Денешна дата
15/11/2018
Фото: Принт-скрин од емисијата 360 на АлсатМ

Стравот од „балканизација“

пишува: Денко Малески

 

Загрижените учесници во дебатата на Си Ен Ен повторија неколку пати дека не смее да се дозволи „балканизација на американското општество“. Сакаа да кажат дека поделбите, по изборот на Доналд Трамп за претседател на Америка, се толку распространети и толку длабоки, а отсуството на единство е толку изразено што земјата заличува на Балканот. Да, во светската терминологија, „балканизација“ означува мали, непријателски настроени делови на една целина, било да е тоа регион или општество, кои не се во состојба да изградат единство. Со поимот „балканизација“ се сретнав за прв пат  како средношколец во Адис Абеба, Етиопија. Тука, имено, во 1963 година, беше воспоставено седиштето на една нова организација на држави, Организацијата на африканското единство, а на основачката конференција, лидерите на Африка се заколнаа дека нема да дозволат „балканизација“ на нивниот континент и на нивните држави.

Малку знаев дека, децении подоцна, ќе ја доживеам балканизацијата на југословенското општество, во својата најлоша форма: крвави етнички судири во кои беа изгубени над 200.000 животи, а живеачката на милиони беше уништена. Имено, наместо да сочуваат некакво единство и да работат на преуредување на односите во федерацијата во насока на создавање на асоцијација на суверени држави, националистичките водачи поттикнаа војна, предизвикувајќи жестока балканизација. Подоцна, земјите на Западна Европа, во обид да го избришат зборот „Балкан“ и да ни дадат шанса за нов почеток, почнаа да го употребуваат поимот Југоисточна Европа. Но, да не се лажеме: патот од „Балканот“ до „Југоисточна Европа“ мораме да го изодиме менувајќи ја нашата реалност, зашто новата етикета, иако може да ги покрие, не може да ги отклони нашите балкански кавгаџиски пороци.

Затоа, вреди да внимаваме на тенденциите кои водат кон балканизација на македонското општество. Ние сме мултиетничко општество кое што го содржи најопасниот елемент на балканизацијата: етничкиот конфликт. Искуството од распадот на Југославија, но и од 2001 година во Македонија, може да ни биде од корист како тоа да го одбегнеме. Но, слаби сме ученици. Никако да разбереме дека еднаквоста и рамноправноста на индивидуите и на етничките групи е од животна важност за нашата заедничка држава. Се разбира, и дека приказната не запира тука. Дека врз таа еднаквост и рамноправност треба да се гради единство кое што е сложено и треба многу труда да се постигне. Во еден свој текст напишан во 1935 година американскиот либерален мислител и новинар Волтер Липман ( го спомнувам, еве, и во овој текст човекот кој со своите колумни, остави трајни белези врз мојот средношколски ум), ќе напише: „Американското единство е плурално, и може да биде сочувано само како перманентен еквилибриум помеѓу групите, религиите, интересите, регионите. Американското единство никако не може да биде апсолутно, ригидно, едноставно, и секогаш мора да биде баланс на мноштво интереси кон кои се стремиме со умереност и толеранција“. Заменете го зборот „американското “ со „македонското“ и додајте го изразот „етнички групи“ и суштината е иста. „Ако сакаме да обезбедиме подобар живот за нашите потомци, мораме да се обединиме околу еден нов национализам“, вели Липман во спомнатиот текст. Така и ние во Македонија денес: прво мораме да се обединиме околу новиот национализам кој не обврзува да ја прифатиме и да ја засакаме Македонија таква каква што е, мултиетничка, а не каква што национализмот сонува да ја види – етнички чиста. На тоа треба да се работи упорно и „со умереност и толеранција“. Во секојдневниот живот, пак, треба да не обединуваат принципите на демократската правна држава која ќе ја заслужи лојалноста на сите нејзини делови. Притоа, треба да се внимава дека ние, за разлика од Америка, немаме „melting pot“(„лонец за претопување“)кој од различни етнички групи создава Американци, па македонскиот пат до единство е еднаквоста и рамноправност. Имено, еднаквоста и рамноправноста е патот, етничкиот Албанец да стане „политички Македонец“.

Мнозина Македонци се плашат дека Законот за јазиците, како израз на таквата еднаквоста, ќе ја разбие, ќе ја балканизира Македонија. Се разбира, исто онака како што ножот можеме да го користиме да сечеме леб или да отепаме некого, и принципот на еднаквоста и рамноправноста може да биде употребен за зацврстување на единството на нашата држава или за нејзина „балканизација“. Умерените политички сили од двете страни на етничката поделба, со своето поведение, треба да го отстранат тој страв. Како? Пружајќи си рака преку етничкиот јаз и спротивставувајќи им се на своите ултра-националисти.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.