Денешна дата
15/11/2018

Макарти од наше маало

Пишува: Зоран Иванов

 

Изолиран чин на културолошко воспитна акција или седржавно мобилизирање за сеграѓанско дисциплинирање? 

 

За насловот: Џозеф Рејмонд Макарти, републикански политичар кој од 1947-ма година па цела деценија натаму обвинил дузина истакнати поединци, свои сограѓани, дека се прикриени странски агенти и државни непријатели на САД.

Влијателниот конзервативец во 1954 – та година е јавно посрамотен кога, по обемните конгресни истраги, е констатирано дека за ниту едно од неговите обвиненија со кои во меѓувреме жигосал многумина истакнати слободоумни Американци, немал докази. По смртта на сенаторот, Џозеф Џо Макарти во јавноста е перципиран како една од најнегативните личности на демократска Америка. Модерниот лов на вештерки, појавата на политички обвинувања без докази, денес се именуваат и како „макартизам“.

Така некако во макартиевски стил, замирисува потегот на јавното обвинителство. Тоа на блиска средба го повика мошне активниот еминентен и влијателен новинар и публицист Бранко Тричковски. Се подразбира, не како сведок туку очигледно, судејќи според неговите атрактивни Фејзбук активности, во својство на обвинет. Тоа упатува дека оваа правосудната институцијата прифатила нечии „аргументи“ од корпусот „навреди“. Конкретно Тричковски со својот напати „поган“, напати „заканувачки вулгарен“ речник, кај оваа интернет заедницата стекна многу противници и многу подржувачи.

„Лицето се повикува во својство на осомничен, а во врска со постапка што се води по поднесена кривична пријава за повеќе кривични дела од Кривичниот законик“, пишува во поканата од скопското обвинителството. Во актот не се наведува за што точно е тој повикан на распит во оваа правосудна институција, но нејзината содржина имплицира повиканиот да не е во можност однапред да подготви било какви разумни образложенија за обвинувањата што ќе му бидат таму презентирани.

Рака на срце, неговите пораки и коментари на најпопуларната социјална мрежа изобилуваат со непристојности. Со вулгаризми, со навреди спрема одредени политички и други јавни личности. Ама при ова е нужно да се потенцира фактот дека неговото авторство секогаш, без исклучок, е поткрепено со конкретности. Со прецизно лоцирање на субјектот и субјектите кои, според неговите убедувања, се креатори на особено штетни последици по општеството и по државата. Негова мета се познати личности кои, исто така без исклучок, се ликови од корпусот на влијателни политички фактори или од  јавната интелектуална сцена.

Тричковски не е динствениот новинар по кого заради востоличените разбирања на термините кои отсликуваат „навреди“, не поради клевети или закани, туку прецизно, поради навреди, се покренува државата. Во случајов олицетворена во јавното обвинителство.

На масовните социјални мрежи се водат многу полемики за тоа каде е границата на пристојност на јавниот збор. Треба ли државата да интервенира или и вулгарностите се во рамките на широките слободарски демократски принципи. Едно од многуте теоријски толкувања: „Говор на омраза е вербализација на негативни емоции, човекова природна потреба и резултат на нагонски, но и на мисловни рефлкексии предизвикани од субјекти кои од позиции на општествена надмоќ, со своите поведенија провоцираат деструкции“.

Тричковски е актуелен, но не и изолиран случај со етикета дека се изразува навредливо и со доза на омраза. Меѓу личностите со транспаретни професии кои поради својот нестандарден речник на социјалните мрежи, од страна на поединци и на разни граѓански центри, исто така се мета на осуди, се и професорите и новинарите Најчевска, Ванковска, Апасиев, Неделковски, Чилиманов, Гелевски. И нивниот вокабулар предизвикува реакции и е подведуван како „навредлив“ и како „говор на омраза“.

Секако дека државата, судскиот поредок, ќе најдат законска основа да осудат секого кој на јавна сцена се служи со нестандардни, со вулгарни зборови, мисли, пораки. Навредата, говорот на омраза и во демократското европско и во нашето домашно законодавството е дефинирано како казнива појава. Но таму, понасевер, интервенцијата на државата е максимално воздржлива. Истата таа држава пак, е максимално брза и ефикасна во задоволувањето на правдата како првична реакција кога од неа лично ќе ја побараат засегнатиот граѓанин или засегната група граѓани. Не институциите како во случајот со Тричковски.

Ни станува ли  државата македонскиот Макарти. Дали е тоа институцијата држава во целост, одделни центри на партиски гарнитури или е ова само последица на вкоренетиот клиентелизам, во конкретниов случај експониран кај обвинителството. И, како се вели она – не го тегни ѓаволот за опашот. Неделава високи владини функционери соопштија дека подготвуваат законско стегање на каишот на темата клевета, навреда и дузина други вербални вокабулари. Се чини се подготвуваат црни денови за карактерно форматираните кои со непристојни зборови пукаат јавно. Останува надежта дека со новите законски идеи власта нема да ја помине црвената линија на елементарната слобода затоа што таа на граѓанинот му припаѓа природно.

Некои тези во овие редови веројатно ќе покренат одредени реакци за тоа што е тоа навреда, што е тоа говор на омраза, се злоупотребуваат ли социјалните мрежи и можноста што тие ја пружаат за безгранично слободен јавен дискурс. Или пак ќе се констатира дека секој говор, секој напишан збор на Фејсбук на Твитер на Инстаграм, колку и да е тој сместен во регистарот на навредувачки поими, е всушност одраз на високиот степен на демократичност во општеството.

Независно од тоа, ако е факт дека амбиентот во нашето општество дозволува навредата да е либерална, декриминализирана, тоа подразбира државата да си седи настрана од јавните полемики на слободниот и слободарски интернет простор колку за некого тие и да се навредливи. А погодените од нив, од говорот на омраза, секогаш имаат можност сатисфакцијата од навредите да си ги бараат пред граѓанските судови. Таму се дели правдата без посредство на политиката. Таму оштетените, навредените, душевно погодените, треба да си го побараат реваншот. Па ако авторите на вулгаризмите судот ги закачи со по две, три, пет илјади евра и ако при практикувањето на нивното  разбирање за слободата на изразувањето таа авто инвестиција во нивниот имиџ им е социјално поднослива, тогаш нека си продолжат со дизајнот на сопствениот речник на отворените мултикомуникациски интеракциски простори какви што се популарните социјални мрежи.

Засега, правосудната постапка „Тричковски“  е енигма. Станува збор за изолиран чин на културолошко воспитна акција на обвинителството или пак за седржавно мобилизирање за сеграѓанско дисциплинирање?

Што и да е, едното или другото, кога е од државата, макартиевски е.

Оттука и моето волтeрoвско: Во нивната нагласено „етичка“ безграничност не ги подржувам Тричко, Најче, Апасиевче, Миленче, Цветче, Гелче и сличните. Ама осудувам обиди за државен интервенционизам врз сечиј збор каков и да е и од кого и да е.

Државата настрана – силно за слободата!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.