Денешна дата
15/11/2018

Канческа Милевска: Во ниту еден момент не се чувствувам како предавник

Пратеничката Елизабета Канчевска Милевска се најде на центарот на критиките од нејзините сопартијци кога на 19 октомври одлучи да го поддржи започнувањето на процесот на уставните измени со кои се отвара патот на имплементирање на Договорот од Преспа. Веднаш потоа таа и нејзините колеги кои исто така гласаа „за“ беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ заради постапување надвор од партискиот став за да не се поддржи процесот. 

 

 

Интервјуира: Светлана Унковска

 

Канчевска Милевска сега е координатор на новата пратеничка група и вели рано е да се каже како ќе функционираат по завршувањето на уставните измени. Иако е исклучена од ВМРО-ДПМНЕ, таа вели дека нема добиено официјална одлука.

„ Морам да кажам дека немам направено нешто лошо или против интересите или залагањата на партијата. Моето гласање беше за отворање расправа за уставните амандмани. Сега гледам дека и моите колеги од мојата партија истото го потврдуваат и влегуваат во дебата. Така да сега сме на исто рамниште“, подвлекува Канчевска Милевска во ексклузивното интервју за Инбокс7.

 

Инбокс7: Госпоѓа Канческа Милевска, Вие сте координатор на новата пратеничка група. Како таа во иднина ќе дејствува и во кои насоки ќе делувате?

ЕЛИЗАБЕТА КАНЧЕСКА МИЛЕВСКА: Во делот на пратеничката група ќе кажам дека ние моравме да формираме независна пратеничка група во рамките на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ за да можеме да учествуваме во  амандманската расправа и да  дејствуваме и во последната фаза за некои дополителни амандмани, затоа што не знаевме како ќе дејствуваат останатите колеги од мојата партија ВМРО-ДПМНЕ. Јас лично како пратеник и во самиот говор кога одеше расправата на седницата во собранието јавно го кажав мојот став дека треба да учествуваме во амандманска расправа и денеска, искрено да кажам, многу ми е многу драго што гледам  дека и останатите колеги од мојата партија ВМРО-ДПМНЕ се вклучија во амандманската расправа. Мислам дека таа лажна перцепција која се создаваше во јавноста, сега може да се види јасно и се потврди дека сето тоа не е така, така што сега сите тие маски паднаа. Кога гледам дека сега на самата Комисија и тие се вклучија, од оваа дистанца, ќе кажам дека можеби требаше да останеме сите заедно. Добро е сите да се  вклучиме во еден инклузивен процес на дијалог, дебата, на јавна расправа да се повикаат и експерти по уставно, меѓународно право, професори, ние како пратеници… Морам да кажам, грешки има многу во водењето на самиот процес од страна на власта и тие грешки ги изнесов и на говорницата во Собранието.

 

Инбокс7: Оваа пратеничка група ќе биде само за уставните промени или останувате и натаму како независна пратеничка група?

ЕЛИЗАБЕТА КАНЧЕСКА МИЛЕВСКА: Во моментот е формирана за таа цел, бидејќи сакавме да влеземе во инклузивноста на овој процес.  Како понатаму сето тоа ќе се движи и во која насока, ќе видиме и од самите околности. Засега, немаме изградено став како понатаму, но во овој период ние делуваме како и досега, нормално, како опозиција. Тоа го покажавме и претходно кога имавме прес конференција во однос на нашите предлози за нацрт амандманите како и за нашиот став дека нема да гласаме за одземање на мандатот на Никола Груевски. Сакам да кажам дека ќе дејствуваме како опозиција, критики има многу во секоја областа на функционирање и работење на Владата и тие критики мора да бидат изнесени.

 

Инбокс7: По гласањето за уставните промени вие сте исклучени од ВМРО-ДПМНЕ. Дали размислувате да формирате нова партија?

ЕЛИЗАБЕТА КАНЧЕСКА МИЛЕВСКА: Слушнав изјави таа вечер дека ќе бидеме исклучени и на прес конференција претседателот Христијан Мицковски исто така, рече дека сме исклучени, но документ врз основа на тоа зошто сум исклучена и кои се причините немам. Морам да кажам дека немам направено нешто лошо или против интересите или залагањата на партијата. Моето гласање беше за влегување во расправа за уставните амандмани. Сега гледаме дека и моите колеги од мојата партија исто влегуваат во дебата. Така да сега сме на исто рамниште. По редот на нештата ако сте исклучени треба да имате официјален документ со образложение од кои причини е тоа направено, што е тоа што сум го сторила, а кое е спротивно или нешто лошо во интерес или залагањата на мојата матична партија. Исто така, кога некого исклучувате мора да му дадете право  да изнесе  свои аргументи, да му биде понудено некакво образложение и право на жалба… Кажано е такво нешто во етер од одредени личности, но како документ официјален немам добиено до овој момент ниту по пошта ниту лично.

 

Инбокс7: Какви ви се релациите сега со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Се сеќавате на моментот кога гласавте за отворање на процесот на уставните промени тие станаа  и отстрана ве гледаа попреку. Какви се сега однесувањата?

ЕЛИЗАБЕТА КАНЧЕСКА МИЛЕВСКА: Како досега што ни биле така се и во овој момент. Јасно беше дека сакам да се вклучам во овој процес. Тој став го имам кажано и на обраќањето во Собранието и лично во разговор со претседателот Христијан Мицковски. Немам ништо скриено, секогаш постапувам чесно и отворено и во овој случај сум сметала дека е тоа неопходно. Станува збор за многу значајно прашање во интерес на граѓаните и иднината на нашата држава, не се работи за некакви лични и партиски амбиции за било што или за некакво место, некој кој што ги има тие амбиции, треба сам да се запраша. Ние во изминатите години сме работеле интензивно на процесот на европската интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ. Залагањата во тој период како министер за култура ми биле големи и убедена сум дека сме направиле многу во тој процес. Не можете да се залагате за постулатот за европска интеграција и НАТО а да не понудите нешто во таа насока. Или да кажете ние ќе направиме нешто подобро….. па, еве сега е шансата да се вклучат во дебата и да се понудат амандмани ако навистина искрено сметаме дека се залагаме за подобра евроатлантска иднина на Република Македонија.

 

Инбокс7: Вашите колеги за гласањето Ве нарекоа предавник. Какво е сега чувството ?

ЕЛИЗАБЕТА КАНЧЕСКА МИЛЕВСКА: Ниту тогаш ниту сега се чувствувам предавник. Бидејќи ако одиме по таа аналогија значи сега и моите колеги се предавници бидејќи и тие учествуваат во овој процес. Жалосно е да се даваат такви квалификации, дали е некој предавник или херој, ние треба еднаш засекогаш да ги тргнеме личните и политичките интереси, и да се вклучиме искрено, отворено и чесно во овој процес. Бидејќи интересот на сите нас е побрз влез во ЕУ и НАТО и не е само декларативно туку треба директно да се заложиме да го направиме тоа на најдобар можен начин. Така што, како предавник не се гледам во ниеден момент.

 

Инбокс7: По гласањето ви беше доделено обезбедување. Имавте ли проблеми и се чувствувате ли безбедно?

ЕЛИЗАБЕТА КАНЧЕСКА МИЛЕВСКА: Не користам обезбедување и во ниту еден момент сум немала закана или притисоци ниту од едната ниту од другата страна. Државата одлучи така, бидејќи се создаде тензична состојба и се создаде лажна перцепција.  Јавноста беше изманипулирана дека сега веднаш гласаме за промена на името и промена на уставот и сето тоа беше лажна перцепција. Тоа со што се соочивме за време гласање да те гледа некој како за отстрел мислам дека сега истите тие се срамат од тој чин. Јас искрено и чесно постапив во таа фаза и во ниеден момент не можам да се почувствувам како некој предавник, туку напротив мислам дека направив нешто повеќе и сега тоа се потврдува со нивното присуство и учество во оваа фаза.

 

Инбокс7: Какви ви се односите со СДСМ? Дали сметате дека по гласањето за отворање на Уставот сега ве гледаат како пратеничка група која во иднина би помогнала во донесување на закони или други одлуки?

ЕЛИЗАБЕТА КАНЧЕСКА МИЛЕВСКА: Јас со моите колеги од СДСМ имам чист професионален однос како и со сите други во Собранието. Јас немам големо искуство во парламентот, но сметам, Собранието како највисок законодавен дом треба да функционира токму по онаа дефиниција на парламентарна демократија. Добро е одредени измени во законите, предлагања на решенија да произлегуваат од пратениците и Собранието да се сфати како парламентарна демократија, а не како партиска демократија. Многу работи во промена на одредени решенија токму од тука треба да произлезат. Релациите со СДСМ ни се многу професионални и така ќе останат.