Денешна дата
15/11/2018
Фото: Принт-скрин од емисијата 360 на АлсатМ

Договорот од Преспа: успех за Грција и подвиг за Македонија

пишува: Денко Малески

 

Со Преспанскиот договор, победија и Македонија и Грција. Па, кој тогаш загуби? Загуби грчкиот и македонскиот ултра-национализам. Но, нели кај компромисите меѓу државите двете страни се подеднакво незадоволни? Сега знам дека сепак, во нашиот случај,  не е така. Незадоволни се двата ултра-национализми, наспроти задоволството на либералните луѓе што е решен проблем за чие постоење се најмалку виновни. Всушност, да се прашуваат либералните луѓе од двете страни на границата, проблемот не би ни постоел. Такви Македонци, од оваа страна на границата, имено, никогаш немале проблем да разберат дека јазикот и нашиот базичен идентитет се словенски, додека Грците со либерални погледи немале проблем да го прифатат името на нашата држава исполнето со таква содржина.

Ултра-национализмот од двете страни на границата, одбивајќи да го прифати ова гледиште, ги демне историските стравови на луѓето, а потоа, користејќи пропаганда, шири омраза меѓу нашите два народи. Екстремниот национализам, екстремниот патриотизам, ако сакате, секаде во светот, е оној кој создава ксенофобија, омраза, нетолеранција, и предизвикува насилство… Сите овие работи ни се случуваа нам, на Македонците и на Грците. Подолгорочно гледано, лек за овој вид на малиген национализам, исполнет со стравови и омраза, е доброто образование на населението, особено на младите генерации, кое ќе почива врз објективната историска вистина. Пред неа, пред вистината, се посипуваат  националистичките митови и стравовите напластени во умовите на луѓето.

Всушност, ако за момент ја оставиме далечната историја настрана, Македонија е етнички мешаната последна европска провинција на Отоманското царство на која се вкрстувале судбини на повеќе народи. Била поделена во текот на две Балкански војни, непосредно пред да почне Првата светска војна. Кога, по нејзиното завршување, се распаднале Австро – унгарското, Турското и Руското царство, американскиот претседател Вудро Вилсон, на Париската мировна конференција од 1919 година, допатувал со новиот принцип во меѓународните односи наречен „национално самоопределување“. Европските политичари кревале веѓи: уште еден хир на американски политичар кој не ја разбира реалната политика на Европа. Описите на Волтер Липман за тоа како се цртале границите на бројни нови држави, како Југославија, Чехословачка, Унгарија или Австрија, на пример, се комични.

Тој раскажува како во еден момент настанала голема гужва околу масата врз која биле наведнати претставниците на големите сили, па решиле да ја спуштат картата на Европа на тепихот. Но, бидејќи стоејќи околу неа, не се догледувало, се спуштиле на колена и почнале да лазат и да се туркаат покажувајќи која граница каде треба да оди. Во еден момент, пишува Липман, чувствувам како главата на министерот за надворешни работи на Италија се турка во мојот задник, во обид да пробие до картата. И треба да се знае. Ова не биле свирепи луѓе кои уживале да се играат со судбините на малите народи: едноставно, големите сили ја поседуваат моќта да ја уредат и да ја одржуваат светската рамка на системот на држави, па, сакале или не, тоа и го прават. Во спротивно, би имале постојан хаос и непрекинати војни. Следејќи ги сопствените интереси од кои се раководат и малите држави, големите сили го правеле тоа некогаш подобро, а некогаш полошо. Значи, на нашиот познат балкански наратив за злите големи сили, кои секогаш не парчат и не делат, треба да се спротивстави едно објективно гледање на анархичниот меѓународен систем на држави, во кој отсуствува централна власт. Затоа, очите на сите се вперени во нив, а на почетокот од деведесеттите, нашата главна дестинација станаа Вашингтон и моќните европски држави. Имено, во еден нов историски контекст на обединета Европа, со нивна поддршка ја реализиравме нашата политика на мирољубиво самоопределување и , среде огновите на југословенските етнички војни, се стекнавме со независност на мирен начин. Денес, дваесет и пет години подоцна, повторно со нивна поддршка, преку имплементацијата на Преспанскиот договор, стануваме сојузници. За Грција тоа е голем успех. За Македонија, пак, тоа е подвиг.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.