Денешна дата
15/11/2018

УКИМ без статут, студентите без свои претставници

Пишува: Теодора Цветковска

 

Помина половина година од  донесувањето на новиот Закон за високо образование, но Статутот на УКИМ се уште е заглавен во собраниските лавиринти.

Имено, за да се дојде до студентски избори, како и до воспоставување на овие тела, потребно е да се исполнат низа услови и да се донесат голем број на акти кои треба да се променат по донесувањето на новиот Закон за високо образование. Универзитетите мора да направа промена на статутите (највисок интерен акт на универзитетите), кој за да може да стапи во сила, мора да биде изгласан и одобрен во Собранието на Република Македонија.

Но, академската година започна пред еден месец, па работата на професорите и на студентските организации  тапка во место.

Петар Барлаковски во разговор со ИНБОКС7 вели дека новиот Закон претставувал надеж за позитивна промена во академеската сфера , ама ваквата статус – кво ситуација е разочарувачка за сите кои работат со студентско организирање и со младински политики.

„Статутите се заглавени во Собрание и ништо не мрда. Единствено онаму каде што постои политичка волја се гледаат резултати, а за се друго немаме никаков инпакт ниту политичка желба и иницијатива“ додава Барлаковски, програмски асистент во невладината организација МОФ.

Многумина се надеваа дека оваа година ќе биде пресудна за позитивни промени во високото образование.

„Претпоставувавме дека со ваквиот Закон  ќе можеме да се ослободиме од партиските влијанија, ќе можеме да се ослободиме од нелегитимни, нелегални избори и конечно ќе можеме да имаме студентски претставници кои посветено би ја работеле работата што им е дадена.“  – вели тој.

Најголема загуба како и секогаш претрпуваат студентите кои и  оваа година остануваат без студентска организација.

„Се намалува импактот на студентите и покрај тоа што сите велат дека  студентите и професорите се рамноправни. Ваквата неизвесност, не им одговара ниту на деканите, ниту пак на професорите затоа што овие студентски претсавници седат во органите на одлучување. Потребно е да го искажат своето право на глас за да може некој да биде избран “ вели Петар Барлаковски, кој неодамна објави колумна токму на оваа тема.

Стариот Статут на универзитетот не е во согласност со принципите на новиот Закон за високо образование, особено во врска со деловите за студентско организирање. Се додека постои оваа ситуација, долго најавуваните реформи во образованието стојат на пауза.