Денешна дата
26/11/2020

Говор на омраза (2): Закони имаме, но не и пракса со епилог

Важно е да се научи тенката граница помеѓу слободата на изразување и говорот на омраза, која во ниеден случај не треба да се премине, ако сакаме да изградиме демократско општество. Но, да не се занемарува и првичната цел на социјалните мрежи, која денеска се чини оди во друга насока.

 

 

Пишува: Бјанка Станковиќ

 

Во Македонија, оној кој преку информатички и компјутерски систем ќе шири говор на омраза или ќе се закани дека ќе стори кривично дело, ќе биде казнет со казна затвор од една до пет години. Експертите се согласни дека постои соодветна законска рамка, но проблемот е во надлежните институции.

Кордалов вели дека постоечките законски прописи нудат заштита, но она што ни недостасува е добра имплементација, односно законска примена. Потребна е добра пракса и соодветен кадар, а и за тоа е неопходна квалитетна едукација, прилагодена на новото време и трендови.

Со ова се согласува и Славица Анастасовска. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права постојано го гледаат говорот на омраза, го идентификуваат, посочуваат по кој член треба да се гони и го класифицираат согласно праксата од Европскиот суд, меѓутоа во Македонија судовите не реагираат на овие ситуации.

„Јавното обвинителство како да не е заинтересирано за овие постапки. Има околу 7 кривични пријави од 2015, 2014 и 2013 за кои се уште нема обвинение, а не па крајна разрешница. До МВР има уште 13 пријави кои што исто така воопшто не се процесираат“ – изјави Анастасовска.

Според статистиката што тие ја водат во Хелсиншкиот комитет, имаат регистрирано над 300 пријави за говор на омраза во период од февруари 2014 до октомври 2018 година. Најголемиот дел од нив, 180 пријави се однесуваат на говор на омраза поради етничка припадност, а 106 поради политичка припадност. Пријавите се најчесто од Фејсбук и Твитер статуси.

Од Министерството за внатрешни работи, велат дека согласно член 144 став 4, во нивната официјалната електронска евиденција регистрирани се вкупно 18 кривични дела „загрозување на сигурноста“, сторени по пат на информатички систем и пријавени се 14 сторители, од кои:

  • Во 2016 година регистрирани се три кривични дела и пријавен е еден сторител;
  • Во 2017 година регистрирани се пет кривични дела и пријавени се двајца сторители;
  • Во периодот од јануари до септември 2018 година регистрирани се 10 кривични дела и пријавени се 11 сторители.

 

Процесот за решавање на овој проблем е бавен и тежок, но со цел да се прекине магичниот круг во кој на говорот на омраза се возвраќа со омраза, потребни се долгорочни стратегии. Кордалов смета дека властите мора да вложуваат во стручен и потенцијален кадар, а не вработувања по други клучеви и линии.

„Тие тимови ќе треба да ги спроведуваат ваквите реформи ослободени од политичките, националните, половит еи било кои други стеги и предрасуди. Само на овој начин ќе може да почнеме да градиме нови индивидуи имуни на негативни појави во интернет сферата. Како општества треба да изградиме „одбранбени механизми“ кај секоја индивидуа за лично справување и препознавање на ваквите појави“ додава Кордалов.

Медиумите, особено интернет порталите кои поради кликови и брза заработка, ги пренесуваат информациите со невнимателност . Експертите и дел од јавноста се согласни дека не треба слепо да се пренесуваат Фејсбук или Твитер статуси на познати личности, чиј збор има друга тежина и може да предизвика поголеми последици од очекуваното, земајќи предвид дека тие имаат илјадници следбеници.