Денешна дата
15/11/2018

Шумолењето на народот и наглувоста на власта

Ќе се подразбуди ли актуелната политичка гарнитура или и таа, како непосакуван континуитет на уникатната македонска политичка матрица, ќе го потврди народниот впечаток дека – сите се исти? 

 

 

Пишува: Зоран Иванов

 

Преспанскиот договор нема да ги амнестира предизборните ветувања

Партиите на власт се спасија од предвремени избори кои беа извесни доколку преку ноќ во парламентот не се собраа 80 „за“ за почеток на уставните процедури. Со оглед на општото граѓанско расположение, поради поинакви, пред се од економско социјални, а не како со референдумот од политичко емотивни мотиви, евентуалните предвремени избори, многу веројатно, ќе беа пречекани со голема разочараност. Со мала излезност и со голема со апстиненција. Власта е толку занесена со договорот со јужниот сосед, со неговата имплементација што, многу рискантно по својата доверба, како се да ставила на една карта. Или пак, за разлика од претходната која и од мравка правеше слон, не умее доволно да ги афирмира резултатите од своето работење.

Во амбиент на голема надеж, изборите завршија уште пред годинаипол. Граѓаните исчекуваа и молчеа месец, два, три, седум, осум, девет, година. Но, граѓанското, засега само негодување, од неоствареното, особено во економијата, социјалата, стандардот, забучува се потрепетливо. Општеството мрмори, шумоли, ромори за платите, за сиромаштијата, за скапотијата на комуналиите, за извршителите, за се поголемите социјални разлики во својата социјална држава.

Во сенката на сега веќе едноипол годишната интензивна преокупација со  преговарачката мисија за решавање на спорот со јужниот сосед и со нејзините секојдневни битки постигнатиот договорот за спорот со името да го преточи во финална реализација, граѓаните како да ги напуштаат очекувањата за нерешените егзистенцијални прашања. Теми кои во годишниот преговарачкиот период го раздразнија нивното трпение. Но, се понагласеното граѓанско незадоволство власта како ниту да го гледа ниту да го слуша. Или го гледа и го поттурнува под ќилим. Или пак, во името на актуелните „повисоки цели“, бесчувствително ги игнорира.

Во меѓувреме, за оваа годинаипол, дури и да се значајни одредени владини резултати содржани во партиските програми и ветени во предизборието, нивното ехо е млако, невпечатливо. Гледано пообјективно, има резултати и тие се неспорни особено во делот на социјалните трансфери за најзагрозените, кај платите на текстилците и кожарците, нешто кај инвестициите и уште по нешто, повеќе маркетиншки, како со намалувањето износот за патните трошоци на пратениците или кај владините функционери за репрезентација и слично.

Истовремено тревожат се побројните и повидливи индикации за местени тендери, за монополи при јавни набавки, за клиентелистчки услуги, за партиски вработувања во сите пори на институциите и на државно и на општинско ниво. Се чека и на ветувањата за средување на дивите депонии, на конкретни зафати за почист воздух, за ставање крај на урбанистичкото дивеење. Стануваат се повидливи бројни поситни ама и покрупни аферички и афери главно преку партиските привилегии. На јавната сцена избиваат познати карактерни особини, коруптивни и клиентелистички манири  на верните штабски кадри. Примери со фондот за иновации, со тендери за лекови, со конфликт на интереси за големи бизниси на високи функционери и на ред слични на централно, како и разни семејни тендерчиња на локално ниво. Ова се индикатори за кои преку социјалните мрежи јавноста засега само слуша, гледа, мрмка, негодува. Власта не реагира, останува инертна и полека но неминовно го губи контактот со луѓето, со реалната животна реалност. Впечаток е дека за неа, иако неминовна, единствена и топ доминантна тема е важното државничко интеграциско прашање. Тема што не ги допира катадневните егзистенцијални потреби на луѓето, но која како да е добродојдено алиби за ветените сложени обврски од изборните програми.

Корупцијата ја разјаде груевата ВМРО-ДПМНЕ одвнатре. Коруптивниот молец сега се сели во редовите на заевата СДСМ. Засега недоволно видлива поради преголемата галама и окупираноста на медиумите и воопшто на јавноста со Преспанскиот договор, со уставот и со актуелниот крах на партиската конкуренција. Па сега е прашање дали и кога власта ќе се подзаврти за да ги види незадоволствата на луѓето и да согледа како, колку и до каде преку монополизираните институции, новите мали и поголеми коруптивни појави ќе продолжат да го еродираат македонското општественото ткиво. Појасно да проговори уште колку долго ќе потрае чекањето за забележлив повисок стандард и за барем малку социјално порелаксиран живот.

Нејзината комоција или пак преокупираноста со една главна тема сеедно, сега практично уште и без опозиција, е привидна. Дента кога, сепак набргу, ќе се затворат глобалните теми како овие со договорот и со уставот, кога ќе се подотворат вратите за интеграциите, кога под притисокот на Унијата ќе се соочи со заборавените реформски обврски и со неостварените Прибеови насоки, тогаш на актуелната владејачка гарнитура ќе ѝ бидат безвредни жалопојките за пропуштеното време. За горкото соочување со незавршеното и со фактот дека ќе и е предоцна за барање нови доверби.

Додатно, меѓу граѓаните се шири и чувството на изневерена шарена револуција, на продолжена практика на селективна правда, на подвојување на одбрани и обични. Тоа е пулсот на оној наш најширок граѓански слој, тивок, домаќински.

Тоа се луѓето, мажи, жени, деца кои власта, штом заседне, како да нема многу време за нив. Како целата влада и сите нејзини институции да се впрегнати во македонско грчките преговори, во бркање собраниско мнозинство, во пишување уставни амандмани, во оговарање на состојбите во опозицијата.

Но, тоа се и истите тие наши сограѓани кои нечујно но сигурно устоличуваат. Ама тоа се и истите тие кои бесшумно ама сигурно и рушат власт.

Ќе се подразбуди ли актуелната политичка гарнитура или и таа, како непосакуван континуитет на уникатната македонска политичка матрица, ќе го потврди народниот впечаток дека – сите се исти.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.