранието на опозициската партија уште повеќе ќе се намалува и дека партијата и натаму ќе се осипува. „Тука е Илија Димовски кој не се согласува со политиките на Мицковски, потоа претседателката на Унијата на жените на ВМРО ДПМНЕ Даниела Рангелова, која се очекува да се приклучи кон групата што ќе ги поддржи амандманите како и уште неколку други пратеници“. 

Кекеновски испрати и писмо до Мицковски во кое отворено му порачува дека тоа што го направил не се никакви реформи туку пресметка со неистомисленици. „Господине Мицковски, без разлика на нашите спротивставени размисли и ставови по однос на одредени прашања, ВМРО-ДПМНЕ – Демократска фракција во име на поубавата иднина на партијата и државата максимално ве поддржа за неселективно расчистување со криминалните партиски структури, кариеристи, прислужници, бандити, непринципиелни и дезидеологизирани персони желни за власт и сопствен комодитет…“.

На денот на одбележување 125 години од ВМРО, Мицковски во својот говор главно се задржа на критики кон исклучените пратеници и членови на ВМРО ДПМНЕ нарекувајќи ги дезертери, луѓе со свиткани кичми, предавници… Тој убедуваше дека потезите што ги презел се со цел да се реформира партијата.

Професорот Митко Гаџовски вели дека во сето ова нема ништо реформаторско туку партијата се води во погрешна насока. „Јас мислам дека ВМРО-ДПМНЕ во овој момент оди во погрешна насока и покажува дека нема демократски капацитет во партијата. ВМРО-ДПМНЕ станува меѓународно изолирана партија, сведоци сме дека и на нивната прослава не присуствуваше ниту еден висок меѓународен претставник. Со потезите кои ги влече нема да успее во привидното реформирање, затоа што се санкционираат само оние кои поинаку размислуваат. Треба да се расчисти со сите оние кои се поврзани со криминал, вклучувајќи го и поранешниот претседател“.

Гаџовски не очекува дека ќе има формирање нови партии како во случаите во минатото, туку дека пратениците кои се исклучени од партијата ќе формираат пратеничка група со конзервативни вредности и проевропска ориентација.

 

АВИРОВИЌ: НЕ ЗНАМ КАКО ЌЕ СЕ ОДНЕСУВААТ КОЛЕГИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ

 

Опозициски пратеници кои гласаа за отворање на уставните промени а на некој начин се поштедени од ваквите потреси е Панчо Минов од ГРОМ кој самиот рече дека веќе не сака да биде дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како и Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија. Авировиќ ни изјави дека таа нема ниту очекува некакви последици од нејзината партија поради нејзиниот глас „За“.

„Очекувам на наредната седница на претседателство на партијата да разговараме и на оваа тема, но не очекувам дека ќе има некакви постапки како што имаше за колегите од ВМРО-ДПМНЕ. Во партијата знаеја како ќе гласам, некои се согласуваа, некои не“, вели Авировиќ. Таа очекува дека во натамошните процеси ќе се приклучат и други пратеници од опозицијата, но дека и натаму ќе инсистираат нивните барања за подобрување на аманданите да бидат инкорпорирани и да се формира Комисијата за помирување. Во спротивно, вели, нема да гласаат за амандманите. Но иако нејзината матична партија не ја осуди за гласањето, не знае како ќе се однесуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. „Се уште не знам дали колегите од ВМРО-ДПМНЕ ќе бараат да не седам повеќе со нив заедно, но ако тоа им претставува проблем ќе се преместам на друго место во опозициските редови. Обвинуваат дека сме зеле пари за да гласаме, но тоа е срамно дискредитирање. Тоа треба да го докажат и секој што тврди така ќе бараме да одговара кривично“.

Најмногу обвинувања и навреди имаше на сметка на пратениците дека се испазариле со власта, особено оние за кои постои обвинение.

КОИ СЕ 8-те „ОДМЕТНАТИ“?

  • Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов обвинети за настаните на 27 април се пуштени од куќен притвор.

  • Поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска Милевска е обвинета во предметот „Тендер“ од СЈО, но покрај ова неа над глава и виси и проектот „Скопје 2014“.

  • За Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија не постои обвинение, но нејзиниот син Василије е осуден во случајот „Труст“.

  • Зеленото копче го стиснаа уште тројца пратеници од опозицијата: Нола Исмајловска Старова, Емилија Александрова и Заќир Рамчиловиќ, за кои досега нема информации дека за нив би можело да има некакво обвинение.

Од партијата се исклучени и екс директорот на УБК Сашо Мијалков кого го има во голем дел од прислушуваните материјали за кои СЈО отвори обвиненија, но за него од партијата велат дека влијаел врз пратениците да гласаат за уставни промени. ЦК на ВМРО ДПМНЕ го исклучи и екс министерот за здравство Никола Тодоров, за кого рекоа дека дејствувал спротивно на интересите на партијата. Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев е разрешен од функцијата потпретседател на партијата и Костадин Богданов кој е дел од реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ.