Денешна дата
15/11/2018
фото: Независен

Дали Груевски ќе оди в затвор со пратеничката функција?

 

  • Претседателот на Комисијата за мандатно имунитетни прашања Павле Богоевски рече дека е рано да се прогнозира што ќе се случи во Собранието.

  • Експертите велат дека Груевски како пратеник би можел да замине во затвор и оттаму своето отсуство да го оправдува на секои 6 месеци.

  • Во досегашната историја на парламентарната демократија Собранието на два наврати донело одлука за одземање мандати на пратеници.

 

Пишува: Светлана Унковски

 

Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања ја одложи седницата за пратеничкиот мандат на Никола Груевски за еден ден, а голема е веројатноста и дека ќе се одложи и заминувањето на екс премиерот на издржување на двегодишната затворска казна.

Откако Кривичниот суд му го одби барањето за одложување на казната неговите адвокати најавија дека ќе поднесат жалба до Кривичниот совет. Груевски треба да се јави на  8 ноември во затворот во Шутка, но оваа жалба ќе му го пролонгира рокот за 3 дена, колку што советот има време да постапува по неа.

 

НОВАТА ПРАТЕНИЧКА ГРУПА НЕМА ДА ГЛАСА ПРОТИВ ГРУЕВСКИ

 

Како и да е, надлежната собраниска комисија ќе расправа за мандатот на екс-премиерот за да му предложи на парламентот да донесе одлука за негово одземање, откако беше потврдена правосилната одлука за двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“.  Сепак, исклучените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ одлучно одмавнаа со глава и едногласно рекоа дека нема да гласаат за одземање на мандатот на нивниот бивши лидер и сопартиец. На овој начин не се стигнува до потребното двотретинско мнозинство од 80 гласови за Собранието да донесе одлука поранешниот премиер да замине во затвор без пратеничка функција.

Претседателот на Комисијата за мандатно имунитетни прашања Павле Богоевски рече дека е рано да се прогнозира што ќе се случи во Собранието. „Рано би било да шпекулирам. Тие работи би ги знаеле по одржувањето на пленарната седница, на којашто сите пратеници ќе имаат можност да расправаат и да гласаат по предложениот заклучок“

 

ШТО ВЕЛИ УСТАВОТ?

На пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

 

 

Експертите велат дека Груевски како пратеник би можел да замине во затвор и оттаму своето отсуство да го оправдува на секои 6 месеци. Со тоа тој ќе биде првиот пратеник од затвор на кого редовно на неговата сметка ќе му се исплаќа платата.

 

СОБРАНИЕТО ДОСЕГА ИМА ОДЗЕМЕНО ДВА ПРАТЕНИЧКИ МАНДАТИ

 

Во досегашната историја на парламентарната демократија Собранието на два наврати донело одлука за одземање мандати на пратеници. Првиот случај беше со одземање на мандатот на бившиот лидер на ДПА, сега покојниот Арбен Џафери, поради неоправдано отсуство подолго од 6 месеци, додека вториот случај е собившиот пратеник Хисни Шаќири, кому му беше одземен мандатот заради отсутство повеќе од 6 месеци, откако во 2001 година одлучи да ја напушти ДПА и да се одметне во тогашната паравоена ОНА.

Комисијата за мандатно имунитетни прашања од овој состав, кон крајот на минатата година му предложи на Собранието, по барање на судот, да им го „симне“ имунитетот на шестмина народни избраници осомничени за настаните од 27 април, на кои им беше одреден притвор. Собранието ја изгласа одлуката бидејќи за одземање на имунитетот се потребни најмалку 61 глас.

Досега имунитет му беше одземен и на екс-премиерот Владо Бучковски, кој беше осомничен во случајот со набавката на тенковските делови.