Денешна дата
11/12/2018

Американските избори

Пишува: Александар Кржаловски

 

Откако на 19 октомври се изгласа почетокот на постапката за уставни промени, како да стивна и јавната дебата, а и расправите во Собранието. Се чини дека тоа гласање беше катарзата во процесот на реализација на обврските од Преспанскиот договор, односно кулминација на поларизацијата по ова прашање: за и против самиот договор; или некои делови од него; против или бојкот; предавници или патриоти; дали не се за ЕУ/НАТО тие што се против договорот; итн. Во деновите потоа и особено по турбуленциите во ВМРО-ДПМНЕ (исклучувања на пратениците кои тој ден гласаа „за“, а потоа и на некои други членови) не се случија масовни протести, немаше ни многу дебати за предложените уставни амандмани, а еве во меѓувреме – тие веќе и се усвоија во надлежните комисии на Собранието. Се чини дека и последната епизода од овој процес – финалното гласање за уставните амандмани, ќе помине со доста помала драма од она што го видовме во петочното ноќно гласање. Секако, во меѓувреме не недостигаа и други поинтересни вести и настани кај нас, но остави простор да се позанимаваме и следиме малку што се случува и надвор од Македонија.

 

Една од таквите поинтересни работи минатата недела беа изборите со Соединетите Американски Држави (САД), кои се одвиваат на секои две години според правилото во „првиот вторник, после првиот понеделник во ноември“. Изборите беа за двата Дома на Конгресот, како и за гувернери во одреден број сојузни држави. Овој пат немаше претседателски избори (тие се на секои 4 години, па следните се во 2020 г.).

Уште истата вечер, беа познати двата најважни резултати од изборите, дека Демократите освоија мнозинство во Домот, а Републиканците го задржаа мнозинството во Сенатот, па слично како и кај нас двете партии (т.е. сите) прогласија победа. Овие резултати до крајот на вечерта гласеа: 220:199 (од вкупно 435) во Домот за Демократите (со се уште непрогласени 16 места) и 51:45 во Сенатот за Републиканците (уште 4 изборни „трки“ не се решени).

Но, она што ми се виде чудно е што и недела дена по самите избори, ситуацијата не е многу променета, односно резултатите се 51:46 (само уште едно место во Сенатот е одлучено, а остануваат три) и 225:200 (т.е. прогласени се уште шест нови „победи“, а остануваат во трка уште десет).

 

Ова ме наведе да истражам малку зошто е тоа така, па во процесот научив неколку работи. На пример, дека секоја сојузна држава има своја изборна комисија и изборите не се организираат на ист начин во секоја од нив, односно има и различни изборни правила низ државите. Тоа се однесува и на начинот на гласање и на броење на гласовите, па така на пример во Аризона – над 70% од гласачките ливчиња се праќаат по пошта и мора да бидат потпишани (идентично како во избирачкиот список) и ако нема потпис или тој не е идентичен – ливчето се враќа на гласачот на корекција, па повторно се праќа до комисијата. Затоа, самото утврдување на резултатот трае многу подолго отколку во повеќето други држави.

Аризона (и Флорида) се посебно интересни, заради тесната разлика на досега преброените гласови во сенаторските трки, а за кои претседателот Трамп веќе објави (твитер) коментар за „изборна измама“. Имено, по нешто над 2,1 милиони преброени гласови, и покрај водството на републиканската кандидатка Марта МекСали во текот на изборната ноќ, сега демократската кандидатка Кирстен Синема води за нешто над 30,000 гласови или 1,5% од гласовите. И двата изборни штаба изразија очекување и надеж дека преостанатите гласови кои треба да се пребројат, ќе бидат во нивна полза и на крајот ќе доведат до победа.

Некои од медиумите кои се наклонети кон Републиканската партија и претседателот Трамп, продолжија со експлоатирање на тезата на претседателот за изборна измама, иако не наведуваат докази за такво нешто. Ви звучи познато?

Но за разлика од кај нас, во САД уште веднаш високи претставници од самата Републиканска партија го демантираат „нивниот“ претседател. Прво тукушто реизбраниот гувернер на Аризона Даг Дјуси (од истите тие бирачи кои гласаа и во трката за сенатор од Аризона) објави твит нагласувајќи дека секој глас е важен и мора да се избројат сите пред да се прогласи победа за едниот или другиот кандидат. Потоа и досегашниот сенатор Џеф Флејк изјави дека нема докази за изборни измами. На крајот и самата кандидатка МекСали изрази доверба во изборниот процес, изјавувајќи дека е осигуран еднаков третман на сите гласови.

 

Сепак, најголемо внимание ми предизвика напис во Вашингтон пост од Кристијан Карил, по наслов „Сега знам какво е чувството да се живее во банана република“. Имено, тој бил долгогодишен (20 г.) дописник за избори во многу држави низ светот (и со долга демократска традиција, а и во новите пост-комунистички земји, како и трети држави вон Европа). Тој постојано известувал и од прес-конференциите на набљудувачките мисии на ОБСЕ од сите тие избори, а во написот се осврнува на извештајот на ОБСЕ токму за последниве американски избори (патем, извештајот можете да го прочитате во целост на следниот линк: https://www.osce.org/odihr/elections/usa/402401?download=true).

Некои од неговите најважни наоди вреди да се споделат и споредат со нашата ситуација и сличните извештаи на ОБСЕ за нашите избори.

Прва му е констатацијата дека за жал најголемиот дел од американците и не знаат дека ОБСЕ ги набљудува и американските избори, а и самиот извештај од ОБСЕ често не добива големо медиумско внимание (за разлика од кај нас). И тука го наведува првиот „шок“ дека всушност во 12 сојузни држави – не е дозволено (т.е. забрането е) да има странски набљудувачки мисии !?

Понатаму, додека воведните констатации на ОБСЕ извештајот се традиционално позитивни и дипломатски спакувани (на пример, дека изборите биле компетитивни… и ова ни звучи познато нели, од нашите декемвриски избори 2016-та), отприлика тука завршуваат „добрите вести“ и во најголем дел од клучните наоди се критикуваат недостатоците на процесот. За почеток, има неколку крупни забелешки околу изборниот список (регистрација на гласачите) и остварувањето на правото на глас. Извештајот наведува најмалку над 11 милиони гласачи не можеле да гласаат (пр. Дистриктот Колумбија во Вашингтон или над 6 милиони осуденици), а има и проценка дека над 50 милиони граѓани со право на глас воопшто не биле регистрирани за овие избори. Тоа е околу ¼ од вкупното гласачко тело, па бројката во Македонија од околу 40,000 „фантомски гласачи“ од кои потоа над 10,000 самите се пријавија за гласање (па испадна дека не се фантомски) го сведе проблемот со списокот на околу 1,5% од гласачкото тело. ОБСЕ повикува на „адресирање на овие долгорочни предизвици за обезбедување на соодветна изборна инфраструктура“. И ова ни звучи познато, нели?

Начинот на финансирање е истакнат како посебен проблем и се наведува дека „недостига целосна транспарентност“, констатирајќи дека овие избори биле најскапи до сега со прикажани трошоци од 5,2 милијарди долари (ова е повеќе од целиот годишен буџет на Република Македонија) и дека најголем дел од трошоците ги направиле двете најголеми партии (Демократската и Републиканската), поврзувајќи го тоа со нам добро познатата фраза за „нерамен терен“.

Конечно, нема пофални зборови и за реториката во кампањата. Иако се зборува за големиот диверзитет на медиуми и добро покривање на кампањата што овозможило информирана одлука на гласачите, се укажува на нетолерантната и дискриминирачка реторика во многу случаи и се потсетува на „есенцијалната улога на медиумите за вистинито и балансирано известување“. Ништо ново, нели?

Извештајот изобилува и со други констатации и критики, но верувам ја добивте сликата и споредбата со нашата реалност на изборниот процес.

 

Наместо заклучок – дилема: или Америка веќе не е (толку добра и демократска) како што некогаш била… или пак ние не треба да имаме толку големи очекувања од нашиот изборен процес и престрого да ги оценуваме фалинките кои се случуваат секој изборен циклус во помала или поголема мера (а кои споредено со американскиве делуваат како релативно мали и неважни за исходот од гласањето).

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.