Денешна дата
15/11/2018

Совест вс лојалност

Пишува: Александар Кржаловски

 

Гласањето во Собранието на 19.10 за почеток на постапката за Уставни промени, покрај своевидната катарза што ја донесе со прекинот на неизвесноста дали ќе се обезбеди минимумот од 80 потребни гласови за тие промени да се случат, веројатно како никогаш досега ја исфрли на површина дилемата за гласање во согласност со партискиот став или спротивно на тоа.

Не знам дали е најсоодветен насловот Совест вс (версус = наспроти) Лојалност, за да ја долови оваа дилема, но тоа (повикувањето на совеста, особено кон пратениците од опозициската коалиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ) беше најчесто употребуваната фраза во тој период, и во медиумите, а и од самите колеги пратеници од владејачкото мнозинство. Од другата страна на дилемата, беше лојалноста кон партијата (или партискиот став, или како што тие често потенцираа – кон гласачите кои ги избрале или кон тие кои не излегоа на референдумот). Веројатно не е најсоодветен насловот, бидејќи имаше повици кон совеста и на пратениците од мнозинството (да не го „даваат“ името, дека не добиле мандат за промена на уставот и слично), но и очекување сите тие да бидат лојални кон ставот на Владата/партијата/коалицијата/кампањата „За Европска Македонија“ и да гласаат За! Но, тоа е веќе филозофска расправа.

 

На крајот, видовме што се случи – 80 пратеници гласаа „за“, со што се усвои предлогот за почеток на постапката за уставни промени, вклучувајќи ги гласовите на осум пратеници од опозицијата. Последицата за седум од нив беше исклучување од членството во партијата (ВМРО-ДПМНЕ), проследено и со барање за нивни оставки од пратеничката функција, а како што веќе (за жал) стана вообичаено – и со етикетирања како „предавници“. Разочараноста кај опозициската партија беше нескриено голема, искажана истата вечер од нејзиниот претседател, а особено што дојде неколку часа по нивната прес-конференција на која повикаа да се гласа – со увереност дека нема да има доволно (80) пратеници подготвени да гласаат „за“. За волја на вистината, веројатно во тој момент и ги немаше тие 80 гласа „за“, инаку седницата ќе почнеше кога што беше првично закажана (за 11, па потоа и за 15 часот). Што навистина се случуваше тој ден (и неколкуте претходни) и зошто некои пратеници кои дури и јавно изјавуваа дека нема да гласаат „за“ го променија своето мислење, веројатно ќе дознаеме наскоро – до финалното гласање за уставните промени. За некои од нив, можеби ќе остане нејасно и тогаш, а за некои можеби никогаш нема да ги дознаеме причините за таквото гласање. Во секој случај – сите 120 (односно 119-те присутни на седницата) пратеници (ќе) тврдат дека гласале според својата совест и убедување.

 

Тоа разоткривање на причините за гласање „за“ сепак не е намера на овој напис, како што нема ни амбиција да ја разреши дилемата од насловот. Ова и од причина што тоа и не е можно, бидејќи дилемата е и ќе е присутна при секое гласање (и за било што) во Собранието (и секако, не само во нашето). Една од целите, сепак е да научиме од тоа што се случи, меѓу другото за поврзаноста меѓу изборниот модел, врската на пратениците со граѓаните (избирачите) и процесот на формирање на кандидатските листи во партиите. Додека Уставот пропишува пратениците да гласаат според сопствено убедување, очигледно очекувањата на партиите се да се следи партискиот став и така и да се гласа, односно да се биде лојален кон партијата (па дури и кога тоа се коси со личниот став по одредено прашање). Прашање е како таа лојалност да се обезбеди и гарантира, особено кога ќе биде најпотребно (како во конкретниов случај, на јасна диференцираност и крајна поларизација на прашањето меѓу двете најголеми партии) и ако ништо друго, ова гласање веројатно разби еден стереотип – дека пратениците потпишувале меници за парично задолжување (кое би било активирано од партијата во случај на гласање на пратеникот спротивно од партискиот став). Значи или не потпишувале такво нешто или добиле поголемо „покритие“.

 

Но, како е ова во поразвиените демократии, како американската на пример. Летово, додека ние се занимававме со референдумот, а потоа и со постапката во Собранието, во САД една од главните преокупации на јавноста беше расправата во Сенатот за назначување на нов судија во Врховниот суд – кандидатот Брет Кавано. Кога во јули се испразни едно од деветте места во судот, заради пензионирање на еден од судиите (оваа функција во САД е доживотна, односно додека самиот судија не реши да се повлече), претседателот Трамп го предложи судијата Кавано и се очекуваше негов лесен избор со оглед на мнозинството на Републиканската партија (51 сенатор, наспроти 49 на Демократската партија вклучувајќи и 2 независни кои најчесто гласаат исто како и демократите). Но, тоа после 30 години, ќе доведеше до мнозинство на конзервативни (условно речено – републикански) судии во Врховниот суд, па Демократите се обидуваа да ја одложат постапката барем до ноември, со надеж дека на претстојните избори (денешни, 6 ноември) ќе освојат мнозинство во Сенатот и со тоа ќе го спречат назначувањето на Кавано и ќе издејствуваат посоодветен кандидат. Во целиот случај се појави и тврдење на жена за сексуален напад од судијата Кавано во нивните студентски денови (пред 36 години), на кој се придружија и две други жени, што пак го отвори прашањето за совеста на сенаторите, односно – слично како и во нашиот случај, очекување некои од републиканските сенатори да гласаат „против“. Додека повеќето сенатори јавно и доста рано во процесот се изјаснија како ќе гласаат, три од нив (2 републиканци и 1 демократ) не го кажаа тоа до самиот ден на гласањето, па беше неизвесно каков ќе биде исходот. На крајот, 1 сенатор беше отсутен и 1 беше воздржан (двата републикански), а сите три кои не се изјаснија претходно, се одлучија да гласаат „за“ со што Кавано беше избран за Врховен судија со точно потребните 50 гласа „за“ (и 48 „против“)… како што претпочиташе републиканското мнозинство. Се покажа дека клучен беше тој 1 глас на сенатор од Демократската партија (сите републикански сенатори гласаа „за“, а сите демократски освен тој еден, гласаа „против“, односно гласањето беше исклучително партиско, попрецизно 97-99% партиско).

Дали тој едниот сенатор (или и сите) гласаше според сопствената совест? Дали се водеше од мислењето на мнозинството во Сенатот? Или пак мнозинството граѓани? Или пак можеби од личниот интерес? Дали ваквиот глас „за“ ќе му донесе реизбор во неговата сојузна држава (што впрочем ќе го дознаеме ноќеска) во која преклани победи републиканскиот кандидат за претседател – Доналд Трамп… и дали тоа било пресудно за неговата совест?

 

Како што наведов и погоре – не може да се разреши генерално оваа дилема, дали да се следи партискиот став, или понекогаш да се отстапи од тоа, па дури и во критични гласања (за битни работи за партијата и/или државата). И во САД, гласањето е најчесто партиско (скоро сите сенатори во над 70% случаи, а повеќе од пола и во над 90% случаи гласаат согласно партискиот став), но се случува и некои од нив на одредени прашања да се против партискиот став (пр. има една одлука минатиот месец која не поминала заради 2 „одлеани“ гласа), вклучително и за некои од најбитните прашања/проекти за партијата (пр. против укинувањето на здравствената програма на претходниот претседател Барак Обама, т.н. Obamacare).

Но, она што е сигурно подобро решено во постарите (западните) демократии, е врската на избраните претставници со самите граѓани, односно „базата“ (изборна), или како што самите тие го нарекуваат тоа (а кај нас нема ни соодветен збор) – конституентите (constituents). Имено, во најголем дел од тие држави (секако со САД и Велика Британија на пример), директна е врска на пратеникот (сенаторот, конгресменот, итн.) со изборната единица (месна заедница, општина, дистрикт, град, сојузна држава). Со тоа и претставувањето е појасно и полесно за консултирање (и непартиско) при дилеми како да се гласа за нешто. Секако, многу други интереси имаат влијание на сите тие процеси на одлучување, но на крајот – доколку сакаат реизбор (а повеќето од нив ги посветуваат своите кариери на вакви функции) – мора да водат сметка за “гласот на народот“, особено во средините во кои се избрани… и за мнозинското расположение таму (а не само кај членовите на својата партија).

Можеби треба да се примени ова при следната ревизија на изборниот модел и со тоа да се придонесе прво за поголема демократизација на политичките партии, а потоа и на целото општество. Со тоа би се намалиле (или и целосно спречиле) ваквите „изненадувања“ при гласањата, а и кога ќе се случуваат нема толку трагично (или еуфорично) да се доживуваат.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.