Денешна дата
26/11/2020

Трагични свадби

Пред изборите Ахмети кажа дека на сака да прави свадба без невеста. Ама сепак направил свадба. Впрочен, сите направиле свадби. Едни со невести, други без нив, или пак невестата им завршила кај комшијата. Трети скришум и без музика правеле свадби, секако без невести. Ама свадби имал во изолиство. Груевски површински делувал како многу задоволен зет, оти доби невеста визуелно многу убава, ама сепак видно уплашен, оти таа си имала репутација на неверна и многу хитра. Тој навидум делува среќен, оти со “златната акција“ на ГрОМ добива апсолутно мнозинство, но за ептен релативно владеење. Наскоро по неговата глава ќе се кршат сите чинии од пианите свадбarи со или без невести.

Прво. СДСМ не ги прифаќа мандатите што во оваа ситуација значи многу голем удар за власта, не само поради легитимитетот на изборите, туку и поради тешките и политички смртоносни одлуки кои во наредниве месеци ќе треба да се донесат. Името ќе мора да се реши. Последиците од таквиот “инфаркт“ не ќе можат да ги амортизират ниту гебелсовите телевизии кои со години продуцират тешки измами и лажни маски. Така што непризнавањето на мандатите од страна на опозицијата ќе биде камен плус околу вратот на Груевски.

Второ. ДУИ е толку силна што на Тачи ни Господ не може да му помогне за да стане дел од власта. Башка што ДУИ го задолжи ДПМНЕ со тоа што на многу директен начин со бојкот му го спасил претсеателскиот кандидат (сенката на премиерот). Секое можно игнорирање на ова партија ќе значи сигурен крај за режимот на Груевски.

Трето. Една работа сеуште не е јасно на јавноста. А тоа е – зошто меѓународната заедница не била толку оштра кон тешките злоупотреби на изборите од страна на власта, па да побара нивно повторување?! Одговорот е во ИМЕТО. Тоа конечно мора да се реши лично од Груевски. Во нормални ситуации, избори попратени со масовен поткуп, со притисоци, со заплашувања, со уцени, а над се попратени со невиден гебелсизам од МТВ, Сител, Канал 5 и Алфа – меѓународната заедница ни во сон немаше да ги признае. Ќе бараше нивно повторување (како што барала во Албанија 1996 година, но тогаш Бериша не ги послуша, па во 1997 година се случи хаварија во државата).

Името ќе мора да се реши до септемврискиот самит на НАТО. Тоа за Груевски ќе биде трагичен крај, оти ќе биде принуден да ја сече гранката на која осум години комотно лежел, лажел и уживал. Ако не биде послушен ќе фрчат нови ленти. Ептен тазе ленти, каде што луѓето ќе можат да ја чујат и видат тажната страна на неговиот лажен патриотизам, но и сопствената заблуда за да гласаат за сопствената трагедија. А актерите ќе завршат како Санадер и Јанша. Ова со “Македонската банка“, „Загорец“, “Актор“, “Ивонче –милионче“, “уличното освтелување“, становите на Бонева и зградата на ДПМНЕ, му се само укажување што ќе го снајде ако не слуша. Тогаш конечно сите ќе се убедат дека единсвениот патриотизам што ја има власта на Груевски се црните пари покриени со бели измами и лаги. Тогаш сите ќе видат колку е царот е гол. Ќе разберат дека небескиот идеал служи за криење на потземни пари. Ја сака ли својата нација тој што ја краде, што ја лаже, што ја осиромашува, што ја иселува, што ја дели, што ја гази, што ја тера на омраза, што создаде општество без морал, без срам и без одговорност. Зар не гледале луѓето како нивните деца возат бесни коли, а нивните врсници водат побеснет живот? Како нивните фамилии уживат по луксузни бели јахти, а другите умираат во црн живот? Како нивните фантомски фирми пераат пари по земјите на даночен рај, а обичните луѓе минуваат секој ден низ црн пекол.

Неодамно напишав дека држават се наоѓа пред три инфаркти. Првиот кој нема да биде катастрофален ќе се случи по изборите. Вториот многу поопасен – ќе се случи по самитот на НАТО. А третиот смртоносен, наредната година кога ќе немаме кредити, а ќе треба да вратиме 650 милиона евра. Изгледа ќе имаме и многу трагични свадби. Можеби и крвави свадби.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

bilali@inbox7.mk