Денешна дата
14/11/2018

„Помирување“ на противречностите

Пишува: Бардуљ Заими

Ќе биде, по се изгледа, уште една недела исполнета со настани и тактизирања околу подготовката на амандманите за промена на името на Македонија. Преспанскиот договор веќе ги диктира политичките динамики, што подразбира и рокови за негово спроведување. Секако, осумте гласови на пратениците од опозицијата го отворија и прашањето за амнестија, кое еднаш беше наречено како помирување, а еднаш како простување.

 

Додека власта бара преку „Комисијата за помирување“ да даде решение за амнестијата поврзана со крвавиот 27 април, опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ веќе има предлог-законот за амнестија на сите оние кои учествуваа во крвавиот настан во парламентот.

 

Се чини дека цената за гласањето на опозициските пратеници во парламентот доаѓа со сметка за судири, кои ќе ја следат и во наредните денови политичката дебата во Македонија. Помирување како идејата звучи добро, но последиците кои ги носи се чини дека се со многу други пораки кои отвораат широк спектар на толкувања за „неказнувањето на злосторството“.

 

Секоја можна амнестија, несомнено, ја стави на испит моралноста на сите претходни изјави на владините претставници престапниците (сторителите на прекршоци) да дадат отчет пред законот. Ова несомнено отвора уште една дебата за целата моралност на политиката како димензија на вредности во чиј епицентар е човекот, слободата и неговото достоинство.

 

Секако, премиерот Заев можеби се наоѓа пред неопходен прагматизам диктиран од целиот политички контекст за „помирување“ на противречностите. Непријатна ситуација, но и со многу непознаници, но пред сè со огромен товар за светата правда, која самиот тој ја најави како функционален начин на институциите за правда. Уште повеќе што крвавиот настан во парламентот беше квалификуван како тероризам.

 

Уште еден друг факт останува многу значаен во сите овие случувања со амнестијата. Зијадин Села, лидерот на Алијансата за Албанците, настрада најмногу таа крвава ноќ. Тој беше претепан до смрт таа вечер. За Села, идејата за помирување останува неприфатлива. Села изјави дека никој не смее да тропне кај него за какво било помирување или амнестија.

Од една страна, идејата за помирување преку комисијата во Парламент да не се влијае, како што се вели, врз судството, а од друга страна предлог-законот за амнестија од страна на опозицијата за сите учесници на крвавиот 27-ми април. Некаде во овие предлози за „простување“ и „амнестија“ лежи длабока морална дилема за која се коментира во јавноста. Помеѓу очекувањата за казнување, кое ја претставува чувствителноста на мнозинството граѓани кои гласаа за оваа влада, се наоѓа политички прагматизам кој има опасност да го дегенерира целиот правен систем. Политичките тензии и тензиите на правниот систем во Македонија немаат крај.

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.