Денешна дата
15/11/2018
Фото: Томислав Георгиев

Ваутер Пломп: Договорот од Преспа не е лесна задача, но е фер компромис

Свесен сум дека прифаќањето на Договорот од Преспа не е лесна задача, како што и неговото склучување не беше лесно, ниту за македонската, ниту за грчката влада. Прашањата за идентитетот и за јазикот се од голема важност. Но, на крајот од денот, мислам дека се работи за фер компромис и треба да мислиме на придобивките што тој ќе ги донесе. Конечното разрешување на прашањето со името ќе овозможи време и енергија за фокусирање на прашањата кои ќе го подобрат животот на луѓето во Македонија. На прво место, тука е реформскиот процес.“, вели амбасадорот Пломп во ексклузивно интервју за Инбокс7.

 

Интервјуира: Теодора Цветковска

 

Ваутер Пломп, Амбасадор на Кралството Холандија, ја започна неговата дипломатска мисија во Македонија во 2015 година, во екот на политичката криза.

 Тензиите кои можев да ги почувствувам тие денови се намалени. Во тој период, најупотребувана фраза беше „заробена држава“, а оваа година Македонија доби покана да стане триесеттата членка на НАТО

Три години подоцна, тој вели дека многу нешта се променети – кон подобро. Среќен е што и состојбата во медиумите е значително подобрена, но и за чекорите кои владата ги направиле во правец на интегрирање на земјата во евроатлантските структури.

 

Инбокс7: Г. Пломп, најпрво би сакале да Ве информираме дека онлајн магазинот Инбокс7, кој претходно беше поддржан од Амбасадата на Холандија, повторно започна со работа. Според Вас, во која мера му се потребни на македонското општество медиуми кои критички ги следат политичките и општествени случувања во држатава?

Ваутер Пломп: Во согласност со принципите на холандската надворешна политика: слобода на медиумите и слобода на изразувањето, нашата Амбасада пред пет години реши да обезбеди директна поддршка за медиумите. Инбокс7 е еден од тринаесетте медиумски проекти кои се поддржани досега, и драго ми е што повторно започнувате со работа. Независни, критички медиуми овозможуваат граѓаните да се добро информирани и активни, што е од суштинска важност за секоја демократија.

 

Инбокс7: Се подобри ли медиумската клима од почетокот на Вашиот мандат до сега?

 

Ваутер Пломп: Мојот мандат започна во 2015 година, во екот на политичката криза и кратко по потпишувањето на Договорот од Пржино. Можам да кажам дека многу работи се сменија оттогаш. Тензиите кои можев да ги почувствувам тие денови се намалени. Во тој период, најупотребувана фраза беше „заробена држава“, а оваа година Македонија доби покана да стане триесеттата членка на НАТО.

Кога станува збор за медиумите, во Индексот на слободни медиуми Македонија се качи од 117-то место во 2015 година на 109-то место оваа година, додека во извештајот на „Фридом хаус“, статусот на Македонија е сменет од неслободна во делумно слободна земја. Секако, со моето ниво на познавање на јазикот не можам да кажам дека ги следам сите медиуми, но додека гледам МРТВ или Сител или додека го читам Независен имам впечаток дека различните страни во политичката дебата имаат можност да ги претстават своите аргументи. Затоа, можам да кажам дека медиумската клима е забележително подобрена. Сепак, останува уште многу да се направи. Одржливоста на медиумите е дефинитивно еден од проблемите,  поврзан со нивните сопственичките структури. Поради ова решивме фокусот на годинешната регионална конференција за медиуми поддржана од холандското Министерство за надворешни работи да биде токму ова прашање. Новинари, правници, медиумски работници и претставници од маркетинг агенциите од регионот дискутираа за можни решенија за подобрување на медиумската клима и одржливоста на медиумите. Високо квалитетното новинарство не е луксуз туку неопходна потреба на секое општество.

 

Инбокс7: Кој е Вашиот став во врска со моменталната состојба со медиумите од балканскиот регион?

 

Ваутер Пломп: Главните прашања за кои се дискутираше на регионалната конференција беа медиумската писменост и лажните вести, саморегулацијата, безбедноста на новинарите и одржливоста. Со одредени разлики, ова се главните предизвици на медиумите секаде на Балканот.

Сепак, заедничките предизвици може да бидат и заеднички решенија: зголемената регионална соработка би можела да донесе зголемување на пазарот и зајакнување на нивната позиција во општеството.

 

Инбокс7: На кој начин ЕУ интеграцијата на Македонија ќе влијае врз државата и општеството?

 

Ваутер Пломп: Холандија, како и Македонија, е релативно мала држава што низ годините научи дека сојузништвата се исклучително важни. Заедничкото работење со нашите европски партнери секако го зголеми просперитетот на луѓето во Холандија. Поголем пазар, стабилност, зголемена мобилност и раст се клучните придобивки од членството во Европската унија, или едноставно повисок животен стандард во секој поглед.

 

Токму затоа сум навистина среќен што Владата направи некои важни чекори нанапред. Македонија никогаш не била поблиску до членство во НАТО и започнување на преговори за членство во ЕУ, а финализирањето на уставните измени ќе ја донесе уште понапред. Свесен сум дека прифаќањето на Договорот од Преспа не е лесна задача, како што и неговото склучување не беше лесно, ниту за македонската, ниту за грчката влада. Прашањата за идентитетот и за јазикот се од голема важност. Но, на крајот од денот, мислам дека се работи за фер компромис и треба да мислиме на придобивките што тој ќе ги донесе. Конечното разрешување на прашањето со името ќе овозможи време и енергија за фокусирање на прашањата кои ќе го подобрат животот на луѓето во Македонија. На прво место, тука е реформскиот процес. Но, подеднакво важно е и спроведувањето на реформите, а особено зајакнувањето на борбата против корупцијата и неказнивоста. Ова не може да се спроведе само од страна на Владата. Секако дека Владата треба да води со својот пример, но судството и обвинителството исто така треба секојдневно да ја докажуваат својата независност и професионалните стандарди преку своите дела. Само на тој начин новите закони нема да бидат само штиклирани задачи со цел да се исполнат условите за членство во ЕУ и НАТО, туку основи на владеењето на правото кое е камен темелник на демократијата и развојот.