Денешна дата
11/12/2018

ГРУЕВСКИ СЕ ЈАВИ НЕ ВО ЗАТВОРОТ, ТУКУ ОД БУДИМПЕШТА

  • Од долгогодишен лидер и еднодецениски премиер, Никола Груевски сега има статус на бегалец.
  • Груевски во Будимпешта за азил најверојатно ќе му се обрати на неговиот пријател, унгарскиот премиер Виктор Орбан.
  • Ако не се работи за наместени политички игри, ќе си даде ли оставка сега министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски?
  • Професорот Владимир Пивоваров  вели дека се уште не е потврдено од унгарската амбасада дали екс-премиерот има поднесено барање за азил.
  • Груевски од понеделникот се најде прв на страната за распишани потерници на Министерството за внатрешни работи.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

„Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега и побарав политички азил од унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам“.

Со овој  статус објавен на неговиот фејсбук профил Никола Груевски и ги скрати маките на полицијата која два дена го бараше насекаде и ги реши овдешните дилеми во јавноста, дали е се уште во земјава или избегал.

Груевски во Будимпешта за азил најверојатно ќе му се обрати на неговиот пријател, унгарскиот премиер Виктор Орбан. Од главниот град на Унгарија порача дека „секогаш ќе остане верен на каузата на Македонија и никогаш нема да отстапи“.Груевски и претходно тврдеше дека „ако треба за Македонија ќе се жртвува“, но сепак тој отстапи и избега од земјава.

Пред Груевски, со изјава на неговиот профил се појави актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, кој ја обвини власта за правење спектакал од случајот со Груевски.

 

ПОДЕМОТ И ПАДОТ НА ГРУЕВСКИ

Од долгогодишен лидер и еднодецениски премиер, Никола Груевски сега има статус на бегалец. Вака накратко може да се опише подемот и падот на Груевски. Во случајот „Тенк“, за набавката на луксузниот мерцедес вреден околу половина милион евра судот го осуди на двегодишна затворска казна, но за него се водат уште неколку предмети што ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Груевски е обвинет за злоупотреба на службената положба, изборни измами, злосторничко здружување и поттикнување насилство во случаите „Титаник“, „ТНТ“, „Траекторија“ и „Насилство во Центар“.

Слична судбина имаше и хрватскиот премиер Иво Санадер кој откако беше осуден на две и пол годишна затворска казна за воено профитерство се обиде да избега во Австрија, но по некое време им беше предаден на хрватските власти.

 

КОЈ ЌЕ ЈА ПОНЕСЕ ОДГОВОРНОСТА ЗА БЕГСТВОТО?

Сега единствено е нејасно како Груевски едноставно заминал преку граница. Преку илегални премини, со лажни патни исправи како Горан Грујовски и Никола Бошковски во Грција или пак можеби свесно е пуштен да избега со некаков претходен заткулисен договор?

Ако не се работи за наместени политички игри, ќе си даде ли оставка сега министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поради тоа што Груевски пред нос им избега и откако се знаеше дека ќе му биде потврдена затворската казна, не направи ништо за да го оневозможи во намерата. Од МВР останаа недостапни да одговорат на овие прашања.

Од матична партија на Груевски ВМРО-ДПМНЕ велат дека не знаат каде се наоѓа тој. „За статусот на неговиот фејсбук профил ми кажаа колегите додека се подготвував за прес конференцијата. Немам информации каде е и што прави“, изјави портпаролот на партијата Димче Арсовски.

Ниту премиерот Зоран Заев не знае дали е тој избеган и вели дека треба да се остават службите да го решат случајот. „Прво треба да се утврди дали Никола Груевски е надвор од државата. Очекувам институциите да ја завршат работата без да бидат повредени неговите човекови права и без повреда на законските процедури.“

Во врска со случувањата од петокот кога беше донесена одлуката дека нема одложување на затворската казна на Груевски па се до распишувањето на потерницата, Заев рече дека не може да лоцира одговорност кај институциите. „Судот и во овој случај работел исто како и за другите случаи кога одлуката е донесена во петок секогаш се остава периодот до понеделник да се јави на издржување на казната. Полицијата без налог не смееше ниту да го следи ниту пак да му се доближи на Груевски, ниту пак да презема некакви активности изминатите денови. За тоа постојат судски наредби. Сега има налог за потерница по која е распишана. Институциите верувам дека ќе ја завршат работата без да ги повредат неговите права и законите“.

 

ДАЛИ УНГАРИЈА ЌЕ МУ ДОДЕЛИ АЗИЛ?

Според професорот Владимир Пивоваров за сега се уште официјално не потврдено дали е тој статус навистина на Груевски и не е потврдено од унгарската амбасада дали екс-премиерот има поднесено барање за азил.

„Имајќи го предвид се што се случуваше претходно доделувајќи највисоки признанија на премиерот на Унгарија во време на аферата „Шпион“, нашиот претседател Иванов му додели медал за заслуги и со тоа се виде дека постои линк мелѓу таа и оваа власт. Но, доколку му додели азил не знам како Европа ќе го оцени овој чекор бидејќи Унгарија е членка на ЕУ.“, вели Пивоваров за Инбокс7.

Ако му се додели азил, Пивоваров смета дека во тој случај ќе нема право и правдини, што се од основните постулати на земјите од ЕУ. Тој додава дека Унгарија секако ќе ги има предвид директивити од ЕУ во донесувањето на конечната одлука за случајот Груевски. „Претпоставувам дека и Европската комисија ќе побара објаснување и во овој случај бидејќи се работи за држава во ЕУ која треба да го почитува европското право. Сепак да почекаме да видиме дали е вистинит фејсбук статусот и дали поднесено такво барање. Ддотогаш се е во сферата на шпекулации“.

Според него, несфатливо е како се дозволува да им се остави време на лицата кои се осудени на затворски казни да можат да избегаат.

Оној моментум на времето на врачување покана па се додека се чека да се јави сам во затвор сето тоа беше симптоматично со двајцата избегани во Грција Грујовски и Бошковски. Сето тоа наликува на една иста ситуација, и сепак МВР треба да ги почитува судските наредби и барањата на јавен обвинител, и постапи по наредби и не знам каде затаи таа комуникација суд – МВР. Сега е прашање дали ќе имаме повторно вакви случаи кои ни би се повторувале од моментот на давање на наредбата до моментот кога полицијата треба да го приведе што е сосем доволно да избега лицето. Бидејќи во земјава се водат случаи со милијарди евра штети и затоа судот треба да работи 24 за вакви случаи“, посочува Пивоваров.

 

ГРУЕВСКИ ПРВ НА ЛИСТАТА НА МВР

Никола Груевски од понеделникот се најде прв на страната за распишани потерници на Министерството за внатрешни работи, откако Кривичен суд ја извести полицијата дека не може да го пронајде екс премиерот да му го врачи решението за издржување двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“.

За него пишуваше дека има национална потерница и дека се бара заради извршување затворска казна во траење од две години. Но сега МВР ќе треба да ја преиначи во меѓународна потерница. Истото се случи и со Горан Грујовски и Никола Бошкоски обвинети во предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“ на кои откако им беше одреден притвор избегаа. И двајцата се наоѓаат на истата страна на лица по кои МВР трага. И по една година, од кога беа уапсени во Грција поради фалсификувани патни исправи тие се уште не се испорачани во земјава.