Денешна дата
15/11/2018

ПАТОТ НА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР

Пишува: Александар Кржаловски

 

Со изгласувањето на потребата од уставни промени во Собранието на Република Македонија минатиот петок (19.10), се чини дека се помина клучниот меѓник (milestone) во исполнувањето на македонскиот дел од обврските предвидени во Преспанскиот договор со Грција. Станува многу веројатно, иако се уште не е целосно извесно, дека и на последното изјаснување на пратениците (за самите уставни амандмани на крајот на процесот), ќе има доволно (најмалку 80) гласови за поддршка на измените на Уставот. Ова особено по исклучувањето од партијата на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа „за“, иако дел од нив и после тој чин ги нагласија своите услови за поддршка, со усвојување на дополнителни амандмани (гаранција на идентитетот, одложено дејство зависно од текот на пристапувањето на Македонија во ЕУ и поништување на промените доколку Грција не го ратификува договорот, простување за 27 април и национално помирување).

Во наредните два од три месеци, додека да се поминат сите фази на дискусии и утврдување на амандманите на Уставот, ќе има доволно време и простор за полемиките околу нив и како ќе се однесува опозициската ВМРО-ДПМНЕ во тој процес и особено осумте пратеници кои го поддржаа отворањето  на процесот на уставни измени. Но, поминувањето на првичното гласање е добар момент да се навратиме наназад на патот на Преспанскиот договор до тука, од неговото потпишување во јуни (и малку пред тоа), па се до ова клучно гласање.

Да се потсетиме дека процесот за надминување на разликите околу името на нашата држава со Грција, траеше од приемот на Македонија во Обединетите нации во 1993 година и со помал или поголем интензитет го водеа сите претходни Влади, под покровителство на посредникот на ОН Метју Нимиц. Една од последните средби во тој формат на преговарачите (во тој момент Василакис и Наумовски) се случи во декември минатата година, кога изгледаше дека се уште сме далеку од решение. Интензитетот се промени со промената на форматот на преговорите со директни средби на министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас, како и премиерите Заев и Ципрас, особено по нивната средба во Давос во јануари. Дали оваа промена беше добра, веројатно ќе биде предмет на стручни анализи во наредните години (заради тврдењата дека ОН форматот овозможуваше заштита на послабата страна во преговорите, во случајов македонската), но секако ефектот е дека доведе до резултат, односно склучување на договор за надминување на спорот, во јуни во Нивици.

Во тој процес имаше интензивни средби на министрите за надворешни работи и уште една средба на премиерите (мај, Софија), а она што е битно за оваа анализа, е дека имаше и две лидерски средби (со водечките парламентарни партии, вклучително и опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, како и претседателот Ѓорѓе Иванов). Тие средби беа во функција на информирање на најрелевантните политички фактори за текот на преговорите и обид за постигнување на национален консензус. Од денешна перспектива е јасно дека таков консензус, за жал, не се постигна, иако се уште се контроверзни случувањата на последната (мајска) лидерска средба и периодот потоа до потпишувањето на договорот – од која мерка биле информирани претседателот на државата и на опозициската партија и за што дале поддршка или согласност (двете страни се уште имаат спротивставени тврдења), кога во оптек беше предлогот за името Илинденска Македонија.

Во периодот од околу месец дена што следуваше, брзајќи да се стигнат роковите пред ЕУ самитот на крајот на јуни и НАТО самитот во јули, Владата стигна до договор, кој веднаш беше поздравен од меѓународната заедница (особено сите политички претставници на ЕУ и НАТО кон кои и се стреми да пристапи Македонија и заради кои и беше направен договорот), но и со остра критика и отфрлање од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која го прогласи за капитулантски, не толку заради утврденото име (Република Северна Македонија) колку заради уставните измени и севкупната (ергаомнес) употреба на новото име. Со ова се дојде до нова поларизација на македонското општество, која трае и сега, вклучително и после гласањето во Собранието.

Тоа се покажа и при клучниот настан меѓу потпишувањето на договорот во јуни и петочното гласање, а тоа секако беше референдумот на 30 септември. Самиот референдум и неговиот резултат е доволно анализиран изминативе денови, но добро е да се потсетиме како се стигна до него, односно дека во почетокот на јули имаше нови лидерски средби, за да се утврди дали воопшто да го има и какво да биде референдумското прашање. За жал и тука не се постигна консензус и ефектот беше дека ВМРО-ДПМНЕ не се одлучи за настап со кампања „против“, туку ја одлагаше одлуката до 10 септември, а и тогаш повика секој да постапи според сопственото убедување (да гласа за или против или воопшто да не гласа).

Во тоа време, главно во текот на август и првите денови на септември се објавија и пет анкети на јавното мислење во однос на референдумот (ИРИ, ИПИС, Рејтинг и две на МЦМС, од кои втората заедно со Телма ТВ и ИДСЦС). Четири од нив имаа предвидување за резултатот и во сите имаше јасна предност на опцијата „за“ (од 41 до 49%) во однос на „против“ (меѓу 22 и 35%), но покажаа (со динамиката на правење и објавување на анкетите) јасно прелевање на потенцијалните гласачи “против“ во опција „бојкот“ (пр. меѓу двете анкети на МЦМС – од 01.08 до 25.08, „против“ се намали од 35 на 8%, додека „бојкот“ порасна од 12 на 29%, што до самиот ден на референдумот само продолжи да се интензивира. Само во анкетите на МЦМС имаше проценка на излезноста и иако во двете мнозинството граѓани изјавиле дека ќе излезат на гласање (66 и 58% респективно), објавената проценка за излезност беше 46% односно дека е неизвесно постигнувањето на цензусот.

Веројатно и заради ваквите анкетни резултати, како и неуспехот на лидерските средби да се постигне консензус, вклучително и за самото прашање (пр. да нема ЕУ и НАТО во самото прашање, за што се покажа подоцна на анкетите дека не прави голема разлика при одлучувањето на гласачите), ВМРО-ДПМНЕ не се реши за кампања „против“, што пак ќе доведеше до постигнување на цензусот. Дали ова беше грешка? Гледано од денешна перспектива – веројатно да! Од една страна затоа што и со непостигнувањето на цензусот не се запре понатамошниот процес во Собранието (а низ години разбравме дека спорот со името не е правен туку политички проблем, па Владата продолжи и интерно така да го решава), а од друга – не успеа да ја задржи хомогеноста на пратеничката група и да го спречи изгласувањето од петокот.

Но, да се навратиме уште малку на референдумот и резултатот, покрај фактографијата дека не се постигна цензусот (37 наместо 50% излезност) и дека скоро 610,000 граѓани гласаа за поддршка на договорот со Грција (91% одтиештоизлегле на гласање, а 33% одвкупниотбројгласачи на списокот). Што покажа овој резултат? Според мене, неколку работи:

– добро е што конечно се постигна договор, па имаше за што да се расправа и гласа;

– договорот не е доволно добар (покрај малата референдумска излезност, на анкетите мнозинството граѓани не беа задоволни со 7 од 9 клучни одредби);

– сепак, и покрај тоа, веројатно мнозинството од активните гласачи (не може да се тврди егзактно, бидејќи до сега на гласање излегувале меѓу 1 и 1.2 милиони граѓани) сакаат да го видат проблемов надминат и да се продолжи кон евроинтеграциите.

Дополнително, исходот покажа дека иако референдумското прашање содржеше ЕУ и НАТО, не може да се тврди дека тие што не гласале – не се „за“ интегрирање на Македонија во двете структури (на анкетите поддршката повторно порасна на 80%).

И конечно во однос на меѓународната заедница, се покажа дека западните политичари, водени од интересот за членство на Македонија особено во НАТО (кој е и наш интерес), главно го премолчуваа или игнорираа исходот од референдумот, а главните западни медиуми (BBC, CNN, Al Jazeera,…) го декларираа како неуспешен.

Се на се, добро е што се изоди овој процес и што се чини на повидок комплетирањето на истиот со уставните измени и членството на НАТО (за ЕУ ќе потрае), но штета што се направија пропусти/грешки како: непостигнувањена национален консензус (можеби ќе се постигнеше подобар договор, пр. без ергаомнес или без уставни измени, што сега или било кога во иднина најверојатно ќе биде невозможно); или што ВМРО-ДПМНЕ не се одлучи за кампања „против“ (со што ќе имавме постигнат цензус и јасен исход дали договорот има мнозинска поддршка или не). Но, написов е за да се потсетиме на процесот и се обидеме да научиме од постапките кои се случија и не можеме да ги промениме, а во пресрет на претстојните нови предизвици и евентуалното често спомнувано долго најавувано национално помирување.

 

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.