Денешна дата
22/10/2020

Афродита Муслиу: Граѓаните повеќе се заинтересирани за политичките случувања отколку за локалните проблеми во нивната средина

За пет месеци на платформата Пријави.мк се регистрирани 248 проблеми, од кои 39 се решени, а 128 се ажурирани. Од нив најголемиот дел се од општините Карпош(103) и  Центар (68), понатаму следат Гостивар (50) и Чаир (27). До сега Карпош и Чаир најсоодветно и брзо реагираат на пријавените проблеми.

 

Интервјуира: Бјанка Станковиќ

Афродита Муслиу е претседател на здружението „Нексус – граѓански концепт“. Тие ја креираа платформата Prijavi.mk која има за цел да го зголеми учеството на граѓаните во утврдувањето и решавањето на секојдневните локални проблеми.  Целта е да се поттикне поголема интеракција помеѓу единиците на локалната самоуправа и граѓаните, да се создаде атмосфера на поголемо граѓанско учество, преку која граѓаните ќе можат  директно да ги искажат нивните жалби и поплаки, а со тоа да вршат и следење на работата на локалната власт. Prijavi.mk е создадена врз основа на отворената платформа FixMyStreet на mySociety и обезбедена преку DemTools од National Democratic Institute (NDI).

 

Мотивирани ли се луѓето да ги пријавуваат локалните проблеми во општините?

Афродита Муслиу: Пријавувањето на проблемите од страна на граѓаните оди тешко, најчесто тие не се мотивираат тоа да го направат од причина што или незнаат каде и во кое одделение од својата Општина да го сторат тоа, што значи, не се информирани или пак најчесто заглавуваат по лавиринтите на Општината префрлани од еден на друг шалтер. Исто така, општинските службеници и Јавните претпријатија задолжени за санирање на овие проблеми не секогаш и секаде можат да бидат присутни.

 

Јас стално велам „Јавните комунални претпријатија не можат толку многу да исчистат, колку што граѓаните можат да направат ѓубре! Едноставно не се постигнува, затоа критиката не би ја насочила само кај општините, туку и кај граѓаните, чија свест за зачувување на здрава и чиста животна средина е на многу ниско ниво!

 

Какви проблеми можат да пријавуваат граѓаните преку Вашата апликација?

Афродита Муслиу: Моментално, преку Платформата prijavi.mk може да се пријават проблеми од следниве категории: отпадоци, дупки на пат, јавно осветлување, загадувачи на воздух (чад од фабрики, домаќинства, возила, депонии), отпадни води, разно (оштетени тротоари, сообраќајни знаци, стари запустени возила, неисчистени улици и тротоари од снег, мраз и камења, глутница кучиња итн.)

 

Кои проблеми се регистрирани најчесто во пријавите на граѓаните?

Афродита Муслиу: Најчесто пријавуваат проблеми од категоријата отпадоци или диви депонии, категорија разно, удрани дупки, јавно осветлување, отпадни води итн.

 

Колку од пријавите се однесуваат на диви депонии, отпад и слично?

Афродита Муслиу: Во категоријата отпадоци (како што е на нашата веб апликација) до сега граѓаните имаат пријавено во категоријата разно преку 80 и категоријата отпадоци преку 50.

 

Што се случува откако ќе биде испратена пријава за одреден проблем?

Афродита Муслиу: Во моментот кога граѓанинот го детектирал проблемот со помош на својот мобилен телефон, оди на веб апликацијата кликнува на ПРИЈАВИ и се отвора интерактивната мапа на општината во која се наоѓа, го пинува местото на картата, ја бира категоријата на проблемот, го фотографира проблемот со својот мобилен, ја прикачува сликата и ја испраќа жалбата, која веднаш се прикажува на интератктивната мапа со точната локација на пријавениот проблем. Општина за оваа цел има назначено лице за контакт и комуникација со граѓаните, но и со релевантните  јавни сервиси, на кои им ги препраќа пријавените проблеми за постапување. Секој граѓанин може да ги види пријавените жалби и поплаки, да ги ажурира или да се пријави за известувања.

 

Апликацијата како пилот проект за првпат профункционира во април годинава во Гостивар. Кои други општини се приклучија во проектот?

Афродита Муслиу: Во моментов на платформата се пријавени 248 проблеми, од кои 39 се решени а 128 се ажурирани, од нив најголемиот дел се од општините Карпош(103) и  Центар (68), понатаму следат Гостивар (50) и Чаир (27). По пилот верзијата на Општина Гостивар која беше пуштена кон крајот на месец април, понатаму следеше Општина Центар, Карпош во јуни и Општина Чаир од август. Во обиди сме да ја активираме апликацијата и во другите Општини, но имајќи ги случувањата моментални во државата околу промените со името, референдумот, долговите кои општините ги имаат и слично, тешко се влегува во разговори и договарање со нив. Но, ние сме упорни и постојано ги контактираме за соработка.

 

Дали и какви мерки преземаат општините во однос на пријавите за диви депонии?

Афродита Муслиу: До сега Општините Карпош и Чаир најсоодветно и брзо реагираат на пријавените проблеми. Добро е што ја имаат вољата на општинските службеници задолжени за оваа веб апликација да за релативно брзо време по пријавата поднесена од граѓаните, тие искомуницираат со нив и им дадат информации за акцијата која Општината ја презема или ќе ја преземе за конкретниот проблем, со што им дава на граѓаните до знаење дека Општината сака и прави или ќе прави да проблемите се решат, уште еден мотив и стимул да граѓаните се повеќе пријавуваат. Исто така, и општината Гостивар се покажа одговорна во однос на веб апликацијата и комуникацијата со граѓаните кои ги пријавиле проблемите на платформата, но само првите два месеца од апликацијата. Општина Центар заостанува зад овие општини и одговорноста за прифаќањето, препраќањето на пријавите за решавање, како и комуникацијата со граѓаните за пријавите е на многу ниско ниво, овој месец разговаравме повторно со нив и се надеваме дека ова ќе се надмине. Генерално од септември месец навака ниту една од општините не покажува голем интерес за решавање на пријавите, но и граѓаните исто така. За потребите на апликацијата отворивме ФБ страница и ги информираме и потсетуваме постојано за постоењето на апликацијата, но како што реков, менталитетот на народот е тој, и покрај тоа што им се нудат разни вакви олеснувачки решенија кои го подобруваат квалитетот на животот, дневно политичките случувања се далеку поинтересни за нив него ова.

 

Го постигна ли посакуваниот ефект апликацијата Пријави.мк?

Афродита Муслиу: Во однос на очекувањата можам да кажам дека, релативно кратко време е да говориме за постигнувањата, 5 месеци откако е во функција, апликацијата на почетокот (првите два-три месеца) наиде на големи симпатии и прифаќање од страна не само на граѓаните, туку и на општините, иако тие знаат дека таа е транспарентна и отворена за секој граѓанин и во секое време за секоја од оштините може да се видат пријавите, но и одговорноста на општината по тоа како, дали и за колку брзо време ги решава пријавите направени од страна на граѓаните. Продолжуваме понатаму за активирање на други урбани општини, но и поттикнување на оние општини кои се веќе дел од апликацијата за поголема активност, како во решавањето на пријавите од граѓаните, така и промоција на истата од нивна страна.