Денешна дата
19/04/2019

Кристиjан Руп, портпарол на Сојузната платформа „Дигитална Австрија“: Австрија ги замени хартиените документи со дигитални

Г-н Кристијан Руп е портпарол на Сојузната платформа „Дигитална Австрија“ и координатор на иницијативата „Дигитални МСП“ во Австриската федерална стопанска комора. Тој беше еден од говорниците на Самитот „Македонија 2025“, кој се одржа во Скопје од 7 до 9 ноември, каде што го сподели своето искуство во областа на дигитализацијата.

 

 

Г-н Руп, што точно претставува профилот на „Дигитални МСП“?

– Се обидуваме да им помогнеме на нашите членови да разберат што значи дигитализацијата за нивниот бизнис и како тие можат да ги направат првите чекори во процесот на дигитализација. Ние не зборуваме само за индустријата. Станува збор за мали и средни претпријатија во занаетчиската индустрија, на пример, фризери, столари. Навистина е, да речеме, иновативно за малите компании да разберат како може 3D печатачот да помогне, на пример или што е „обработка во облак“ (cloud computing). На крајот, што е вештачка интелигенција и како овие технологии можат да обезбедат подобри услуги. Ова е исто така корисно за нашата влада и за јавната администрација, бидејќи сите овие технологии се менуваат и е-влада дефинитивно претставува симбол за модерната земја како да се обезбедат подобри услуги за Владата, за граѓаните и за претприемачите.

 

Можете ли да ја објасните ситуацијата во Австрија во споредба со ситуацијата во Македонија, бидејќи тука, печатот сè уште е валиден доказ за поседување на оригинален документ?

Тоа е волшебниот триаголник на дигитализацијата – што е технолошки можно; што е законски дозволено и дали постои политичка волја. На пример, технички нема проблем да потпишувате документ електронски, да имате електронски печат, што и да е потребно. Дали е законски дозволено? Во ЕУ имаме регулатива така што јавната администрација мора да прифати дигитализирани потписи. Во Австрија започнавме во 2001 година со електронски потписи, а во 2004 година го имавме првиот закон за Е-влада во Европа. Овој закон овозможува потписот со рака да биде еднаков на електронскиот потпис и секоја канцеларија на јавната администрација треба електронски да го потпише својот документ, така што таа мора да има електронски печат, да имаат електронски потпис и ако клиентот сака, тој исто така може да добие електронска испорака на овие официјални документи. Значи, според овој закон, граѓанинот има право да има електронска комуникација со јавната администрација.

 

Значи, електронските документи се важечки за јавните институции?

-Оригиналниот документ е електронскиот документ. Нема повеќе хартија.

 

Познавајќи ги македонските околности, дали мислите дека овој процес треба да започне од јавните институции, а потоа да биде пренесен во приватниот сектор, или да се одвива паралелно како процес?

Технологијата е веќе тука. Постои една компанија во Македонија која обезбедува електронски потписи, па мислам дека може да почне сега на двата начини, во јавната администрација и во бизнисот, но сепак потребен е закон за да биде законски дозволено да се користат ваквите можности. На пример, за да биде законски дозволено да се потпише договор по електронски пат, за да може законски да се потпише фактура по електронски пат. Исто така, во Австрија, имаме и закон, ако имате договор со федерално министерство, не ви е дозволено да испратите фактура во хартиена форма, туку мора да испратите електронска фактура, а ако сте дел од процесот на набавки, треба да го направите тоа по електронски пат, повеќе не прифаќаме хартија. На овој начин вашата влада може да ги принуди компаниите да го прават тоа по електронски пат, но исто така мора да ја натерате јавната администрација да прифаќа електронски потписи. Треба да ги обучувате за ова и да имате можност за тоа. Можете да го докажете електронскиот потпис и на хартија. И ова е нешто што мора да се спроведе во Македонија. Ова е веќе регулатива на Европската комисија, па затоа автоматски е закон на сите европски земји во Европската унија.