Денешна дата
15/11/2018

Ноемвриска „горештина“

Пишува: Бардуљ Заими

 

Уставните промени предвидени со Преспанскиот договор, се чини дека ќе ја продолжат летната „горештина“ и во ноември. Владата, пак, соопшти дека ги изготвила амандманите за овие промени. Преформулирањата во преамбулата предизвикаа реакциите. Премиерот Зоран Заев најави дека во Охридскиот договор ќе биде вклучен и Охридскиот договор. Претставници на ДУИ го нарекоа ова вклучување како успех на нивниот лидер, Али Ахмети.

Претходно, опозициските партии, Алијанса на Албанците и Беса, поднесоа амандмани за измени во Уставот, преку кои се велеше дека ќе се унапреди правно – политичкиот статус на Албанците во Македонија. Со промените најавени од страна на овие партии се имаше за цел да се промени дефинирањето „20 отсто“, што подразбира Албанците, како и официјализирањето на албанскиот јазик.

Во јавноста се зборуваше за условување кое би можело да се случи за изгласување на уставните измени, предвидени со Преспанскиот договор. Но, со тек на време претставници на албанските опозициски партии објаснија дека не станува збор за условување, туку за обид да се убедат другите пратеници за задолжителноста од дефинирање на Албанците во уставот не како „процент“, туку со терминот „Албанци“.

Алијанса на Албанците на Зијадин Села веќе започна кампања на социјалните мрежи наречена “Don’t call me 20%, I’m Albanian” (Не ме викај 20%, јас сум Албанец). Се чини дека преку оваа кампања, оваа партија сака да ја сензибилизира својата партиска позиција за време на парламентарната дебата за уставните измени, барајќи Албанците да бидат вклучени во уставот со терминот „Албанци“, а не како процент.

Веројатно дебатата и антагонизмите меѓу политичките партии во албанскиот политички блок ќе се одвиваат околу две политички премиси: околу вклучувањето на Охридскиот договор во преамбулата и инсистирањето за преформулирање на „20-те проценти“ во Уставот.

Без оглед на партиските позиционирања, оваа формулација останува проблем сам по себе, потенциран цело време од протагонистите на јавниот живот кај Албанците. Опозициските партии настојуваат дека е ова проблематично дефинирање, а некои протагонисти од јавниот живот на Албанците го нарекоа како „навредливо дефинирање за Албанците“. Секако дека ќе се отвори дебата и за ова чувствително прашање за Албанците во рамките на еден аргументиран и сеопфатен дијалог. Во време кога Македонија влегува во друга парадигма на текови, што подразбира етнички, јазичен и културен плуралитет, преформулирањето што подразбира присуство на Албанците во Уставот, може само да го зајакнат нивното поквалитетно политичко-државно идентификување, така што уставната лојалност би донела многу посуштинска социјална кохезија. Како и да е, главниот збор секогаш го има политика, која не секогаш е спремна да ги затвори прашањата за кои се смета дека може да создадат нормална и мултиетнички функционална држава.

Вклучувањето на Охридскиот договор во преамбулата и идејата за преформулирање во Уставот на „присуството на Албанците“ ќе бидат двете политички позиции кои ќе ја одбележат дебатата во парламентот. Веројатно власта и опозицијата во албанскиот политички блок, врз основа на овие две ориентации ќе ги градат и партиските каузи, без оглед на епилогот на нивниот „успех“.

Барањата на опозицијата од албанскиот политички блок, премиерот Заев ги нарече „премногу амбициозни“. Тој, исто така, потенцираше дека „не може да се отвора повеќе Пандорината кутија“. Во меѓувреме, Заев ги усогласи ставовите со групата пратеници отстранети од ВМРО-ДПМНЕ, околу предлог амандманите кои се очекува да бидат изгласани во парламентот за промена на името.

Во меѓувреме, македонската опозиција ВМРО-ДПМНЕ најави стратегија за спротивставување на уставните измени. Лидерот на оваа партија, Христијан Мицковски, истакна дека одобрувањата во собранието доаѓаат сосема неочекувано, потенцирајќи дека не е предвидено да се дискутира за Охридскиот договор. Како и да е, тој најави жестоко спротивставување од страна на партијата со која раководи. „Очекувам жестока критика на сè она што ќе биде предложено од страна на владиното мнозинство и од Владата и во рамките на дискусијата на комисијата, а потоа и во рамките на собраниската дискусија од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Мицковски.

Веројатно ноември ќе биде месец на „жешки“ партиски препукувања. И кога зборува политика, гласот на разумот и аргументираната мисла полека се губат некаде на маргините!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.