Денешна дата
26/11/2020

Говор на омраза (1): Политичките ботови ја шират нетрпеливоста

За работите да се сменат од корен, потребна е активна вклученост на целото општество. Освен  едукација на новите генерации, неопходно е и институциите сериозно да го сфатат овој проблем.

 

Пишува: Бјанка Станковиќ

 

Во минатото говорот на омраза се среќаваше само на улиците, преку испишување на навредливи симболи, графити, цртежи, преку палење на знамиња, верски симболи или ,пак, делење на летоци со содржина која поттикнува омраза по било кој основ.

Но денеска, во ерата на Интернетот, ова деструктивна активност сè одвива на полесен, поедноставен и поефикасен начин. Лесно достапните платформи успеваат со неверојатна брзина да ги шират овие штетни информации, а реакциите од вжештените глави  брзо испливуваат на површината.

Сведоци сме на напливот од објави, коментари и реплики на социјалните мрежи кои најчесто се полни со говор на омраза по основ на етничката припадност, политичката определба, но не изостануваат и навреди по други основи. Дополнително, актуелните политички и секојдневни случувања само ги разоруваат емоциите помеѓу луѓето.

Социјалните мрежи освен што ни овозможија брза комуникација, споделување вести, слики, музика и објави од секаков контекст, тие со себе ги донесоа и нус појавите. Со неколку клика во секој момент можеме да се најдеме како директни или индиректни учесници во некаква интернет дебата, која завршува како расправија проследена со говор на омраза, закани, повикување на насилство, но и зајакнување на веќе постојните стереотипи и предрасуди во општеството.

 

НАМЕСТО ДЕБАТА, МЕЃУЕТНИЧКА ОМРАЗА

 

Новинарот Сунаи Сабриоски смета дека особено младите треба да сфатат дека со лични навреди и онлајн пресметувањата нема да го решат проблемот. Посочува дека сите етникуми во Македонија се с`ржта на интеркултурните односи, кои за жал во нашата држава се перцепирани како негативни. Најголем проблем за Сабриоски е различната перцепција на зборовите, поради која доаѓа до судир на културите. Тој вели дека за да биде уште подраматична целата ситуација на денешната младина – технологијата овозможи 24/7 часа расправија по социјалните мрежи.

„Нестрпливо се чека некаков статус, слика или видео преку кој по автоматизам ќе се роди двонасочна комуникација пропратена со говор на омраза, хумор, сатира, сарказам и дискриминација. Се почнува со лајк, а завршува со контрадикторен реферат. Вие Ромите, Ние македонците, Тие Албанците, Оние Србите и Бугарите и така натаму, создавајќи огледало како рефлексија на цела таа лајк генерација“ – додава Сабриоски.

Ако за уличните графити и натписи со говор на омраза за кои луѓето бурно реагираат, се чини дека истото на Фејсбук и Твитер станува секојдневие. Коментарите и објавите на корисниците се бришат или пријавуваат, но тоа не ја оспорува можноста тие да се појават од друг профил, најчесто анонимен или како што велиме „лажен“.

Дел од овој проблем се токму овие профили и таканаречените интернет ботови. Овој феномен не изостанува и кај нас. Карактеристично за нив е што најчесто се појавуваат во моменти на значајни политички збиднувања.

 

 

„Интернет бот или само бот претставува краток опис за интелигентен софтверски робот. Најчесто извршуваат едноставни и структурно повторувачки задачи, со многу поголема брзина од човекот (кликови, пишување коментари и слично), но може да вклучуваат и вештачка интелигенција. Дел од нив се користат во позитивни цели како што се индексерите на пребарувачите, додека голем број може да бидат користени со негативна цел и примена, особено во политички кампањи“

 

 

БОТОВИТЕ ПРАВАТ ГОЛЕМА ШТЕТА ВО ДЕМОКРАТСКИОТ РАЗВОЈ

 

Бојан Кордалов, експерт за социјални медиуми, вели дека во реалноста ботовите можат да направат конфузија и намалување на актуелноста на одредени дебати. Нивното попречување прави голема штета за демократскиот развој на општествата.

„Штетните последици од ботовите во политичка смисла или во политичката борба се гледа главно во намерата да се изврши влијание т.е да дадат поддршка за одредена страна за која им е дадена насока да ја застапуваат“,  додава Кордалов.

 

 

„Во преносно значење, терминот бот се користи за припадниците на интернет тимовите на политичките партии чија должност е да пишуваат коментари за поддршка на своите партии и лидерте на онлајн порталите и социјалните мрежи, обидувајќи се да на тој начин да извршат влијание на јавното мислење“

 

Експертите сметаат дека освен подобрување на праксата на законите, нужно е креирање на свесни и дигитално едуцирани индивидуи кои ќе ја добијат оваа битка. Кордалов вели дека сите негативни појави од дигитализацијата и компјутеризацијата се развиваат со големо темпо во голема мера заради немањето знаење и вештини.

На ова се надоврзува и Славица Анастасовска, правничка од Хелсиншкиот комитет за човекови права, која вели дека најважно е да се работи на подигање на свеста на луѓето.

„Тие кажуваат некаков став, некое мислење кое е проблематично бидејќи навлага во говорот на омраза, а не е слобода на изразување. Има граница помеѓу овие две работи и луѓето треба да се свесни до каде е таа граница“, изјави Анастасовска.