Денешна дата
26/11/2020

Помирување и правда

пишува: Денко Малески

 

Ваше мислење за „помирувањето“, вели некни новинарката на „Нова Македонија“. По кусата телефонска изјава која се однесуваше на нашите македонски состојби, продолжувам да размислувам на оваа тема. Речниците имаат една едноставна дефиниција за помирувањето: процес во која две личности или две групи на луѓе или две држави, после расправија, па дури и војна, одново се однесуваат пријателски.

Дали на тоа помирување мислеше премиерот Заев кога ја повика „левата страна да и пружи рака на „десната“, и обратно? Помирување за насилство е можно само преку примената на принципот на правдата. Има една елементарна лекција која насилниците од македонскиот парламент мораат да ја научат, за да ја научи и општеството во целина: твоето право да мавташ со рака (или со ТВ постамент) завршува на неколку сантиметри од мојата глава. Зошто? Затоа што тука почнува моето право да не бидам повреден, па следствено на тоа, ако ме повредиш мене и моето право, следува казна. Или, ако си ги отворил вратите на парламентот за да влезе толпата демонстранти, кршејќи ги правилата на претставничкиот дом и загрозувајќи ги животите на колегите пратеници, одговараш за сторениот прекршок. Во науката, ова се нарекува ретрибутивна правда која почива врз прастарото начело „око за око“, кое, патем речено, е вообичаеното гледање на правдата од која се очекува казна. Казната, се разбира, треба да биде соодветна на делото. Во таа смисла треба да се прави разлика во мотивите и дејствијата на поединците кои, како дел од толпата која провали во македонскиот парламент. Насилниците, нарачателите и организаторите на насилствата заслужуваат еден вид казна, оние кои го произвеле националистичкиот бран, друга, а оние кои биле понесени од него и од своите патриотски чувства, трета. Уметниците, како нашиот истакнат оперски пејач Дурловски, на пример, по правило, не припаѓаат во првата категорија.

Но, нашите  македонски несогласувања се пошироки и подлабоки од настаните во парламентот од 27 април. Тие може да не воведат во долгорочно нарушување на односите во општеството и до зголемено насилство. Во такви ситуации, општествата посегнуваат по она што се нарекува ресторативна правда. Овој вид правда е таков одговор на криминал кој бара жртвите, извршителите и општеството заеднички да ја обноват хармонијата помеѓу скараните страни.  Помирување, да, но околу што, и велам на новинарката. Ние и досега имавме некакво наше помирување. Имено, тоа се случуваше секогаш кога новата власт им ги простуваше гревовите (измамите, кражбите и корупцијата) на старата, со намера да си го обезбеди истиот статус за себе по идната смена на власт. Меѓутоа, длабоката криза во која што се најде нашата држава и јавното отворање на досиејата од „бомбите“ преку Специјалното обвинителство, како и големата инволвираност на меѓународниот фактор, ја исклучува таквата можност денес.

После сето она што се случи во „заробената држава“, помирување за ваков вид криминал не е можно преку простување туку само преку правда. Всушност, ако сегашната власт не успее да го реформира судството во насока на негова независност, се изложува себеси на огромна опасност: нереформирано судство, на некои наредни избори, повторно да падне во рацете на политичкиот противник кој ќе ја „фрли во затвор“ досегашната власт, имало докази или не. И така, во недоглед. Еднаш прекршеното балканско правило дека оние кои се менуваат на власт си ги простуваат гревовите, храбро направено од водствата на СДСМ и ДУИ, конечно го отвори патот кон правната држава. Не можам да го употребам зборот неповратно, зашто секакви изненадувања се можни во политиката, домен со кој управува непредвидливата човечка природа. Сепак, може слободно да се каже дека патот е пробиен. Ако работиме посветено на афирмација на принципите на правната држава, ќе разбереме дека тие се спас за сите, па и за оние кои сега се на власт, а после некои идни избори, нема повеќе да бидат. Затоа, да се помириме околу правната држава!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.