Денешна дата
15/11/2018

Потресите проследени со серија „афтершокови“: кој каде гравитира во ВМРО-ДПМНЕ?

  • Од цврста и монолитнапартија, турбуленциите предизвикаа позиционирање на членството во повеќе фракции.

  • Милошоски фаќа позиција до Мицкоски и ги исмејува своите колеги со иронична најава за оставка на сите функции во партијата.

  • „Првите луѓе на Груевски“ на дистанца од политиките на Мицкоски.

  • Бонева: „Не сум во ниту еден табор. Дома сум и никој не побарал помош од мене“.

  • Довчерашната прва тупаница на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски се дистанцира од политиките на актуелното раководство.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

ВМРО-ДПМНЕ и натаму не ја напушта позицијата на топ-тема во јавноста. По силниот „земјотрес“ со неодамнешните смени и разрешувања, во најголемата опозициска партија следеа серија „афтершокови“ со оставки од партиски функционери. Од 51 пратеници, колку што броеше коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ по парламентарните избори во 2016 година, сега остана со само 39.

 

 

На масата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се редат известувања за напуштања на функциите и позициите на некои од раководителите на партиските тела. Тоа дополнително создаде огромни пукнатини во партијата и доведе до силно раслојување и ситнење на повеќе фракции

 

 

ПО ИСКЛУЧУВАЊАТА – ОСТАВКИ

Даниела Рангелова

Претседателката на жените Даниела Рангелова а со неа и генералната секретарка Лилјана Затуровска и потпретседателката Лилјана Кузмановскаги депонираа своите оставки кај Мицкоски. Од позицијата координатор на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ се повлече и Драган Данев. Потоа претседателот на Унијата на млади сили Лука Кржалоски ја поднесе својата оставка, а него го следеа и дел од општинските организации на млади. По серијата оставки, Мицкоски на својот Фејсбук профил објави слика со дел од членството на УМС, со што сакаше да испрати порака дека сепак, голем дел од младите стојат зад него.

Лука Кржалоски

Еден дел од членството и натаму се во поддршка на Мицкоски, кои горе-долу, можеа да се забележат и на самото одбележување на 125-годишнината од формирањето на ВМРО. Веднаш до него е потпретседателот Александар Николовски, кој деновиве имаше истурена позиција на изјави и објаснувања за случувањата во партијата.

Цврсто до претседателот на партијата сега застана и Антонио Милошоски и покрај тоа што, на времето, тој прв се противеше за изборот на Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Милошоски со својата објава на неговиот Фејсбук профил го исмејуваше бранот оставки на своите партиски колеги. Тој иако, барем засега, нема никаква функција во партијата, напиша дека поднесува неотповиклива проевропска оставка од сите партиски функции.

За него се говори дека откако ги „испеглале“ недоразбирањата со Мицкоски, очекува да биде еден од потпретседателите на партијата. Милошоски за прашањето на бојкотот дури имаше и многу поцврсти ставови и го надмина Мицкоски со најавата за организирање антиреферендумска кампања.

Доверливи партиски извори на Инбокс7 велат дека се уште на страната на претседателот на партијата се и членовите на Извршниот и на Централниот комитет. Но, додаваат тие, секој ден носи и нови изненадувања.

 

КОЈА Е ПОЗИЦИЈАТА НА НИКОЛА ГРУЕВСКИ?

Партиски извори за Инбокс7 велат и дека Мицкоски ги нарушил односите и со Груевски. Неофицијално се тврди дека меѓу нив избувнала кавга. Груевски му се налутил поради тоа што со последните одлуки предизвикал големи превирања, раслојувања и разединувања, но и дека со отстранувањето најголем дел од „неговите луѓе“ и долгогодишни приврзаници, целосно ја разнебитил партијата.

 

ИЛИЈА ДИМОВСКИ – СО МИЈАЛКОВ ИЛИ МИЦКОВСКИ?

 

Забележително е отсуството на довчерашната „прва тупаница“ на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, околу кого гравитира и одредена група негови приврзаници.

Отворено застана дека нема да гласа за договорот за името, но не се согласуваше со политиката на Мицковски на изолација на партијата и, како што самиот рече, не сака да биде дел од фингирани процеси.

Сега се чини како случувањата да ги набљудува отстрана и чека да дојде до смена на врвот на партијата. Тој претходно, по заминувањето на Никола Груевски од челната позиција на ВМРО-ДПМНЕ, имаше амбиции да го преземе кормилото на партијата. Но, откако тоа не се случи, одлучи да се дистанцира од внатрепартиските превирања.

Симптоматичен е и потегот на Сашо Мијалков, кој на судењето за „Титаник 2“, во Кривичниот суд каде беа и новинарите, влезе прегрнат со Димовски. Мијалков, иако неодамна беше избркан од партијата, се уште има големо влијание врз одредена група членови на ВМРО-ДПМНЕ.

 

СИЛВАНА БОНЕВА ИМ ОСТАВА ПРОСТОР НА ПОМЛАДИТЕ

Ја нема и Силвана Бонева која претходно беше еден од најекспонираните членови и тоа не само како пратеник, туку и додека беше во ДИК. Таа во изјава за Инбокс7 вели дека не припаѓа на ниту еден табор и дека досега никој не ја побарал да помогне во консолидирање на партијата.

„Сега сум дома, и досега никој не побарал помош од мене. Работев многу и за ЕУ и за НАТО, но многу сум разочарана, па сега помладите нека продолжат“.

 

 

„ОДМЕТНАТИТЕ“ СЕ ВМЕТНАА ВО НОВА ПРАТЕНИЧКА ГРУПА

 

Пратениците, пак, кои беа исклучени од партијата поради гласањето за отворање на уставните промени по Договорот од Преспа, формираа нова пратеничка група. На истата им се приклучи и Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија.

Како што е познато, тука се екс министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска, потоа тројката обвинети за 27 април – Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, како и Нола Исмајловска Старова, Емилија Александрова и Заќир Рамчиловиќ. Иако Рангелова си даде оставка од функцијата, рече дека останува во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Интересно е да се спомене и дека на сцена веќе ги нема и поранешните функционери од времето на Груевски, кои беа „незаменливи“ на нивните позиции. Единствено во јавноста беа присутни екс министерот Никола Тодоров и поранешниот началник на УБК Сашо Мијалков поради тоа што експресно беа избркани од ВМРО-ДПМНЕ.