Денешна дата
21/03/2023

СВЕТЛО НА КРАЈОТ НА „ТУНЕЛОТ“

Пишува: Бардуљ Заими

 

Политичките процеси во Македонија се одвиваат со многу неизвесности и контрадикторности. Сите кризи поминаа низ тешки решенија и политички судири кои во најголем број случаи доведоа до „депресии“ за граѓаните. Политичката и институционалната нормалност отсекогаш била туѓ збор за политичките субјекти, кои во преден план го поставувале својот партиски интерес, без да водат сметка за тешката и во повеќето случаи безнадежна ситуација на граѓаните.

Циклично, политичките кризи создаваа обемни институционални и општествени „шокови“. Тоа е затоа што владите секогаш ја инсталираа партиската логика, апсорбирајќи го на тој начин нормалното функционирање на институциите, но и инсталирајќи целосна контрола на моќта во синхронизација со доминантната идеолошка моќ.

Последната деценија го означи можеби најекстремното присвојување на државната власт во име на идеологијата, на група луѓе кои ги злоупотребуваат и користат јавните добра без да дадат никаков отчет. Арогантна и корумпирана власт, чија „голотија“ се виде во познатите „бомби“ кои ги „испука“ во тоа време опозициската СДСМ.

Играта со идејата на „лажен национализам“, како што веќе неколку пати беше нагласено во јавниот простор, ја остави Македонија далеку од вклученоста во евроинтеграциските процеси. И веќе се знаеше дека Македонија мора да го промени своето име за да го започне процесот на членство во НАТО и ЕУ, што всушност беше главен услов на соседна Грција.

Во целиот процес на решавање на прашањето за името се појавија политички антагонизми кои што повеќе застапуваа две ориентации за иднината на Македонија. Една прозападна ориентација, која бараше решение како можност за одење напред и друга политичка ориентација, главно промовирана од страна на македонската опозиција која беше против промена на името, позиција која ја аргументираше со губење на националниот идентитет.

Веќе е познато како заврши референдумот за промена на името, што беше протолкувано од разни партиски лупи. Партите кои беа за референдумот го оценија како успешен, а опозицијата претставена од ВМРО-ДПМНЕ го нарече неуспешен, иако го бојкотираше истиот.

Како и да е, „драматичното” гласање во парламентот го отвори патот со 80 гласа „за“ за да почнат уставните измени предвидени со Преспанскиот договорот. Секако, не без политички „шокови“, кои веќе се манифестираат кај македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која веќе ги исфрли пратеници од своите редови, кои гласаа за отворање на Уставот, односно негова промена која подразбира и промена на името .

Се чини дека Македонија веќе излегува од тој долг и мрачен тунел на транзиција и изолациски политики. Претставници на меѓународната заедница го поздравија ова изгласување и истакнаа дека вратите на НАТО и ЕУ остануваат отворени за Македонија.

Секако, тунелот низ кој поминува Македонија останува една искривена парабола, исто како тунелот на аргентинскиот писателски Ернесто Сабато. Има многу непознати во овој обид да се излезе од овој тунел и има многу контрадикторности, кои веќе се коментираат во јавноста. Одреден број пратеници од опозицијата кои гласаа „за“ договорот со Грција се во судска постапка, обвинети за корупција. Владата на премиерот Заев првично објави борба против корупцијата. „Договорот“ за амнестија за пратениците кои гласаа и другите кои се вмешаа во обезбедувањето на 80-те гласови за отворање на уставот, веќе се гледа на хоризонтот.

Во целиот процес на уставни промени, опозициските партии во албанскиот политички блок најавија амандмани за официјализирање на албанскиот јазик и за унапредување на статусот на Албанците во Уставот. Претставници на албанската партија на власт ДУИ, оваа најава ја нарекоа „фолклоризам“. Се чини дека политичката сцена кај албанскиот политички блок ќе биде детерминирана во иднина со овие позиции.

Како и да е, едно останува сигурно – Македонија веќе направи чекор напред кон евроатлантските вредности. Сабатовиот тунел како метафора секогаш ќе биде присутен на патот полн со предизвици – сепак светло на крајот од тунелот се појави.

 

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.