Денешна дата
15/11/2018

Евтините летови, може да останат само убави спомени

Ќе „одлета“ ли „Виз Ер“ од Македонија? Иако ниската цена на билетите ги привлекува патниците, не изостануваат и попатните трошоци.

 

Пишува: Бјанка Станковиќ

 

Десетина минути пред петнаесет часот. Во центарот на градот стои автобусот што ги превезува патниците до „Меѓународниот аеродром – Скопје“. Во него седат постара жена и нејзината внука. Жената вели дека последен пат со „Виз Ер“ патувала пред две години и дека со авиокомпанијата има само убави искуства, воедно ги пофали услужливите вработени. Овој пат, вели дека одат да ја пречекаат другата внука, која треба да допатува преку Варшава и Париз бидејќи „Виз Ер“ за одредени дестинации немаат директни летови. Напомена дека предноста е во цената на билетите, но дека услугите како кафе, сок и храна во авионот не ви се платени, иако тоа не е случај ниту со вискобуџетните авиокомпании.

Во два последователни тендера за субвенционирање на нискобуџетни авиокомпании беа поништени од страна на владата во Скопје заради пропусти во постапката. Во случај „Виз Ер“  да ја напушти Македонија, таа вели дека тоа ќе се одрази врз граѓаните бидејќи сите ги користат нивните услуги само поради евтините авионски карти.

„Мојата внука ја искористува секоја прилика да допатува тука кога има евтини билети, особено за викендите“, додава таа.

 

На ова се надоврзува и Петар Нестороски, кој вели дека често патува со „Виз Ер“ и за евтините авиобилети кои што ги плаќаат граѓаните, услугите се на добро ниво.

„Јас лично сум патувал повеќе од 30 пати низ Европа, најчесто во Будимпешта, Братислава, Барселона, Рим, Рига, Варшава, Осло, Стокхлом и други места. Во случај „Виз Ер“ да си замине тоа многу ќе влијае особено врз младите кои што сакаат да патуваат, но и за сите граѓаните во Македонија, бидејќи сепак „Виз Ер“  е единствена нискобуџетна авиокомпанија кај нас“ – изјави Нестороски.

 

 

 

Патување со „WizzAir Патување со редовен превозник
Скопје – Хан (цена во еден правец – 60 евра) Скопје – Франкфурт (цена на повратен билет: 210 евра)
Хан – Скопје (цена во повратен правец – 90 евра) Метро од аеродромот до Франкфурт (цена: 8 евра)
Превоз: Аеродромот во Хан – до центарот на градот (цена: 40 евра)
Трошоци за багаж: 20 евра
Вкупно: 210 евра Вкупно: 218 евра
Предности: Директен лет Предности: Летот е достапен секој ден во неделата
Недостатоци: Летот е достапен два пати во неделата Недостатоци: Летот не е директен, има едно прекачување

 

Пример за лет во период од 24-29 декември.

 

 

 ТУРИСТИЧКИТЕ АГЕНЦИИ СО ПОДЕЛЕНИ ВО МИСЛЕЊА

 

Од туристичка агенција за организирање на патувања и менаџмент „БТ  Македонија“ велат дека до сега соработувале со „ВизЕр“ и дека најголема побарувачка имале за Дортмунд, Келн, Мемингем и Брисел.

„Можното заминување на „ВизЕр“ од Македонија секако ќе се одрази врз нашата работа особено од економски причини бидејќи откажувањето на летови ќе го намали и бројот на нашите корисници.“, изјавија од „БТ Македонија“

Од  „Делфино Травел“  пак, преку телефонски разговор велат дека се фокусираат на работа со рент а кар и авионски билети за фирми, наместо со поединци кои патуваат. Оттаму изјавија дека соработувале со „ВизЕр“, но многу ретко, освен ако клиентот не инсистирал летот да биде преку оваа авиокомпанија.

Во случај на заминување на компанијата од земјава, тоа нема да се одрази врз нивната работа бидејќи како што велат поради гаранцијата за клиентот, проблеми со багажот, како и често откажување на летови, соработката со „ВизЕр“ велат им е сведена на минимум.

 

ТЕНДЕРОТ НЕ СЕ МЕСТИ – ДЕЦИДЕН МИНИСТЕРОТ СУГАРЕВСКИ

 

Иако пропаднаа двата тендера на кои „ВизЕр„ беше единствениот понудувач, министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски на прес-конференција, изминатиов месец ги демантираше изјавите дека тендерот се местел и дека ниту еден член на сегашната Влада нема ништо против авиокоманијата. Тој вети дека граѓаните ќе можат да патуваат со евтини летови, но неопходно е да се почитува процедурата.

Имено, причината поради која првиот тендер во август беше поништен е дека авиокомпанијата „ВизЕр“ во писмото со понуда не го напишала полниот назив и адресата на компанијата. Подоцна на вториот тендер, Комисијата што ја спровела тендерската постапка го известила „ВизЕр“ дека не ги исполнува бараните услови. Односно, унгарската компанија понудила четири нови дестинации од Охридскиот аеродром да ги воведе во август следната година, а на огласот се барало првите два да почнат најдоцна до 10 јануари, а следните два по една година.

 

„Визер“ за последните 6 години добила над 9 и пол милиони евра државна помош.

Сабри Алиу кој има туристичка агенција „Mergimi Air Travel Agency“ во Старата Скопска чаршија вели дека е голема штета што Македонија нема своја авиокомпанија и во случај на заминување на „ВизЕр“ нормално е дека граѓаните ќе ги почувстуваат последиците. Ако во 90-тите Македонија можела да се пофали со осум авиокомпании, денес нема ниту една.

„Само кај нас државата дава субвенции за авиокомпании, тоа во странство никаде го нема. Но, бидејќи ние сме богата држава, решивме да даваме субвенции и за ова. Со овие пет милиони евра што ги предвидува Владата, Македонија може да си дозволи основање на своја авиокомпанија која за почеток би можела да понуди 10 одлични дестинации. Почнувајќи од Цирих и Базел за каде во моментов има најмногу побарувачка, потоа Истанбул, Германските и градовите во Скандинавија. Цените за билетите би биле горе-долу исти како оние на „Виз Ер“ , предлага Алиу.

Позитивната страна на основањето своја авиокомпанија, како што вели Алиу е дека со тоа државата нема да зависи од другите, а воедно и домашната компанија нема каде да „избега“.

 

Држава Број на авиокомпании
Србија 5
Црна Гора 4
Албанија 2
Косово 2
Босна и Херцеговина 1
Македонија 0

 

Поранешниот пилот, Кирил Каевски вели дека на пазарот во Македонија нема вистинска конкуренција, а тоа се докажува преку тендерот објавен од Министерството за транспорт и врски, на кој два пати се јавува само „ВизЕр“.

Најголемиот проблем во врска со отворање авиокомпанија е недостатокот на кадарот, дециден е тој.

„Голем дел, односно една третина од кадарот е заминат во пензија, а останатите работат во други држави низ светот меѓу кои Индија и Јапонија. Обучувањето на нов кадар во Македонија е сведен на минимум. Од друга страна, доколку би позајмувале кадар од странство тоа ќе чини многу, а државата не може да си го дозволи сега“, објаснува Каевски.

Тој вели дека иако е смешно тактизирањето на власитите во врска со тендерот, сепак „Виз Ер“ ќе остане тука, како и што во моментов продолжува со летови, без оглед на тоа што не добива субвенции од државата.

ПЕТ МИЛИОНИ ЕВРА СУБВЕНЦИИ ВО НАРЕДНИТЕ ТРИ ГОДИНИ

Од почетокот на 2019 па се до крајот на 2021 година, Владата предвидува субвенции во висина од 312,4 милиони денари, односно пет милиони евра.  Министерот Сугаревски, на прес-конференцијата одржана минатиот месец, рече дека министерството за транспорт и врски ќе објави нов јавен повик, а критериумите и условите ќе останат непроменетени како и на претходниот јавен повик.

На избраната авиокомпанија ќе и се исплаќа еднократен надомест од 40.000 евра за секоја нова дестинација од аеродромите во Скопје и Охрид, а исто така ќе се субвенционира и секој патник во заминување во тек на субвенционираниот период. Покрај овие услови, компаниите што ќе аплицираат треба да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварено профил од 25 милиони евра минатата година.